1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оли Рен на разговори во Скопје

23 јули 2009

Еврокомесарот Оли Рен престојува во Македонија. Со државниот врв разговара за напредокот на земјата во исполнувањето на реформите зададени со осумте бенчмаркови, пред објавувањето на Извештајот на ЕК во октомври.

https://p.dw.com/p/IvzK
Еврокомесарот Оли РенФотографија: picture-alliance/dpa

По средбата со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, еврокомесарот за проширување Оли Рен, поладнево се сретна со премиерот Никола Груевски, по што следуваа разговори во проширен состав со министрите вклучени во процесот на евроинтеграциите. На агендата на Рен се и средби со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и со членови на Националниот совет за евроинтеграции.

Во Скопје со две пораки

Евроамбасадорот Ерван Фуере неделава најави дека еврокомесарот Рен во Скопје доаѓа со две пораки. Првата оти со препораката за визна либерализација Брисел испратил порака дека кога се исполнети критериумите може да се смета на награда. Втората, дека ЕК ќе има аргументи да препорача датум за почеток на преговорите ако констатира напредок во реформите поврзани со осумте критериуми што на земјата и‘ беа испорачани во март минатата година. Од есенскиот извештај за напредокот на земјата, што ЕК треба да го објави во средината на октомври годинава, зависи дали Македонија, која има статус на кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, ќе добие датум за почеток на претпристапни преговори. Според осумте одредници, што ЕК и‘ ги испорача на Македонија минатата година, од земјата се очекува спроведување на сите обврски од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, дијалог меѓу политичките партии, имплементација на Законот за полиција, резултати во борбата против корупцијата, реформи на судството и на јавната администрација, мерки за справување со невработеноста и подобрување на бизнис климата.

Symbolbild Visum und Visa Warndatei
ЕК предложи безвизен режимФотографија: picture-alliance/chromorange

Посетата на Рен на Македонија е дел од неговата турнеја по земјите од Западен Балкан. Тој вчера ги посети Подгорица и Белград, а од Скопје заминува за Сараево.

Автор: АТ/миа

Редактор: Жана Ацеска