1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обука за украински војници во Германија

Матијас фон Хајн
4 мај 2022

Украински војници добиваат обука за ракување со западно оружје и воена техника во американски бази во Германија. Дали Германија со тоа се вмешува повеќе во војната?

https://p.dw.com/p/4Antf
Militärübung in der Oberpfalz
Американски војници за време на воени вежби на полигонот Хоенфелс во ГерманијаФотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Пресат е мирен мал град на истокот на покраината Баварија. Има речиси 5.000 жители, шумска авантуристичка патека, голем број замоци. Но, во последно време од живописното место доаѓаат поинакви информации: повремено, по силен тресок, ѕидовите и земјата се тресат, пишува локалниот информативен портал Nordbayern.de.

Причината за тоа лежи во соседството: Пресат е оддалечен само 20 километри од центарот на областа за воена обука Графенвер. Со површина од над 200 квадратни километри, тоа е најголемиот воен полигон на САД во Европа. И тука, тоа барем може да се претпостави, американските сили обучуваат украински војници за ракување со артилериско оружје.

Минатиот петок, портпаролот на американското Министерство за одбрана Џон Кирби потврди „дека САД  во американските воени објекти во Германија почнале да обучуваат украински војници за важни системи за оружје“. Според Кирби, покрај обуката за хаубици, војниците се обучуваат и за радарски системи и оклопни возила, чија испорака неодамна беше објавена како дел од пакетите за безбедносна помош. Вооружените сили на САД „ќе ја организираат оваа обука во координација со владата на Сојузна Република Германија и, се разбира, благодарни сме за континуираната поддршка од Германија“, рече портпаролот на Пентагон. Кирби не даде детали за други локации за обука надвор од Германија. 

Ветувањата од Рамштајн

Потресите во Пресат го покажуваат поттикот што во последните денови го доби „пресвртницата“ која пред повеќе од два месеца ја најави канцеларот Олаф Шолц по рускиот напад врз Украина. Тоа може да се види и од најавите на министерката за одбрана Кристине Ламбрехт на конференцијата за поддршка на Украина, организирана од САД, во американската воена база во Рамштајн, во германската покраина Рајнланд Пфалц, пред една недела. Во присуство на американскиот министер за одбрана Лојд Остин и на десетици други колеги министри, Ламбрехт вети испорака на тешко оружје за Украина, вклучително и тенкови „Гепард“.

Германската министерка за одбрана во Рамштајн најави и обука на украински војници на германска територија „заедно со нашите американски пријатели“. Германија „заедно со Холандија ќе обезбеди обука за самоодни хаубици и муниција за Украина, бидејќи сите знаеме дека артилеријата е важен фактор во овој конфликт“, додаде Ламбрехт.

Покрај Графенвер, украинските војници веројатно ќе бидат обучувани и на воениот полигон Хоенфелс. Тој е со големина од над 160 квадратни километри и исто така се користи од страна на вооружените сили на САД. Тука се поставени и повеќе од 300 километри улици, како и објекти во вид на мал град, за да се вежба војување што е можно пореално.

Од кој момент Германија станува страна во војната?

Со обука на украински војници на германско тло, Германија може дополнително да биде вовлечена во војната во Украина. Во секој случај, вакво стравување буди извештајот на Научната служба на Бундестагот. Под наслов „Правни прашања за воената поддршка за Украина од страна на НАТО-државите помеѓу неутралност и учество во конфликтот“ во извештајот многу диференцирано се фрла поглед на воената помош во врска со испораката на оружје. Според извештајот, самата испорака на оружје е меѓународно правно ирелевантна, без оглед дали се работи за „офанзивно“ или „дефанзивно“ оружје.

Flakpanzer vom Typ Gepard
Тенк од типот „Гепард“Фотографија: Maurizio Gambarini/dpa/picture alliance

Работите стануваат потешки кога се анализира обуката: „Само кога, покрај испораката на оружје, станува збор и за обука на страна во конфликтот за ракување со такво оружје, тогаш се напушта безбедното подрачје на невојување“, пишуваат авторите и притоа цитираат изјава на експертот за меѓународно право од Бохум, Пјер Тилбергер, во интервју за „Ноје цирхер цајтунг“.

На прашање во врска со извештајот, владиниот портпарол Штефен Хебештрајт во понеделникот (2.04) призна дека владата „секогаш била во тешка ситуација“. Хебештрајт рече: „Уверени сме дека и обука на украински војници во Германија за вооружени системи не значи директно влегување во војната“.

Војна и неутралност

Владиниот портпарол доби поддршка од Штефан Талмон. Во интервју за ДВ, експертот за меѓународно право од Бон тврди дека „ако агресивната војна е спротивна на меѓународното право, тогаш веќе не постои меѓународно правна обврска да се остане неутрален. Тоа значи дека генерално може да се доставува оружје и да се врши обука за ракување со тоа оружје.“ Меѓународното право, според Талмон, не ја смета за напад обуката на странски војници. Тој вели дека Германија со обуката не ги презема украинските борбени операции како свои. „Дали тоа го импресионира г-дин Путин или не, е сосема друго прашање“, вели замислено овој правник.

- повеќе: Светот наголемо се вооружува

Притоа, со обука на украинските војници на германско тло не се започна во последниве денови. Волфганг Рихтер, поранешен полковник во Бундесверот, а сега соработник во берлинскиот тинк-тенк SWP, за Дојче веле потврди: украински војници и порано биле обучувани од страна на американската војска на германска територија, поточно во Хоенфелс и Графенвер во покраината Баварија.

Американскиот медиум Stars and Stripes минатиот декември извести за десетдневна вежба во „Заедничкиот мултинационален центар за подготвеност Хоенфелс“ со 4.600 војници од Источна Европа. Присутни биле и единици на 92. механизирана пешадиска бригада на Украина.