1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама се држи до ветеното

3 август 2010

Американските борбени сили ќе се повлечат од Ирак до крајот на месецов, соопшти американскиот претседател Барак Обама. Во земјата ќе останат уште околу 50 илјади преодни трупи со задача да ја обучуваат ирачката армија.

https://p.dw.com/p/OaaY
Барак ОбамаФотографија: AP

Повеќе од 90 илјади американски борбени трупи ќе го напуштат Ирак до крајот на месецов. Претседателот Обама, во синоќешниот говор пред воените инвалиди во Атланта, изрази задоволство што го исполнил ветувањето од предизборната кампања.

„Како претседателски кандидат ветив дека ќе ја приведам војната во Ирак до одговорен крај. По преземањето на функцијата ја одобрив новата стратегија и јасно ставив до знаење дека воената мисија во Ирак ќе заврши до 31 август 2010 година. Тоа и го сторив.“

USA Soldaten in Irak irakische Gefangene
Во Ирак ќе останат околу 50 илјади војнициФотографија: AP

Седумгодишната војна во Ирак е крајно непопуларна во САД. Повеќе од 4.400 американски војници ги загубија животите во неа, а околу 32 илјади останаа инвалиди. Проценките се дека се потрошени околу 900 милијарди долари.

Во земјата ќе останат околу 50 илјади војници кои треба да ја обучуваат ирачката армија, да управуваат со снабдувањето и опремувањето на земјата и да изведуваат антитерористички операции. Планот е и тие да си заминат до крајот на следната година.

Експертите не се убедени во исправноста на овој потег

Поранешниот генерал Бери Мекафери стравува од нови проблеми.

Irakische Soldaten im Süden von Irak TV Bild
Ирачката армија треба да се обучи најбргу што е можноФотографија: AP

„Таму нема влада, а ние теоретски треба да си заминеме до крајот на следната година. Што доколку Ирачаните дотогаш не успејат да завладејат со земјата? Доколку состојбата ескалира во нова граѓанска војна, тешко е да се замисли дека повторно ќе интервенираме.“

Обама е свесен дека американската мисија во Ирак нема да заврши со повлекувањето, но е одлучен да ја заокружи својата агенда.

„Нивото на насилство во Ирак е најниско во последните години. Следниот месец ќе ја промениме улогата на нашата мисија. Тоа е опасен предизвик. Постојат луѓе кои со бомби и куршуми ќе се обидат да го запрат напредокот на Ирак. Тешката вистина е дека американското жртвување во Ирак не е завршено“, рече Обама.

Автор: БГ/дв/ап

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска