1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од убиец на климата до гориво

Кристина Редер / Симе Недевски12 декември 2014

Јаглеродниот диоксид кој е штетен за климата да се претвори во корисна суровина? Звучи привлечно, но неверојатно. Сепак, стручњаците во германскиот град Дрезден веќе создадоа екперименталнa постројка која го прави тоа.

https://p.dw.com/p/1E2m8

Главниот дел од експерименталната постројка се наоѓа во еден контејнер. Во него може да се влезе и одблизу да се видат деловите на машината кои не изгледаат ни малку спектакуларно. Метално ѕвоно бојадисано во сино, кабли, разни мерни инструменти. Со оваа „волшебна кутија“ научниците можат да иницираат т.н. електролиза, при која со помош на електрична енергија водата се раздвојува на водород и кислород. Тоа е првиот степен на постапката наречена „power-to-liquid“.

Нова постапка со висок притисок

Кај обичната електролиза се губи многу енергија при загревање. Постројката на компанијата Санфајр од Дрезден, меѓутоа, ја користи таа топлинска енергија и ја враќа во процесот. Работи на водена пареа, под висок притисок и многу високи температури (до 1.000 Целзиусови степени). Така постапката е поефикасна, објаснува соосновачот на компанијата Санфајр, Нилс Алдаг: „Специфичност на оваа електролиза е дека ја зголемуваме ефикасноста на 90 проценти, што значи трошиме значително помалку струја за да добиеме исто количество на водород.“ А тоа е пресудно, ако во понатамошната постапка од водородот и од за климата штетниот јаглерод диоксид би се добивало гориво кое може да се плати и кое би можело да се произведува индустриски.

Pilotanlage von Sunfire Elektrolyse-Einheit
Фотографија: DW/Röder

Голем интерес од индустријата

Поради можноста за економско користење оваа млада фирма доби неколку силни партнери од индустријата, меѓу кои се и нафтениот концерн Тотал и производителот на автомобили Ауди. Во експерименталната постројка во Верлтој, во гермнаската покраина Саксонија, Ауди од обновливи извори на енергија произведува плин за автомобили. Според принципот „power-to-gas“ тука од вишокот на енергија кој се добива од ветерот и од сонцето се произведува синтетички плин.

03.12.2014 DW Wirtschaft Sunfire 4

Пилот-постројката во Дрезден ќе произведува течно гориво, како што се дизел и бензин. Се завршуваат последите подготовки. Потребно е да се направат уште некои експерименти, а напролет постројката би требало да започне со работа. Санфајр има намера секојдневно да произведува 160 литри гориво.

Ауди е подготвен во тоа да инвестира многу за да може многу брзо на пазарот да понуди такво гориво, кое ја штити климата. Можеби тоа ќе се случи веќе за 5 години, вели доктор Хаген Зајферт, кој во Ауди е одговорен за билансот за заштита на околината, материјална иднина и обновливи извори на енергија. Затоа од сегашната лабораториска постројка што е можно побрзо би требало да се направи поголем погон. „Во моментов тоа не е во никој случај исплатливо со оваа постројка. Мора во секој случај да се изградат поголеми постројки. И пресудно е, секако, прашањето по која прифатлива цена може да се купува струјата.“

На пат кон индустриско користење

Пилот-постројката во Дрезден сигурно се’ уште не е мерило за вистинските трошоци за производство на бензин. Дури и кај евтината струја цената на горивата од обновливите извори е до 5 пати поголема од цената на горивото кое се добива од сурова нафта. Санфајр е сепак уверен дека уште во оваа деценија ќе продава комерцијални постројки. Директорот Нилс Алдаг смета оти тоа ќе бидат постројки кои ќе се поврзат со постоечките рафинерии. „Можеме тоа да го замислиме така што конвенционалната рафинерија ќе се надополни со постројка од Санфајр и тогаш ќе произведува мешавина на горива од фосилни и обновливи извори.“

03.12.2014 DW Wirtschaft Sunfire 3

Точните места за првите постројки се’ уште не се одредени. Но, фирмата е уверена во својот успех. Веќе се гради нова хала за идно производство на поединечните делови на постројката.