1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлуката за визите за Македонија и за Србија во јуни

18 мај 2011

Србија и Македонија се кандидати за враќање на визниот режим доколку не се намали приливот на лажни азиланти од овие земји, оценуваат во Европската иницијатива за стабилност. Одлуката би можела да биде донесена во јуни

https://p.dw.com/p/11HsV
Фотографија: Anila Shuka

Земјите членки на ЕУ се загрижени поради големиот прилив на лажни азиланти и се обидуваат да воспостават механизам кој, во случај на злоупотреба на слободното патување, би овозможил привремено, но и брзо, повторно воведување на визниот режим. Франција и Холандија уште минатата година упатија вакво барање. Но, другите земји-членки тогаш сакаа да причекаат и да видат дали состојбата ќе се промени. Меѓутоа, со оглед на тоа што бројот на барањата за азил не се намалува, безвизниот режим за некои земји е се‘ понеизвесен.

„Не мислам дека е загрозен во овој момент, но би можел да биде доведен во прашање за неколку месеци. Бројот на лажни азиланти од Македонија и од Србија не опаѓа, иако и минатата година беше многу висок. Минатата година од Србија имало 17.700 барања за азил, и оваа земја е на трето место во светот. Ако ја споредите со Авганистан, кој е на прво место и од каде пристигнале околу 20 илјади барања за азил, разликата е само три илјади“, објаснува за Дојче веле, Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност.

Одлуката се очекува во јуни

Европската комисија во јуни треба да излезе со предлог за тоа, како ќе функционира овој механизам. Темата ќе биде на дневен ред на јунското заседание на министрите за внатрешни работи на Унијата.

„Големо прашање е дали во донесувањето на оваа одлука ќе учествува и Европскиот парламент, кој се смета за пријателски настроен кон земјите кои добија безвизен режим, или тоа ќе биде на ниво на земјите-членки во договор со Европската комисија“, вели Штиглмајер.

Symbolbild Visum und Visa Warndatei
Македонските и српски граѓани би можеле повторно да застанат во ред за визиФотографија: picture-alliance/chromorange

Имајќи ги во предвид европските процедури, каква одлука и да се донесе таа нема да почне да важи од следниот ден, но можноста за привремено враќање на визниот режим ќе стане реалност. Иако постои голем притисок врз земјите од Западен Балкан да реагираат итно, во ЕСИ сметаат дека е многу поважно во превенцијата на проблемот да делуваат и самите земји-членки на ЕУ, на тој начин што ќе ја укинат помошта и другите поволности кои ги добиваат потенцијалните азиланти.

Проблемот локализиран на Македонија и Србија

Иако процентот на одобрени барања за азил е минорен, процедурата трае меѓу 6 и 9 месеци, а барателите во тој период добиваат сместување, храна, здравствена заштита и образование. Според Штиглмајер, тоа се многу подобри животни услови од оние кои луѓето ги имаат во Прешевската долина или во околината на Куманово.

„Овие одлуки треба да се донесуваат во рок од 8 до 12 дена, за луѓето да не доаѓаат само за да живеат тука 6 до 9 месеци. Тоа се економски имигранти, а азилот не е институција која ги штити нив, туку оние кои имаат политички проблеми во својата земја“, објаснува Александра Штиглмајер.

Според неа, добра вест е тоа што има уште доволно време да се спречи евентуалното враќање на визниот режим, и тоа што проблемот е изолиран само на Србија и Македонија,за разлика од БиХ и Црна Гора од каде не е забележан пораст на бројот на лажните азиланти.

Автор: Марина Максимовиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема