1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасна игра на Турција

2 јуни 2010

По израелската акција врз конвојот со хуманитарна помош, се чини дека Анкара се одлучи за отворена конфронтација со Израел. Турскиот премиер Ердоган говореше за „масакр“ од страна на Израелците. Но, тоа е опасна игра...

https://p.dw.com/p/Nfj5

Дека Израел во остварувањето на своите интереси не се стеснува пред кој било, е факт познат во светот. Дека Израел не се плаши, под изговор на самоодбрана, да ги крши човековите права и безобѕирно да врши напади врз цивили со најбрутални воени средства, по последниот напад и не се потребни некои посебни докази.

Поради тоа мора да се постави прашањето: која беше целта на акцијата, која ја организираше една турска, наводно, невладина организација, поддржана од европски активисти? Она што беше наведено како крајна цел не беше постигнато. Ни беше пробиена морската блокада, ниту беше доставена хуманитарна помош во Газа. Со недели претходно, Израел преку дипломатски канали ја известуваше Турција дека конвојот ќе биде запрен, во краен случај, и со употреба на сила.

Неумерен бес на Ердоган

Израел ги оствари своите закани и спротивно на меѓународното право ги пресретна бродовите во меѓународни води. Потоа турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган искажа неумерен бес против Израел, впуштајќи се притоа во опасна игра.

Baha Güngör DW Türkische Redaktion
Баха Гингер, автор на коментарот

Турција не е која било земја, туку е членка на НАТО веќе 60 години. Оттука таа има обврска да го почитува мирот. На турските дипломати во последниот период им успеа донекаде да ги помират Западот и Иран и да посредуваат меѓу Сирија и Израел. Сепак, од почетокот на неделава Турција стана нов член на анти-израелскиот фронт на Блискиот исток. Нејзината веродостојност во идните преговори на тој начин, во најмала рака, е тешко оптоварена.

Во Турција беа мобилизирани илјадници демонстранти кои ја опколија израелската дипломатска мисија. Премиерот Ердгоан на состанокот на неговата партија продолжи со излевањето на бесот кон Израел, говорејќи за „државен тероризам“, за „режим заснован на лаги“ и го застапуваше мислењето дека оној кој сега ќе ги затвори очите пред „страшните недела на Израел, ќе биде ко-виновник за злосторства против човештвото“.

Турција мора да остане на патот кон ЕУ

Настојувањата на Турција за постигнување траен мир на Блискиот исток, на Кавказот или на Балканот се многу важни. Токму поради тоа, Турција не смее да дозволи да биде инструментализирана од немирољубиви држави од Блискиот исток кои немаат основни демократски структури. Во земјата се слушаат само ретки гласови кои одвај се слушаат, а кои предупредуваат на штетноста на дополнителната вербална ескалација. Во Европа, аргументите на Ердоган беа регистрирани со вџашеност. Иако тој го осудува антисемитизмот и ветува сигурност за Евреите во Турција, брановите анти-израелска омраза ја зафатија Турција.

Ретките разумни политичари во Европа, како Рупрехт Поленц, претседателот на комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, повикуваат да се продолжи со мотивирањето на Турција на нејзиниот пат кон ЕУ, наместо да се одбива поради религиозните или културолошките разлики.

Во кој табор би се нашла Турција, доколку пропадне нејзиниот пристап кон ЕУ, сега е потполно јасно. На Европската унија би и‘ било од полза, поради сопствените надворешно-политички интереси, и понатаму да ја одржува Турција на курсот на европските интеграции.

Автор на коментарот: Баха Гингер

Превод: Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска