1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Објективен исход или пораз во Чикаго?

Горан Петрески22 мај 2012

Македонија останува надвор од Алијансата се‘ до решавањето на спорот со Грција. За политичките фактори во Македонија заклучоците од Самитот на НАТО се очекувани.

https://p.dw.com/p/14zgM
Фотографија: dapd

Заклучоците од Самитот на НАТО, иако очекувани, предизвикаа бурни реакции на македонската политичка сцена. Останувањето надвор од Алијансата ја внесува Македонија во нов период на неизвесност во однос на неколку клучни политички прашања. Во изјавите за Дојче веле, партиските претставници се огласија со различни реакции во зависност од позицијата на политичката мапа.

СДСМ: Однапред најавен пораз

За опозициската СДСМ исходот од Самитот е разочарувачки и покрај тоа што бил очекуван, а одговорна за неуспехот е владата. Партискиот потпретседател Гордан Георгиев вели:

„Ова е разочарување кое што ние го предвидовме, тоа беше очекуван, однапред најавен пораз на Македонија во Чикаго. Заклучоците покажуваат дека овој самит дури не е ниту реприза на Букурешт. Таму барем имавме барем политичко морална валоризација на нашиот труд за интеграција на НАТО, овој пат безмалку не сме ни спомнати како држава“. 

SDSM Gebäude in Mazedonien
Штабот на СДСМ во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

ДУИ: Патот кон НАТО е еднонасочен

За владејачката ДУИ, во чија програма интеграцијата во евроатлантските институции е зацртана како главен приоритет, членството во НАТО нема алтернатива. Партијата на Али Ахмети останува на оваа стратешка цел, но има на ум дека објективна кочница на патот е Грција.

„Патот кон НАТО е без алтернатива, еднонасочен пат. Се прават чекори, сите билетарални контакти се чекор напред во постигнување на одреден компромис. Грција во моментот е во тешка состојба, со техничка влада што е отежнувачка околност  за решавање на спорот, но битно е сите да останеме фокусирани и во моментот кога ќе се создадат услови во Грција да се наминеме себеси и да се донесе државнички потег во смисла на компромис“, вели партискиот портпарол Бујар Османи.

ДПА: Распуштање на парламентот и нови избори

Од опозициската ДПА критикикуваат дека ДУИ не може да им ги испорача на своите гласачи ветените приоритети. Одгворност од функционерите на ДУИ и предвремени избори побара Имер Алиу, потпретседателот на ДПА. 

„Бараме од вицепремиерката Теута Арифи и министерот за одбрана Фатмир Бесими да дадат оставки како главни експоненти на големата измама на Албанците во овие години. Бараме од меѓународната заедница да поттикне отворање на политички дијалог помеѓу 4-те најголеми политички партии во земјата“.

ВМРО ДПМНЕ: Грција го троши преостанатиот кредит

За владејачката ВМРО ДПМНЕ единствена пречка на македонскиот пат до Алијансата е Грција. Поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски вели:

Mazedonischer Außerminister Antonio Milososki
Антонио МилошоскиФотографија: DW

„Заклучоците не беа неочекувани, бидејќи немавме илузии дека Грција во оваа тешка економска криза и со политичка елита која се‘уште размислува еден век наназад по националните прашања ќе биде попрагматична во однос на нашето членство во НАТО.

Ова е трошење на дел од преостанатиот кредит кој што Грција се‘уште го има во меѓународната заедница. За да биде уште посериозна дебатата, Грција овој пат го искористи ветото за прашањето за Македонија воопшто да не дојде на дневен ред. Она што Македонија треба да го направи е да ги користи овие ситуации на драматично менување на состојбите во Грција. Треба да подадаме рака кога ќе има стабилна влада во Атина, и во секој случај треба да продолжиме поупорно да лобираме во Париз, Берлин Вашинтон, Хаг, Лондон. Го имаме заслуженото место, ја имаме пресудата од Хаг и мислам дека нејзината употребна вредност порано или подоцна ќе го добие своето место“.

За Албанската национална преродба, Самитот во Чикаго е „завршница на арогантната и неодговорна политика што ја води владата составена од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, доказ дека не може да се оди сам против светот“.

Членство во НАТО е една од стратешките определби на Македонија зацртана со широк граѓански консензус. Но и покрај големата поддршка политичките партии не успеаја да изградат државна стратегија во која ќе бидат одредени целите и патот до полноправно членство во Алијансата.