1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од по жица

7 септември 2009

Премиерот на германската покраина Северна Рајна Вестфалија, Јирген Ритгерс, деновиве е во фокусот на политичките дебати и полемики околу тоа - што е политичка коректност, а што навреда.

https://p.dw.com/p/JU2q
Јирген РитгерсФотографија: AP

Во текот на кампањата за комуналните избори, на еден собир во Дуизбург, на крајот на август, Ритгерс изјави: „За разлика од работниците овде, во Рурската област, во Романија не доаѓаат во седум наутро во прва смена и не остануваат до крај. Доаѓаат и си одат кога сакаат и не знаат што прават.“ Ваквиот говор на Ритгерс излезе на виделина преку видео-снимка која со денови незабележана стоеше на интернет-страницата на социјалдемократите и на Јутјуб, а дебата се разгоре откако весниците се заинтересираа. Ова не е прв вербален испад на Ритгерс. Тој предизвика возбуда уште во 2000 година, со неговата формулација „деца наместо Индијци“, во време кога Германија со зелената карта сакаше да привлече компјутерски стручњаци. Еве како германскиот печат ја коментира најновата изјава на Ритгерс.

Во „Келнер штатанцајгер“ се вели: „Разбирливо е што Ритгерс сакал да ја помилува душата на поранешните вработени во Нокиа, кои ги загубија работните места поради преместувањето на фабриката во Романија. Но, утеха може да се даде и поинаку, а не врз грбот на странските работници. Со изјавите Ритгерс се изложува на сомневање дека сака да лови поени кај избирачите со популистички пароли. Од еден премиер се очекува внимателно да ги одмерува зборовите, вклучително и во текот на изборната борба. Ова, во меѓувреме, го согледал очигледно и Ритгерс, што се покажува и преку неговото извинување.“

„Вестфелише анцајгер“ оценува: „Јирген Ритгерс е политички професионалец. И, токму затоа што е ’профи‘, неговиот најнов вербален испад добива дотолку поголема тежина. Зашто, како професионалец мораше претходно да знае што ќе предизвика со вербален удар на толку ниско ниво против романските работници и кинеските инвеститори. Ритгерс, и покрај се‘, го направи тоа и тоа не само еднаш, туку повеќепати. Оттука, овој маневар не е испад, туку очигледно калкулиран дел од неговиот говор.“

„Рајн Некар цајтунг“ сведува биланс: „Ритгерс наводно сакал само да ги пофали работниците во Рурската област. Но за такво нешто не му се потребни навреди на сметка на Романците. Напротив - на тој начин пофалбите на Ритгерс губат вредност. Зашто и не значи нешто, ако се биде подобар од некој кој доаѓа и си оди кога сака и не знае што прави.“

„Тагесцајтунг“ пишува: „Ваквиот популизам со расистички призвук ги прави избирачите поглупави, отколку што се. Тие веќе не одобруваат подмолни кампањи. ’Деца наместо Индијци‘ во 2000 година не функционираше, Роланд Кох за малку ќе исчезнеше во заборав во 2008 година по неговата хајка против криминалните мигранти. Ритгерс, со неговиот ’од по жица‘ не само што и‘ штети на демократската култура, туку и себеси лично.“

„Вестфелише нахрихтен“ ја анализира изјавата на Ритгерс во светло на актуелната кампања за парламентарните избори во Германија: „Ритгерс и неговата ЦДУ, со ваквиот драстичен популистички инцидент, без потреба им даваат на политичките противници и тоа како добредојдена муниција во изборната кампања. Шанса, која СПД, либералите и Зелените одушевено ја прифаќаат. Испадот ја поддржува тезата дека Унијата, токму затоа што во изборната кампања се’ и‘ оди мазно, може во финишот самата да си постави сопка. За три недели политичките коцки на сојузно ниво ќе бидат веќе паднати, големиот избор ќе биде направен. Дотогаш е изборна борба; конечно, со вистински личности, позиции и програми. На крајот може да биде понапрегнато, отколку што може да се насети од актуелните истражувања на јавното мислење.“

Автор: ЕМФ/ЗЈ

Редактор: Александра Трајковска