1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Obama Netanjahu

21 мај 2011

Израел и САД остануваат блиски пријатели, меѓутоа во потрагата по мирно решение за Блискиот Исток се оддалечени како никогаш порано. Тоа го покажа и вчерашната средба меѓу Барак Обама и Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/11Kpt
Фотографија: dapd

Американскиот претседател Барак Обама му посакува добредојде на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Меѓутоа, студената атмосфера е повеќе од очигледна. Средувајќи ги впечатоците од разговорот со Нетанјаху, Обама истакна дека дискусијата била конструктивна. Во јазикот на дипломатијата тоа значи дека разговорот не поминал најдобро:

„Очигледно има одредени разлики меѓу нас, кога станува збор за неколку формулации, но тоа може да им се случи на пријатели“, рече Обама.

Преголеми отстапки

За кои разлики станува збор, стана јасно откако проговори израелскиот премиер Нетанјаху. Тој уште еднаш повтори дека неговата земја и тој лично се залагаат за мир. Но, тогаш дојде дипломатскиот удар:

„Обајцата сме согласни, дека мирот, заснован на илузии, на крајот ќе се скрши пред реалноста, што владее на Блискиот Исток.“

Со други зборови, Нетанјаху му порача на својот домаќин да не биде наивен. Претходно, во говорот за Блискиот Исток, Обама предложи основа за мировниот договор меѓу Израелците и Палестинците да биде границата од 1967 година. Предлог, кој Нетанјаху целосно го одби:

„Израел е подготвен да направи големи отстапки за да се постигне мировен договор, но не можеме да се вратиме на границата од 1967 година. Таа не може да се одбрани“, изјави Нетанјаху.

Obama und Netanjahu Treffen Washington Flash-Galerie
Разлики постојат, но тоа се случува меѓу пријатели - Обама и Нетанјаху во Белата куќаФотографија: dapd

Решението уште подалечно

Претседателот Барак Обама во својот говор, всушност, рече дека границите пред т.н. шестдневна војна можат да послужат за основа на договорот, при што би дошло до размена на територии меѓу Израелците и Палестинците - меѓутоа Нетанјаху тоа воопшто не го спомена. Според американските медиуми, Израел до последен момент се обидувал да го заобиколи тој дел од говорот на Обама, посветен на „арапската пролет.“

На крајот од средбата остана заклучокот дека постојат „одредени разлики во мислењата“, но дека Израел и САД се залагаат за мир на Блискиот Исток. Но, како тој би изгледал - по вчерашната средба на Обама и Нетнајаху е уште помалку јасно.

Автор: Ана Енгелке / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска