1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оглас за работа во метро: се бара агент во тајната служба

Владимир Есипов
10 февруари 2020

Во потрага пред се’ по ИТ-специјалисти Сојузната служба за заштита на Уставот и Германската криминалистичка служба БКА поставуваат огласи за работа на јавни места – во автобуси, возови и фитнес клубови.

https://p.dw.com/p/3XSsf
Verfassungsschutz BKA BfV
Фотографија: DW/V. Esipov

Берлинското метро не е само превозно средство, туку понекогаш е и рекламен простор за необични понуди. „Прави добро во тајност" – со овој слоган Сојузната служба за заштита на Уставот (БНД) се обидува да привлече практиканти, студенти и идни соработници. Слично звучи и девизата на Германската криминалистичка служба (БКА).

„Направи ја вистинската работа" – вакви огласи не висат само во автобусите и возовите на берлинското метро, туку и во соблекувалните на регионалните фитнес клубови. Во БНД, која е одговорна за цивилното и военото разузнавање, има над триесетина слободни места, од кои половина се во ИТ-секторот. И германската полиција годинава има 2150 слободни места. За да ги пополнат своите редови намалени се критериумите и барањата од кандидатите. Зголемен е бројот на дозволени грешки во тестот за писменост, а зборот „хризантема“ е целосно исфрлен од диктатите - голем број апликанти паѓаа поради оваа грешка. Во однос на фитнес-тестот избришани се скок во далечина и склекови, и заменети се со штафетна трка.

Повеќе:Долгиот пат до Берлин на Германската разузнавачка служба

Драматична „борба за таленти"

Речиси сите институции и агенции, не само полицијата, се во потрага по ИТ-експерти – и тоа не само за сајбер-криминал и сајбер-безбедност, туку и за одделот за социјални медиуми, вели за ДВ Томас-Габриел Ридигер, криминолог од Високата полициска школа во покраината Бранденбург. „Пополнувањето на позициите со соодветен персонал е голем предизвик, и на покраинско и на сојузно ниво“, вели Рудигер.

Ханс-Вилхелм Дин од Советот за сајбер-безбедност смета дека рекламната кампања на БКА и БНД се јасна индиција за тоа колку во меѓувреме е драматична „битката за таленти". Здружението со седиште во Берлин се претставува себе си како политички неутрално и советува компании, институции и политичари во областа сајбер-безбедност и сајбер-криминал.

Verfassungsschutz BKA BfV
БКА бара соработнициФотографија: DW/V. Esipov

Прашање на пари и имиџ

Но зошто има недостаток на специјалисти во државните институции? „Од една страна тоа е секако финансискиот аспект. Еден добар ИТ-експерт може многу добро да заработи во приватниот сектор – сума која е незамислива во јавниот сектор“, појаснува Ридигер. Притоа голема улога игра и имиџот, кој е неспоредилив меѓу јавните институции со стартап или други компании. „Ова обесхрабрува многумина кои не ја поврзуваат јавната служба со креативен начин на работа“, вели експертот. Властите мора да бидат конкурентни со отворениот пазар, вели Ханс-Вилхелм Дин. „Има мал број апсолвенти, а голем број отворени работни места, а информатичарите повеќе се одлучуваат за подобро платена работа во ИТ-компаниите." Освен тоа, ресорот ИТ-безбедност не е најатрактивната област во која информатичарите сакаат да се специјализираат.

Verfassungsschutz BKA BfV
Оглас на Министерството за надворешни работи закачено во воз на берлинската подземна железницаФотографија: DW/V. Esipov

Аналогно работење на властите во високо технолошки развиена земја

Според Томас-Габриел Ридигер, причината за недостаток на ИТ-специјалисти во Германија е и поради фактот што општеството во целина премногу доцна започна да се прилагодува на дигитализацијата.

Ханс-Вилхем Дин има сличен став: „Бирократијата во Германија заостанува. Ако сакате денес да поднесете барање за нов пасош во многу општини, мора да одите таму, да чекате и да донесете куп испечатени формулари и документи."

Во актуелниот „Индекс за дигитална економија и опшество“, Германија е на 26 место од 28 во однос на е-влада. „Само Италија и Грција имаат институции кои повеќе работат аналогно“, вели Дин. Според него, за земја како Германиј,а која е високо технолошки ориентирана, ова не е добар знак.

Повеќе:

Меркел: Итно ни требаат стручни работници од земји надвор од ЕУ

Како да се задржат ИТ-стручњаците?

Дин предупредува дека во најлош случај застарените процеси и недостаток на вмрежно поврзување меѓу безбедносните органи и полицијата може да го попречат Законот за собирање на разузнавачки информации. „Тука е итно потребна акција. Програмата ’Полиција 2020’ има за цел да стандардизира десетици децентрализирани бази со податоци, нејасни ИТ-мрежи и посебните решенија", објаснува експертот. Проектот е важен чекор, но за него ќе бидат потребни уште неколку години.

Одделот за медиуми на БНД не одговори на писменото барање на ДВ. Сојузната служба за заштита на уставот одби да ја коментира својата кампања – „Прави добро во тајност".