1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Опасност од морски мини во Црно Море

Јан Валтер | Елмас Топчу
2 април 2022

Земјите на брегот на Црното Море откриле морски мини кои плутаат во водата и ги деактивирале. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за поставување на мините, а не се знае ни колку ги има

https://p.dw.com/p/49KQT
Deutschland Symbolbild Seeminensprengung
Фотографија: imago/photothek/L. Johanssen

Турската морнарица, како што соопшти, од минатиот викенд неутрализирала повеќе морски мини кои плутале во водата. Една од мините била неутрализирана во близина на Босфор, а протокот привремено бил затворен за бродски сообраќај.

И романската војска на почетокот на неделава предизвикала контролирана експлозија на морска  мина, која рибарите ја откриле пред брегот на земјата.

Очигледно станува збор за т.н. котвени мини, кои фактички не плутаат на површината, туку се наоѓаат веднаш под површината на водата. Котва ги држи мините на сајла под водата, за да ги прикрие, а при контакт со брод, мината експлодира.

Стотици мини или само десетина?

Уште на почетокот на минатата недела руската тајна служба ФСБ и Министерството за одбрана во Москва предупредија од украински морски мини, кои се откачиле од нивните котви пред  Одеса при една бура. Прво стануваше збор за стотици мини, а подоцна руското Министерство за одбрана соопшти дека од околу 370 прикачени мини, се откачиле веројатно десетина.

Украина тоа веднаш го нарече лажна информација. Откриените експлозиви потекнуваат од украинските депоа, но од оние во  Севастопол и на полуостровот Крим, кои  Русија ги окупираше во 2014 година. Според наводите на Киев, Русија намерно ги пушта мините низ Црно Море, за да наштети на меѓународниот углед на Украина.

„Двете верзии се на прв поглед логични“, вели Јоханес Петерс, експерт за поморска стратегија и безбедност на Универзитетот Кил. На објавените фотографии се гледа дека станува збор за стари модели, веројатно од советско производство, со украински ознаки. На тоа укажуваат и турските власти. Но, факт е и ова: „Најдоцна од руската анексија на Крим, и руската морнарица има пристап до вакви мини.“

Deutschland Treibende Seemine in der Nordsee
германска морска мина во Северно МореФотографија: Havariekommando/dpa/picture alliance

Морските мини како важно оружје

Двете завојувани страни меѓусебно се обвинуваат за повреда на хуманитарното меѓународно право. За разлика од копнените мини, не постои меѓународен договор кој ги забранува морските мини, но соодветната Хашка конвенција, која спаѓа во хуманитарното меѓународно право, пропишува одредени правила во нивната примена. Тие исклучуваат дозвола за слободно пловење на мините низ меѓународните територијални води.

Напротив, дозволено е, во време на кризи и вооружени конфликти, поставување цврсто прицврстени морски мини во сопствените води заради заштита од напади од море. Но: „При секоја форма на поставување морски мини (...) се задолжителни основни принципи на внимателен надзор, контролирање на опасности и предупредување“, се вели во брошура на сојузното Министерство за одбрана.

Според тоа, Украина требало да испрати известување до морскиот сообраќај при минирање поголеми површини во североисточниот дел од Црно Море. Теоретски, Киев според Хашката конвенција требало да предупреди и за откачени мини.

Цивилниот морски сообраќај под притисок

Откако турската морнарица неутрализирала една од пронајдените мини и на кратко го блокираше Босфорот, турските власти привремено забранија и ноќен риболов во Црна Море.

Босфорот, како дел од поврзницата меѓу Црно Море и Средоземно Море, е една од најважните трговски рути за повеќе држави, со исклучок на Турција. Но, Босфорот е и пат за извозот на жито од Русија и - вообичаено – на Украина. Блокада на морскиот пат може да предизвика уште поголем скок на цените на житото. 

Türkei Das Minenjagdschiff TCG Akcay der türkischen Marine
Турски воен брод - ловец на морски миниФотографија: YORUK ISIK/REUTERS

Трговски пловидби на сопствен ризик

Многу бродарски компании поради војната во Украина и онака се под притисок: Здружението на германските бродари (ВДР) проценува дека најмалку 60 бродови од меѓународните трговски флоти се  блокирани во украинските пристаништа.  Сега пловечките мини предизвикуваат дополнителни проблеми. 

„Многу сме загрижени“, изјави Џокан Озкан од турското бродарско здружение КОСДЕР во интервју за турскиот дневник „Динија“. Тој добивал бројни повици од загрижени партнери, посебно од земјите од подрачјето на Медитеранот, кои сакаат да знаат дали да ризикуваат да ги испратат своите контејнерски бродови низ Босфор.

Покрај грижата за посадата, постои и огромен деловен ризик, зашто осигурителните транспортни друштва сега фактички одбиваат осигурување од воени штети. Значи, бродарите работат на свој сопствен финансиски ризик кога испраќаат свои бродови кон Романија, Молдавија, Бугарија или Русија и Грузија.

Колку опасни се старите мини?

Во меѓувреме, се чини дека опасноста е доста помала отколку што првично се претпоставуваше, зашто пловат само мал дел од бројот мини кој прво беше соопштен. Освен тоа, прашање е и колку се исправни старите експлозиви. „Според фотографиите, мините се во многу лоша состојба, но тоа не значи дека не постои опасност од нив“, вели експертот Петерс.

Напротив: токму староста и солената морска вода во која пливаат, можат да значат дека запалката може да се активира при полесен контакт отколку што е предвидено, на пример при контакт со душек за пливање. Затоа Петерс предупредува да не се потценува опасноста: „Мините се и остануваат големи топки полни со експлозив.“