1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од стечајци до успешни фармери

12 октомври 2011

Дел од некогашните индустриски работници во Македонија кои станале технолошки вишок или стечајци, за да си ја обезбедат повторно егзистенцијата и да не пропаднат во зоната на сиромаштија, станаа фармери.

https://p.dw.com/p/12qW7
Фотографија: AP

Агенцијата за вработување на Македонија, заклучно со годинашниов јули, регистрира речиси 20 илјади невработени лица - приматели на парична помош како стечајци, или технолошки вишоци во нивните поранешни претпријатија. Тоа е само дел од армијата од 303 илјади безработници, евидентирани заклучно со август 2011 година. Една од шансите, кои ги бараат и ги искористуваат некогашните индустриски работници за да си ја обезбедат повторно егзистенцијата и да не пропаднат во зоната на сиромаштија, се индивидуалните земјоделски стопанства. Истражувачкиот труд „Менаџмент на индивидуалните земјоделски стопанства“ на Тодор Галев, професор по агроекономика на Факултетот за земјоделски науки и храна на Државниот универзитет во Скопје, и на Јорде Јакимовски, директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, донесоа низа значајни согледувања во оваа област.

Најголем интерес за трговијата, па за аграрот

Јакимовски, како експерт за социологија на развојот на селата, укажува на една од констатациите во таа студија:

„Од оваа студија може да се види добро дека индивидуалните земјоделски стопанства се потенцијал за развојот на аграрот, на селските средини и на земјата во целина. Веќе се создаваат услови одредена популација, која била во индустријата, но останала без работа, да може да се врати назад во селото, да може да се занимава со земјоделство. Тоа го покажуваат и најновите истражувања на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, во кои што имавме прашање ’Дали сакате да активирате приватен бизнис’. Најголем дел од популацијата сака и на прво место ја става трговската дејност, а на второ - аграрот. Се работи повеќе за повозрасна популација, која е пред пензионирање. Тие сакаат да се вратат во селата, но, под услови да имаат поддршка од државата.“

Wetter: Reifer Winterweizen
Фотографија: AP Photo/Matthias Rietschel

Миле Пешевски, професор по агропретприемништво и менаџмент на фарми на Факултетот за земјоделски науки и храна, истакнува:

„Поради немање егзистенција во моментот и ослободени од потребата да наоѓаат простор во селската средина, тие се враќаат назад во своето место на раѓање и таму се изјаснуваат како земјоделци. Ним им се овозможува да се пријавуваат за поддршка на земјоделското производство од Владата.“

На наредната страница:

„Спасот е основање земјоделски стопанства на татковските имоти

Во врска со ситуацијата во тетовско, директорот на Регионалниот центар на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Петре Петревски напоменува:

„Во овој регион порано работеа значителен број стопански капацитети во индустријата и таму беа вработени голем број луѓе, претежно млада работна сила. Со транзицијата и приватизацијата тие ги загубија работните места и останаа стечајци, или технолошки вишоци. Гледајќи ја натамошната егзистенција, знаејќи и дека поседуваат на име на нивните родители, или дедовци, земјоделски површини и други имоти, тие решија тоа да го префрлат на свое име со наша помош и совети, оти тоа е основа да можат да се регистрираат и да работат како земјоделски стопанства. Се регистрираат во подрачните единици на Министерството за земјоделство и во Фондот за пензиско осигурување. Спасот сега го гледаат во тоа. Голем број такви лица го користат тоа во селата Раотинце, Сиричино, Фалише, Челопек, Сараќино, Боговиње, Желино, Теарце, Шемшово ... Ваквите индивидуални земјоделски стопанства работат и со сточен фонд и обработуваат земја. Но, во регионот за првпат се појавува и пластенично производство на градинарски култури и јагоди, со кое започнуваат таквите поединци, потоа засадување ситнозрнести овошни култури, особено лешник, малина, капина...“

„Само 1,5 хектари за интензивно земјоделско производство“

Бранко Карапеовски, советник во овој Регионален центар дополнува;

„Од нашите теренски испитување имаме согледано дека постојат многу такви поединци, порано вработени во погоните на фабриките, а сега активирани во агрокомплексот во тетовскиот крај. Ним им се веќе доделени средства од Националната програма за субвенции за набавка на механизација, сточен фонд и друго. За тоа имаме евидентирано конкретни примери во тетовските села, при што за одбележување е и тоа што се работи претежно за млади луѓе.“

Mazedonien Agrar Branko Karapeovski Petre Petrevski
Бранко Карапеовски и Петре ПетревскиФотографија: DW

Во своето структурно истражување за индивидуалните земјоделски стопанства во Македонија од јуни минатата година, државниот Завод за статистика утврди дека основачите на индивидуални земјоделски стопанства во земјата користат вкупно 283 илјади хектари обработливо земјиште. Во источниот регион има 27.835 такви стопанства и тие користат околу 52 илјади хектари обработливо земјиште. Најмногу земјоделски површини ползуваат индивидуалните земјоделски стопанства во Пелагонискиот регион, околу 61 илјади хектари, но нив таму ги има 27.600 на број.

Потребно е окрупнување на индивидуалните земјоделски стопанства

Пешевски се надоврзува:

„Просечната големина на земјиштето, кое го користат тиие стопанства изнесува 3,2 хектари, а поседот одделно за интензивно земјоделско производство само 1,5 хектари. Со тоа тие стопанства не се рентабилни на пазарот. Не може земјоделски производител со 15-20 тони агропродукти да конкурира сам на пазарот, особено не на европскиот пазар.“

Сепак, пензионираниот професор на Факултетот за земјоделски науки и храна Борис Анакиев, како рецензент на споменатиот истражувачки труд, критички забележува:

Erntedank in Weißrussland
Фотографија: DW/Timarov

„Државата недоволно ги поддржува кооперативите, односно здружувањето на земјоделците. Државата мора тоа да го забрза и да му се посвети повеќе на тоа. Воопшто и на окрупнувањето на земјоделското производство.“

Јакимовски заклучува:

„Очигледно е дека постојат раздвижувања и пораст на теренот во оваа област, бидејќи државата нуди можности и за пензиско и здравствено осигурување. Но, на тие стопанства треба да им се даде шанса да развиваат и друга економија, значи, не само да создаваат приход од аграрот, туку и да развиваат туризам, да прават ракотворби ... На Запад фармерите до 15 отсто своите приходи ги реализираат од самата фарма, а преостанатите приходи од други дејности.“

Несомнено, развивањето и поддршката на индивидуалните земјоделски стопанства во агрокомплексот во Македонија, и за поранешните индустриски работници и за мнозина други, претставува не само начин за самостојно решавање на животното прашање и за бегство од сиромаштијата, туку и за испишување навистина успешни бизнис-приказни. Државата сега веројатно ќе треба да ги зголеми уште повеќе стимулациите и бенефициите за нив, во насока на окрупнување на тие индивидуални стопанства, според урнекот на аграрна Европа.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска