1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одложени изборите, одложени и проблемите!

Катерина Блажевска24 февруари 2016

Одложувањето на изборите со одредување нов датум, го спречи продлабочувањето на политичката криза, но не гарантира и нејзино брзо решавање, велат аналитичари

https://p.dw.com/p/1I0tt
Фотографија: DW/N. Velickovic

Македонија избегна продлабочување на кризата, но со одложувањето на изборите одложени се и проблемите. Вака соговорниците на Дојче веле ја оценуваат актуелната разврска, откако синоќа со 83 гласа „за“ и три „против“, Собранието ја повлече одлуката за распуштање на парламентот на 24 февруари. Според новата одлука, овој парламентарен состав ќе се распушти на 7 април, а изборите ќе се одржат 60 дена потоа, на 5 јуни. Аналитичарот Сашо Клековски е уверен дека одржувањето на избори во најбрз можен термин, со кредибилен избирачки список и со израмнет терен, не е само најдобро - туку и единствено решение што Македонија ќе ја води кон излез од политичка криза.

„Другите опции, како избори на 24 -ти април без опозицијата или пак пропаѓање на Договорот од Пржино, всушност не се опција. Но, одложувањето се чини не е само одложување на датумот на изборите на 5 јуни, туку и одложување на проблемите“, вели Клековски. Тој потенцира дека одлуката за одложување на изборите не е постигната со консензус на големата четворка.

„СДСМ опстои на својот став да не се одредува датум без постигнување на условите. СДСМ го постигна неопходното одложување, а ВМРО-ДПМНЕ издејствува фиксен датум, кој ќе биде се‘ потешко да се одложува. Во тоа насока е и изјавата на амбасадорот Бејли, дека со напорна работа може да се постигне кредибилен избирачки список за изборите на 5 јуни. Таа изјава звучи и како гаранција од САД дека тоа ќе се случи. Сега одговорноста е во ДИК. Сепак, Македонија го одбегна влошувањето на политичката криза и со одложувањето на изборите Договорот од Пржино доби нова шанса“, смета Клековски.

Нема веќе ни услови, ни оценка?

Но, дали одложениот датум сам по себе гарантира решение на проблемите? Ова прашање се наметна по обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој по три дена за првпат се појави во јавноста и на прес-конференција објасни какви гаранции добил од гарантите на Договорот.

„Претставниците на ЕУ и САД не‘ убедија во 4 работи: прво, дека ова ќе е единствено пролонгирање и дека нема да има ново. Второ, дека до изборите на 5-ти јуни повеќе нема да има разноразни преговори за организирањето на изборите, бидејќи и тие сега веруваат дека ДИК ќе има доволно време да ја заврши работата со прочистувањето на Избирачкиот список. Трето, дека нема да има поставувања на никакви нови услови за одржување на изборите на 5-ти јуни, вклучувајќи го и законот за медиумите. Четврто, нема да има нови проценки за тоа дали земјата е подготвена или не за избори од страна на ЕУ и САД, затоа што со поместувањето на датумот овие нешта се апсорбирани. Добивме уште едно цврсто уверување од претседателот на ДУИ, Али Ахмети, дека стојат цврсто за одлуката за избори на 5-ти јуни, со или без СДСМ“, рече Груевски.

По обраќањето на Груевски, главното прашање е - дали медиумските реформи се жртвувани? Амбасадорот на САД, Џес Бејли, не одговори директно на новинарско прашање - дали има вистина во изјавата на Груевски?
„Реформите во медиумите, слободата на медиумите остануваат многу важен дел не само за време на изборниот процес, туку се дел и од Итните реформски приоритети. Проценката за нив ќе биде според тоа како сите вие ќе ги покривате овие многу важни избори. Сите вие сте се обврзале на Етичкиот кодекс, и мислам дека на крајот сепак најважно ќе биде како самите ќе ја извршувате вашата работа и ќе му помогнете на македонскиот граѓанин да биде информиран и да ја согледа целосната различност на гледиштата“, порача Бејли.

На истата тема, европратеникот Ричард Ховит на Твитер напиша: „Имајте ја во предвид изјавата на ЕУ и САД дека 'медиумските реформи уште се дел од изборниот процес' и 'потребна е напорна работа за изборите да бидат кредибилни'“.

Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Фотографија: MIA

Клиентелизмот не е поразен

Имајќи ги предвид сите нејаснотии околу (не)обврзувачкото исполнување на условите за фер - избори, но и други актуелни „симптоми“, Ѓулистана Марковска, пратеничка од првиот состав на македонскиот парламент, смета дека одложувањето на изборите само со одредување нов датум, не е решение за политичката криза во Македонија.

„Тоа е само мала Пирова победа на опозицијата, која доби форма но не и суштина, бидејќи не доби датум кога ќе се среди клиентелистичката пропагандна медиумска сфера, со чија помош Груевски како цар суверено владее цела деценија“, смета Марковска.

Според неа, одложувањето на изборите не е главната вест на денот.

„Веста на денот е најавата за денешната седница на Уставниот суд, на која ќе се расправа за барањето за измена на Законот за помилување, со кое ќе му се овозможи на претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности. Тоа значи дека некој точно знае со какви докази располага Специјалното обвинителство и дека по веќе 'дежа ву' методи ги претвора во 'тоалетна хартија'. Време е меѓународната заедница да ги симне дипломатските ракавици и манири, да биде унисона во изјавите и во дејствувањето, доколку не сака покрај сериозната мигрантска криза да се соочи со граѓански судир во Македонија. Се плашам по кој пат оди Македонија сега“, вели Марковска.

Победници и поразени

Додека аналитичарите предупредуваат на можните стапици, во партиските штабови синоќа доминираше еуфорија и триумфализам.

„Ништо повеќе не зависи од Груевски, тој е минато!“, изјави лидерот на СДСМ.

„Во Македонија мора да има, и ќе има слободни, фер и демократски избори. Избори со прочистен Избирачки список и реформи за слободни медиуми. Мора да се избере нова влада со полн легитимитет. Промените доѓааат, на фер, слободни и демократски избори“, рече Заев.

„На 5-ти јуни ќе видете кој е победникот и кој е поразениот“, реплицираше Груевски.

„Ја слушав реториката на СДСМ, со очаен обид да прикажат некаков триумфализам, кажувајќи дека ова било нов пораз на Никола Груевски. Јас ќе им порачам: до 5-ти јуни можете да зборувате и да глумите се, па дури и победници. На 5-ти јуни ќе се срамите од самите себе“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот на СДСМ, Горан Сугаревски, во парламентот објасни зошто партијата не гласа за менување на одлуката од 18 јануари.

„СДСМ не гласаше за едностраната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за одложено распуштање на Собранието. Затоа, ниту сега нема да учествуваме во гласањето за нејзиното менување. Ова е голем срам што и‘ беше нанесен на Македонија од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, рече Сугаревски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, одговори дека единствен срам за политичка партија и за политичар, е да бега од избори.

„Ниту еден меѓународен посредник, ниту еден измислен пријател нема да ве заштити од волјата на народот. На 5 јуни, со вас или без вас, граѓаните на Македонија ќе го изберат новото Собрание, а вие да си продолжите и понатаму со вашата срамна, понижувачка, деструктивна и кукавичка политика. Да си барате пријатели секаде по белиот свет заради тоа што во Македонија повеќе ги немате“, рече Димовски.

Во ваквата реторика, аналитичарите не гледаат никакви знаци за намалување на поларизацијата меѓу партиите, а со тоа ниту на поделеноста во општеството, кои исто така се важен сегмент за создавање атмосфера за фер-избори.