1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлука „тешка“ за Србија, „историска“ за Косово

23 јули 2010

Меѓународниот суд во Хаг потврди дека декларацијата за независност на Косово не го повредила меѓународното право, затоа што тоа не содржи забрана за такви декларациии. Србија најави продолжување на дипломатската борба.

https://p.dw.com/p/OS4n
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Претседателот на Србија Борис Тадиќ оцени дека одлуката на Меѓународниот суд на правдата за прогласената независност на Косово е „тешка за Србија“, но дека земјата ќе продолжи исклучиво со политички средства да го брани својот територијален интегритет. Претстојат „тешки денови“, но „дипломатската борба“ продолжува, смета и министерот за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ повторувајќи дека „Србија никогаш нема да ја признае независноста на Косово“.

Од друга страна косовскиот премиер Хашим Тачи смета дека мислењето на судот во Хаг е „историско и особено значајно“ за натамошно консолидирање на независната држава Косово. Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу смета дека оцената на судот на Косово му дава „право да биде држава“:

Boris Tadic
Борис Тадиќ оцени дека одлуката е тешка за Србија, но дипломатската борба продолжуваФотографија: DPA

„Ова мислење експлицитно позитивно одговори по секоја точка од одлуката која ја донесе Косово. Ова мислење силно повтори дека прогласувањето на независноста на Република Косово беше во целосна согласност со Меѓународното право, и право на народот на Косово на слобода и самоопределување,“ рече Сејдиу.

Време е Србија и Косово да се свртат кон иднината

Поздравувајќи ја одлуката, премиерот на Албанија Сали Бериша оцени дека Судот дал гаранција дека незвисноста на Косово е целосно во духот на меѓународото право.

„Ова е една историска одлука, величенствен придонес за стабилноста на Балканот и пошироко“, изјави Бериша, кој смета дека тоа, изтовремено, е и голема обврска и поттик Албанците да се ангажираат за изградба и консолидација на мирот, стабилноста и соработката во регионот.

Fatmir Sejdiu
Фатмир Сејдиу: Одлуката му дава право на Косово „да биде држава“Фотографија: DW

Претседателот на Албанија Бамир Топи, пак, оцени дека ставот на судот е многу значаен чекор за иднината на Косово и за неговата интеграција.

Хрватскиот член на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ изрази надеж дека мислењето на судот „на демократска Србија и се’ она што е демократско во српскиот народ ќе добијат сила да се свртат кон иднината“. Претседателот со претседателсвото Харис Силајџиќ смета дека „не постои никаква причинско-последична врска меѓу БиХ и Косово.“

Од друга страна, премиерот на Република Српска, Милорад Додик порача дека мислењето на судот во Хаг за независноста на Косово може да послужи како добар патоказ за Република Српска за натамошната борба за нејзиниот статус и иднина.

Milorad Dodik Regierungschef Serbien im DW Interview
Милорад Додик оцени дека одлуката на Судот е добар патоказ за Република СрпскаФотографија: DW / Sajinovic

Според високи извори во македонската дипломатија, одлуката на Меѓународниот суд за правда е антиципирање на решението за признавање на независноста на Косово од страна на македонската влада. Тие за Дојче Веле нагласија дека сега е време Србија и Косово да се свртат кон иднината, што е клучен фактор за стабилноста во регионот. Европската унија ќе мора да посвети поголемо внимание на позабрзано проширување кон Западниот Балкан со што би се амортизирале евентуални дестабилизирачки процеси на нови делби или прекројувања на границите. Во текот на денот за одлуката на Меѓународниот суд околу независноста на Косово ќе се одржат консултации меѓу претседателот на Македонија Ѓорге Иванов и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

Автор: АТ/ БГ/З.Јакупи/ВТ/АЧ/бета/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема