1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови чекори за спас на грчкиот туризам

СН/агенции
25 мај 2020

Грција денеска повторно ја отвора гастрономијата. Во рамките на рестартирањето на туризмот по карантинот поради коронавирусот, сите патници од грчкото копно од денеска можат да патуваат на островите со траект или авион.

https://p.dw.com/p/3ciha
Griechenland Luftaufnahme vom Strand von Glyfada
Фотографија: picture-alliance/ANE

Во Грција денеска повторно започнаа со работа редовните траекти до островите во Егејското и во Јонското море, како и рестораните и баровите кои се, исто така, повторно отворени во согласност со забрзаните напори земјата да ја спаси туристичката сезона.

Посетите на островите главно беа забранети од почетокот на карантинот на крајот на март, а пристап имаа само добавувачите на стока и жителите. Ниската стапка на инфекции во земјата за време на пандемијата со коронавирусот ја наведе владата да ја започне туристичката сезона порано отколку што се очекуваше, на 15 јуни, бидејќи другите медитерански земји, вклучувајќи ги Италија, Шпанија и Турција, сѐ уште се соочуваат со епидемија. 

Прописите за одржување растојание и ограничување на бројот на патници и на гости се воведени на траектите и во рестораните, додека на островите се зголемува обемот на здравствените центри за борба против нови случаи со коронавирусот, а простор за интензивна нега е обезбеден на пет острови: Лезбос, Самос, Родос, Закинтос и на Крв, заедно со веќе постоечките објекти на островот Крит.

Повеќе:

-Грција ја отвора туристичката сезона на 15 јуни

-Грција: Туристичкиот рај во кризно расположение

-Се чека знак за старт: Летен одмор во Европа

Грчките власти во изминатите денови порачаа дека Грција нема да можат да посетуваат странски туристи од земји со голем број случаи заразени со коронавирусот. Помошникот министер за внатрешни работи, Никос Хардалјас во минатата недела во врска грчкиот план за рестартирање на туризмот,  истакна 4 точки: од 25 мај ќе биде дозволено едрење, на 1 јуни ќе бидат отворени камповите, како и хотелите кои работат сите 12 месеци, на 15 јуни ќе се отворат останатите објекти за сместување и меѓународниот аеродром во Атина, а на 1 јули ќе се отворат сите останати аеродроми во Грција.

Помошникот министер укажа дека во Грција нема да можат да влезат „патници од земјите со големо епидемиолошко оптоварување со коронавирусот“ и оти листата на овие земји наскоро ќе биде објавена, пренесува интернет сајтот in.gr. На новинарските прашања во врска со оваа одлука, Никос Хардалјас нагласи „Никогаш не рековме дека на 1 јули ќе ги отвориме границите за сите“. „Ќе овозможиме туристички посети во Грција, но примарна цел е да го зачувуваме јавното здравје“, рече тој.

Туризмот е витален дел од грчката економија и од него има широки секундарни добивки. Минатата година Грција ја посетија над 34 милиони туристи, кои потрошија 18,2 милијарди евра, покажуваат статистичките податоци.