1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Онлајн наставата во породилни болки

30 септември 2020

За 260.000 ученици и околу 25.000 наставници од основните и средните училишта, не е извесно дали онлајн наставата ќе почне навреме и без проблеми.

https://p.dw.com/p/3jCEx
Nord-Mazedonien | Coronavirus | Schultstart
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Еден ден пред почетокот на учебната година, сѐ уште се работи на технички решенија за оспособување на платформата за онлајн наставата. Целта е таа да обезбеди можност за ефикасна работа во услови на целосна оптовареност каква што ќе има утре, на 1-ви октомври, кога сите ученици што ќе следат настава од далечина ќе треба успешно да се логираат на платформата. А бројката на нејзини корисници не е мала: 260.000 ученици и околу 25.000 наставници од основните и средните училишта. Според наставници, логирањето на платформата и утрово не било можно.

„Се прават проби како би функционирала наставата преку апликацијата ‘Microsoft Teams’“, велат тие.

Слаби технички предуслови

Досегашните тестови на платформата покажаа проблеми. Исто како и завчера, така и вчера дел од учениците не успеаја да се приклучат на на неа. Од друга страна, наставници предупредуваат дека не е само во прашање платформата, туку и други технички предуслови за системот да профункционира целосно – интернет, опременост со компјутери, телефони...

Symbolbild Mädchen am Rechner
Фотографија: picture-alliance/empics/P. Byrne

„Ситуацијата е различна од училиште до училиште. Некаде нема Интернет, некаде е слаб или нестабилен. Јас на пример, користам свој интернет-пакет само за да не го оптоварувам училишниот. Но, тоа не ги решава проблемите. Пристапот до платформата е проблематичен“, вели наставник од средно стручно училиште.

Повеќе:

-Ковид-19 ги менува законите за основно и средно

-Комисијата пред тешка задача: Над 100 училишта бараат физичка настава

-Царовска и Филипче го претставија комбинираниот модел на настава

И родителите се соочуваат со различни видови проблеми- едни со несоодветна конфигурација на компјутерите, но и со финансиска неможност да го надградат или да купат нов. Други имаат проблем со интернет, трети со „презафатеност“ на комуникациските алатки.

„Имаме еден компјутер и две деца во средно училиште, кои според распоредот треба да следат настава во различни смени. Ако со еден компјутер треба да се следи настава од утро до вечер, ќе им биде проблем кога и како да ги реализираат задачите што потоа ќе им бидат дадени“, вели родителот.

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Schultstart
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Комплексен процес

Од МОН засега се посветени најмногу на решавање на комплексниот процес кој зависи од мноштво технички и нетехнички фактори. Министерката за образование, Мила Царовска, вети дека проблемите ќе се решаваат во од, и побара трпение.

„За прв пат во државата воспоставуваме гломазен онлајн систем и тоа го правиме за исклучително краток рок. Нема да биде се совршено и беспрекорно, но проблемите ќе ги надминуваме во од за што очекувам разбирање, поддршка и соработка од родителите, наставниците и од учениците“, рече Царовска.

Од ресорот образование два дена по ред потенцираат дека со оглед на обемноста и комплексноста на системот, како и бројот на корисници кои истовремено се најавуваат на платформата, тестирањата ќе помогнат за оптимизација на ресурсите.

„Резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани, и е започната оптимизација на ресурсите во сите три кластери на сервери: серверите за базите со податоци (database servers); ссерверите за балансирање на оптоварување (load balancer) и серверите за опслужување на корисниците (web servers). Тестирањето продолжува. Како резултат на истото, посочуваме дека е возможно повремено да добивате порака за грешка при поврзување со базата (error database connection), што е очекувано во предметната фаза на тестирање“, соопшти вчера МОН.

Дали наставата ќе почне на 1-ви oктомври?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикува што надлежните институции втор ден не успеале да се справат со проблемот.

„Во овој момент се поставува прашањето дали учебната година воопшто ќе започне на 1-ви oктомври? Покрај безбројните проблеми со кои се соочуват сите, за жал ќе има и ученици, близу 40 илјади, кои од различни причини нема да можат да пристапат до платформата. За непречено следење на наставата беа наведени потребни спецификации кои уредот треба да ги поседува. Дополнително, тоа извлекува близу 20 илјади денари од семeјниот буџет (...) Владата на СДСМ носи одлуки базирани на притисок од јавноста, а не врз основа на јасен, концизен и стручен план. Платформи кои не функционираат нема да ни донесат резултати“, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

14-годишен ученик со практичен изум во време на пандемија

Како што е веќе познато, учебната година треба да започне утре со комбинирана настава. За учениците до трето одделение, (со исклучок на оние чии родители не се согласиле), наставата ќе почне со присуство во училишните клупи. Врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата вчера одобри организацијата на продолжен престој на учениците во училиштата, за сите одделенија кои ќе започнат настава со физичко присуство. Препорака е  продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.

За сите други ученици - основците од повисоките одделенија и за средношколците, учебната 2020/2021 година треба да започне со онлајн-часови преку националната платформа за учење од далечина.