1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и САД: Прагматични партнери

Керстен Книп
26 ноември 2019

Германците и Американците гледаат сосема различно на германско-американските односи, покажуваат новите истражувања. Американците гледаат на овие односи претежно позитивно, а Германците генерално негативно.

https://p.dw.com/p/3Tjxg
UN-Generalversammlung in New York | Angela Merkel & Donald Trump
Фотографија: Reuters/Guido Bergmann/Bundesregierung

Оптимизам во САД, песимизам во Германија - вака би можело да се сумира резултатот од неодамнешната студија на Центарот за истражувања Пју од Вашингтон, која ги разгледуваше односите меѓу двете земји. Така, според истражувањето, дури три четвртини од Американците (75%) сметаат дека односите со Германија се добри, додека две третини од Германците (64%) сметаат дека се лоши. Дури и ова е подобрување во однос на претходната година, кога 73% од Германците имаа такво мислење.

Иако граѓаните на обете држави сметаат дека Германија и САД ги поврзува партнерство, други земји имаат повисок приоритет за нив. Така, 36 проценти од Американците ја сметаат Велика Британија за нивен најважен партнер, а потоа следат Кина, Канада и Израел. Германија е само на петтото место. Германците, од друга страна, придаваат поголемо значење на САД. Повеќето сметаат дека Франција е најважниот партнер на Германија, а веднаш по неа се САД. Дури 42 проценти од анкетираните сметаат дека Соединетите Американски Држави се земја со најголемо значење за Германија.

Односите со Русија

Сѐ поголема надворешнополитичка тежина во изминатите години добива Русија. Ова зголемено присуство во надворешната политика се рефлектира и во важноста која на Москва ѝ ја придаваат како американски граѓани, така германски државјани.

Повеќе на темата:

-Постојано кршење копја за Северен тек 2

-Помпео и германско-американското пријателство

-И германските шрафцигери на удар на американските царини за ЕУ

Забележително е дека 61 процент од Американците им придаваат поголемо значење на односите со Германија отколку со Русија, но затоа 26 проценти од испитаниците сметаат дека врските со Москва се поважни од оние со Берлин. Германците го оценуваат тоа поинаку: 39% од германските граѓани повеќе се грижат за односите со САД отколку со Русија, но точно една четвртина од испитаниците (25%) сметаат дека добрите односи со Москва се поважни од односите со Вашингтон.

Infografik deutsch-amerikanische Beziehungen Verteidigungsausgaben DE ***SPERRFRIST: 26.11.2019, 01:00 CET***

Американците и Германците различно го оценуваат и прашањето за распоредувањето на американските трупи во Германија: 56 проценти од Американците веруваат дека овие единици се од најголемо значење за национална безбедност и само пет проценти ги сметаат за незначајни. Од друга страна, во Германија, само 15% од анкетираните ги сметаат базите на САД како важен придонесувач за безбедноста на нивната земја и многумина ги сметаат за незначајни. Огромното мнозинство, нешто помалку од 70 проценти, го сметаат присуството на американската војска во Германија за значајно барем до одреден степен.

Германија: Поголем меѓународен ангажман?

Речиси истовремено, демографско истражување за ставовите на германското население кон надворешната политика објави и фондацијата „Кербер“ со седиште во Хамбург. Според студијата, 43 проценти од испитаниците рекле „да“ за тоа дека Германија треба да преземе поголема одговорност на меѓународно ниво, или да се фокусира повеќе на глобалните кризи. Наспроти тоа, 49 проценти од испитаниците сметаат дека Германија треба да остане воздржана.

Германците, според истражувањето на фондацијата „Кербер“, се особено загрижени за односите со САД под власта на претседателот Доналд Трамп. За нешто помалку од една четвртина од нив, односот со Вашингтон е најголем од сите предизвици, по кој следат односите со Русија - осум проценти од Германците сметаат дека тие се најголем предизвик. Четири проценти сметаат дека најголем предизвик се односите со Азија, вклучувајќи ја и Кина, а три проценти веруваат дека тоа се односите со Турција под раководството на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Кога станува збор за САД, 50% од анкетираните се за поголема соработка со Вашингтон, а околу една третина (35%) велат дека Германија треба да ја намали соработката.

Сума сумарум: Резултатите од двете студии покажуваат дека односите меѓу Германија и САД можеби не се лоши, но во секој случај  се далеку од одлични.