Одблокирана сметката на А1 телевизија
8 февруари 2011Одлуката за сметката по жалбата на телевизијата беше пролонгирана од минатата недела. Надлежните во А1 тврдеа дека блокадата на сметката ќе доведе до проблеми во нејзиното работење и гаснење на телевизијата.
Претходно Судот на барање на обвинителството ја блокираше сметката на А1 и трите весници кои се во сопственост на Велија Рамковски со образложение дека на тој начин ќе обезбеди средства за обесштетување на државата во процесот кој се води против него и неговите соработници.
“Ова значи дека сме биле во право во она што го тврдевме. Се надевам дека судијата што ќе го води случајот нема да брза и добро ќе ги провери предлозите од јавниот обвинител“, изјави за Нетпрес адвокатот Мирослав Вуиќ.
По блокадата на сметката пред две недели, А1 телевизија во знак на протест почна да ги емитува своите информативни програми од пред зградата на Владата во Скопје.
Автор: БГ/ГЧ/нетпрес
Редактор: Горан Чутаноски