1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама си заминува, Европа стравува

Бернд Ригерт
17 ноември 2016

Со Tрамп не заврши само ерата Обама. Европа сега мора да ги решава сама своите проблеми и веќе не може да се потпира на САД.

https://p.dw.com/p/2SoGX
Brüssel US Präsident Obama
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Сѐ почна летото 2008-ма како празник на љубовта кај берлинскиот Столб на победата. Германците и Европејците го славеа човекот кој срцата ги освои со својот слоган „Yes, we can“. Не се знаеше точно што сѐ би можел Барак Обама, но тој ширеше оптимизам и беше освежувачка спротивност на тогашниот претседател Џорџ Буш. Откако Буш предизвика поделба во Европа со својата интервенционистичка политика во Ирак, сите се надеваа на човек кој повторно ќе обединува.

Во Прага, пролетта 2009 година, непосредно по стапувањето на функцијата, американскиот претседател Барак Обама вети дека ќе се ангажира за свет без нуклеарно оружје. Европејците, со мал број исклучоци, беа одушевени. Во друг говор во Каиро тој вети дека ќе гради нови односи со арапскиот свет. Истата година човекот кој работеше на повлекување на САД од Авганистан и Ирак, ја доби Нобеловата награда за мир. Во едно од многуте интервјуа пред заминувањето од функцијата Обама во едно ток-шоу се пошегува: „Всушност не знам зошто ја добив наградата.“ Тоа беа ловорики, кои според многу Европејци, потоа се покажаа како преуранети.

Најголемиот успех

Европа од глобалната финансиска криза, предизвикана од банкротот на една американска банка, се опоравуваше многу побавно отколку САД. Должничката криза ја потресе ЕУ до срж, а потоа следуваа кризата во Украина и бегалската криза. ЕУ, од аспект на Обама, стануваше сѐ понеспособна за дејствување и сѐ поневолна да делува. Во интервју за списанието „Атлантик“, претседателот во април годинава европските сојузници ги опиша како „фри рајдери“ кои ги користат американските постигнувања и раководење, но самите не се подготвени да покажат солидарност или да ги зголемат своите воени издатоци. Истиот месец, меѓутоа, Обама на саемот во Хановер, им порача на Европејците да не губат храброст и да се борат против сопствените кризи. „Европа е едно од најголемите политички постигнувања на новото време“, рече тој како човек однадвор, кој мора да ги потсети Европејците што треба да зачуваат. Тогаш повторно се почувствува оној Обама од 2008-та, кој на „европскиот страв“ му го спротивствави своето „Yes, we can“.

Deutschland Barack Obama in Berlin
Барак Обама пред Столбот на победата во Берлин во 2008 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Предност за Азија?

Во неговиот мандат, меѓутоа, Европејците имаа голем сомнеж околу сериозноста на Обама во врска со соработката со Европа. Тој сакаше да ја направи Азија клучна во својата надворешна политика. Тоа не успеа сосема. При интервенцијата во Либија премногу се потпре на тоа дека Франција и Велика Британија ќе преземат одговорност, признава денес претседателот. Разочаран е и од сојузниците на Блискиот Исток, како Саудиска Арабија. Елмар Брок, искусен политичар во Европскиот парламент, по првите четири години воздржана надворешна политика на Обама, извлече отрезнувачки биланс. „На работно ниво има добри односи, но ЕУ и САД досега не поставија стратешки акценти кои ќе доведат до потесна соработка на Европејците и Американците во овој економски и политички променет свет“, рече Брок за ДВ во 2012.

Од германски аспект, односите го допреа дното со аферата со прислушување. Не само што Европејците генерално биле прислушувани од НСА, туку тајната служба го прислушувала и приватниот мобилен телефон на Ангела Меркел. Непријатно. Притоа, како што беше речено од Белата куќа, Обама единствено канцеларката ја цени како вистински европски лидер.

Deutschland Eröffnungsrundgang Hannover-Messe Merkel Obama
Не им беше секогаш толку забавно како на саемот во Хановер во април годинава: Обама и МеркелФотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Заеднички да се изолира Русија

Трансатлантската заедница беше закитирана дури со кризата во Украина, испровоцирана од Русија. Обама и ЕУ не дејствуваа секогаш синхронизирано во постапките кон Москва, но на крајот сепак имаше единство. Обама не ја криеше својата фрустрација поради долгите еврпопски процеси на одлучување и често раскараните членки на ЕУ. Овој став својот врв го достигна со реченицата на државната секретарка во американското Министерство за надворешни работи, Викторија Нуланд во екот на украинската криза „Fuck the EU“. Заборави на Европејците, кои и онака никогаш нема да бидат единствени!

Сепак, Обама не остави простор за сомнеж во својата верност кон трансатлантскиот сојуз. На повеќе самити на НАТО тој на источните членки им вети поддршка во случај на руска агресија. Во Балтикот, Полска, Романија и Бугарија се распоредени нови, иако мали единици. САД во мандатот на Обама ги зголемија своите издатоци за одбрана за Европа. Конечно, по 10 години мачни преговори, САД и ЕУ постигнаа договор со Иран за запирање на нуклеарната програма на таа земја. Не успеа обидот за склучување на договорот за слободна трговија ТТИП.

„Крај на една ера“

Шефот на пратеничката група на либералите во Европскиот парламент, Ги Ферхофстат, е уверен дека Обама болно ќе им недостига на Европејците. Со изборот на Доналд Трамп САД ќе се занимаваат само сами со себе, а ТТИП е мртов: „Кога Американците делуваа во меѓународни рамки, Европа одговараше со морални предавања за империјализам. Кога Американците не делуваа или се вмешуваа предоцна, како во Либија и Сирија, Европејците бараа повеќе раководење од страна на САД.“ На ваквата комотна динамика на трансатлантските односи сега ѝ дојде крајот, смета Ферхофстат. Со Трамп не заврши само ерата Обама, Европа сега мора да ги решава сама своите проблеми и веќе не може да се потпира на САД.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија