1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови главоболки за РЕК Битола

ДТЗ
8 ноември 2021

По минатонеделниот пожар, РЕК Битола од изутринава се соочува со нови проблеми. Блокот 1 е исклучен поради санација на цевка.

https://p.dw.com/p/42iSq
Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Нова хаварија се случила утрово во РЕК Битола, по што во оваа термоелектрана веќе не се произведува струја. Утрово околу три часот пукнала цевка во Блок 1 во РЕК Битола.

Од АД Електрани на Северна Македонија информираат дека заради дефектот во котелот на Блок 1, за кој не постоела никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, тој е исклучен од електроенергетската мрежа на државата.

„Станува збор за планско исклучување на блокот со цел санација на скинатата цевка што се смета за лесен испад на постројката. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде вратен на мрежа“, информираат од компанијата.

Во меѓувреме се работи и на оспособување на Блок 2 кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава. Од АД ЕСМ велат дека во меѓувреме ги задоволуваат потребите од останатите капацитети, како и со набавена електрична енергија, како резерва при вакви куси испади. 

Според најавите на Хари Локвенец, директор на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, тие ќе се вклучат од логистички аспект во решевање на енергетската криза и преземаат активности да се стават во функција капацитетите за транспорт на јаглен и мазут. 

ЖРСМ Инфраструктура во соработка со ТЕЦ Неготино е во финална фаза за целосната реконструкција на колосекот до термоцентралата, со што ќе овозможи непречен и безбеден транспорт на сите потребни количини мазут во следниот период. Активностите за таа цел се споредуваат во изминатите две недели. 

Товар за економијата 

Самонаречените „шампиони“ во енергетиката се дефинитивно шампиони, ама во негативна смисла на зборот. Со производство на енергија во РЕК Битола од 0 MW, „шампионите “ во енергетиката го имплементираат во целост зеленото сценарио за чиста енергија, реагира Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ по веста дека е запрено производството на струја во РЕК Битола поради пукната цевка. 

„Прво го запалија трансформаторот на Блок 3 во РЕК Битола, а утрово излезе од погон и Блок 1 поради пукната цевка во котел. Со тоа РЕК Битола е комплетно надвор од погон, бидејќи Блок 2 е сѐ уште во ремонт“, реагираат од партијата. 

Kohlekraftwerk REK Bitola in Mazedonien
РЕК БитолаФотографија: Petr Stojanovski

Според нив, овој товар на македонската економија ќе биде претежок за граѓаните, бидејќи сега недостатокот на електрична енергија ќе биде од увоз, а цените на берзите се сѐ уште високи. „За вакво управување на енергетиката во Македонија, СДС и ДУИ ќе мора да си понесат одговорност! “, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. 

Од еден во друг проблем 

Пред два дена во РЕК Битола избувна пожар кој направи сериозни оштетувања на трансформаторот на блок 3. Тогаш беше соопштено дека за производство на струја нема да се користи блок 3, туку ќе се рестартира блок 2.

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Владата деновиве за 5,5 милиони евра купила 26.000 мегавати струја. Според партијата, доколку се употребеле за домашно производство за тие пари ќе се произведело четири пати повеќе струја или над 100.000 мегавати

Mинистерот за економија Крешник Бектеши најави дека на утрешната владина седница ќе бара да се прогласи кризна состојба. Тој деновиве изјави дека рестрикции на струја нема да има, но кризна состојба ќе има со цел да може да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании.

„Моментално не се предвидени рестриктивни мерки, но ќе се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор со единствена цел да може да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании во земјата, вклучувајќи ги и ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност, за да може да се интервенира  во увозот на струја“, рече Бектеши.

Спасот од енергетската криза ќе се бара во активирање на домашните капацитети. Кон средината на ноевмри треба да почне со работа ТЕЦ Осломеј, а се прави сценарио и за активирање на ТЕЦ Неготино.