Окупацијата на хотелот по нападот во Могадишу е завршена
29 октомври 2017Членовите на радикално-исламистичката милиција Ал Шабаб вчера активираа две бомби поставени во автомобили во близина на хотелот „Наса Хаблод 2“. Притоа загинаа најмалку 25 лица, а повредени беа над 30. Властите не исклучуваат дека е можно зголемување на бројт на мртвите. Вооружените исламисти го нападнаа хотелот, кој инаку им е омилено место на политичарите и вработените во владата, и се забарикадираа. Според локалната полиција, еден од борците се кренал во воздух во текот на окупацијата на хотелот, која траеше околу 10 часа. Притоа загинале најверојатно и членови на безбедносните служби.
Претходно дојде до борба меѓу исламистите и безбедносните сили, која траеше до длабоко во ноќта. Локалните медиуми известија дека дел од напаѓачите се убиени, додека други се фатени живи. Во нападот учествувале најмалку пет борци на Ал Шабаб. Безбедносните служби претходно успеаја да спасат повеќе од 30 луѓе од хотелот. Меѓу спасените бил и еден министер.
Радикално-исламистичката милиција Ал Шабаб презеде одговорност за нападот. Сомалискиот претседател Мохамед Абдулахи Мохамед изјави дека неговата влада ќе им се спротивстави на терористите и дека нападот во тоа нема да ја запре. „Ја делам тагата на семејствата и пријателите поради новиот напад овде, во Могадишу“, рече претседателот Мохамед.
Милицијата Ал Шабаб, која има врски со Ал Каеда, се бори за создавање исламистичка божја држава во Сомалија и за цел има соборување на владата, која ја има поддршката на меѓународната заедница. Трупите на Африканската Унија и сомалиската армија ја истераа Ал Шабаб од Могадишу во 2011 година, но вооружените бунтовници се и натаму активни во земјата. Покрај напади врз сомалиски и странски воени бази, Ал Шабаб постојано изведува и напади во Могадишу. Во Сомалија има околу 22 илјади војници на Африканската Унија, кои воено ја поддржуваат сомалиската влада.