1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новогодишниот подарок од Обама за Трамп

Миодраг Шориќ
31 декември 2016

Барак Обама во последните денови од својот мандат протерува руски дипломати. Рускиот претседател Путин парира на нему својствен начин - ладно и трпеливо, коментира Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2V5Ec
USA | Weihnachten mit Präsident Obama
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla

Шахот е руски национален спорт. Газдата на Кремљ, Путин, сепак посебно сака азиски боречки вештини кај кои, слично како кај шахот, кон противникот парира така што на нападот не одговара секогаш со контранапад, туку прво ескивира. Ова спортско правило деновиве најде примена и во политиката. Барак Обама нареди протерување на руски дипломати од САД. По стрелбата на Обама пред заминувањето од Белата куќа, сите очекуваа Русија да одговори со иста мерка. Но, ништо од тоа. Путин очигледно сфати што е првенствената цел на Обама: да изврши влијание врз надворешната политика на идниот американски претседател Доналд Трамп.

Газдата од Кремљ парираше на нему својствен начин: сите американски дипломати ги повика со своите семејства и децата да дојдат во Кремљ на новогодишна прослава. Москва соодветните телевизиски снимки ќе ги испрати низ цел свет, а наскоро и сликите на руските семејства со деца, кои набрзина мораат да ги напуштат САД, семејствата на дипломатите со деца во Русија ќе бидат префрлени со воен авион.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

За многумина Путин ќе изгледа како државник - мирен и суверен. А Обама, меѓутоа, како некој кој не може да премине преку звојот анимозитет кон одредени политичари - Владимир Путин или Бенјамин Нетанјаху.

Во сите овие дипломатски кавги во фокусот е Доналд Трамп, неговата идна надворешна политика. Зашто, Трамп во повеќе наврати изјави дека сака подобри односи со Кремљ, а тоа тешко ќе му успее во непријателска дипломатска атмосфера: многумина во Сенатот не се баш одушевени да го следат неговиот проруски курс. Напротив, водечки републикански политичари повикуваат на дополнителни, уште построги казни за Москва и го отфрлаат Рекс Тилерсон како нов американски министер за надворешни работи. Трамп го одбра Тилерсон и поради тоа што тој го поддржува новиот почеток во односите со Русија. Но, за да биде шеф на Стејт департментот, потребно му е одобрение од Сенатот. 

Времето на Обама истекува, па додека е уште на функција се обидува да предизвика раздор кај Републиканците и што повеќе да ги оддалечи од Трамп. Секако легитимната цел на Обама притоа е да  спаси што е можно повеќе од своето политичко наследство.

Значи, што ќе следи? Како ќе се одвиваат работите натаму? Трамп ќе мора да го одложи подобрувањето на односите со Русија за неколку недели. Приоритет има потврдата на неговиот кабинет од страна на Сенатот. Путин тоа го разбира. Тој ќе чека и ќе му помогне на Трамп со изјави каде што може. Колку и да се менуваат времињата, шахот бил и останува руски национален спорт.