1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата германска влада не издржа ни една недела без кавги

21 март 2018

Новиот министер за внатрешни работи многу бргу се погрижи за немир во владата. Многумина се изнервирани од неговите изјави за исламот и граничните контроли. Притоа неговите погледи имаат мнозинска поддршка во народот.

https://p.dw.com/p/2ugU0
Angela Merkel und Horst Seehofer Union einigt sich auf Kompromiss im Flüchtlingsstreit
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Kappeler

Новата германска влада е на функција само една недела а новиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), веќе двапати успеа да ги изнервира пред сѐ неговите партиски пријатели од Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Најнапред со реченицата дека муслиманите, кои живеат тука, ѝ припаѓаат на Германија, но исламот не. И потоа со изјавата дека контролите на германските граници треба да бидат продолжени па дури и проширени.

Потребни ли се вакви дебати навистина?

„Чуму ваква дискусија?“, се лути водечки политичар од ЦДУ, кој сака да остане анонимен. И притоа мисли пред сѐ на тврдењето на Зехофер дека исламот не ѝ припаѓа на Германија. „Навистина имаме еден куп опипливи проблеми. Спорот со САД околу казнените царини, иднината на ЕУ. Дигитализацијата. За тоа мора да се погрижиме“. Германската канцеларка Ангела Меркел уште на крајот на минатата недела ладно ги отфрли забелешките на Зехофер за исламот. „Во меѓувреме во земјата живеат 4 милиони муслимани. И овие муслимани ѝ припаѓаат на Германија. А исто така и нивнaта религија ѝ припаѓа на Германија“, изјави претседателката на ЦДУ. 

Повеќе: 

-Германија се бори со себеси

-Германија - „Кога горат џамиите, гори нашата земја“

-Меркел набива темпо

А канцеларката исто така на за неа својствен начин се осврна и на втората интервју-офанзива на Зехофер. таа, како што рече, го поддржува неговото барање за продолжување на контролите на германските граници, сѐ додека не биде обезбедена целосна аштита на надворешните граници на ЕУ. Таа притоа сосема елегантно го прескокна барањето на Зехофер за проширување на тие контроли. 

„Никој не сака спорот да ескалира“

Инаку јавните реакции на политичарите од владината коалиција на изјавите на Зехофер остануваат впечатливо воздржани. На изјавата за исламот, потпретседателката на Социјалдемократската партија (СПД) Мануела Швезиг реагираше деловно: „Дебати, кои ја делат земјата, не помагаат никому“. За возржаноста има и причина: „Сосем јасно: спор меѓу владејачките партии веднаш се одразува врз поддршката во народот“, истакнува Роберто Хајнрих, истражувач на јавното мислење во институтот Ифратест-димап. „Значи никому не е во интерес да дозволи  спорот да ескалира“, додава тој. А покрај тоа сите во владата знаат дека плакативните тези на Зехофер наидуваат на јасна поддршка во народот: „Кога последен пат прашавме, дали исламот ѝ припаѓа на Германија, 60 проценти од испитаниците рекоа не“, вели Хајнрих.   

Затоа пак опозицијата е дотолку повеќе револтирана. Така претседателката на партијата на Зелените, Аналена Бербог за идејата за граничните контроли на Зехофер изјави: „Тука јасно важи европското право и не може еден баварски нов министер за внатрешни работи одеднаш од небо да му падне на ум  дека сега тој одлучува за тоа како ќе бидат организирани внатрешните граници во Европа во иднина. Тука важи правото за слободно движење во Европа“. 

Freitagsgebet - Islam und Debatte
Фотографија: picture alliance/dpa/R. Hirschberger

Припаѓа ли исламот кон Германија? Стара дебата

Практични последици од идеите на Зехофер речиси и нема да има: Прашањата за граничните контроли навистина се дискутираат во рамките на ЕУ. Многу земји од Унијата- покрај Германија и Австрија, Данска и Шведска поради високиот број на мигранти уште во 2015 година воведоа такви контроли. Германските важат до мај. ЕУ сака потоа да ги укине. Дали ќе се случи тоа е предмет на разговори меѓу државите. А дебатата за тоа дали исламот ѝ припаѓа на Германија пред многу години веќе еднаш се погрижи за возбуда во јавноста, кога тогашниот германски претседател Кристијан Вулф во 2010 година изјави: „Исламот ѝ припаѓа на Германија“. За ново издание на оваа дискусија интерес во новата влада имаат само малку политичари. А опозицијата и онака смета дека Зехофер не делува како сојузен министер, туку како политичар на ЦСУ, која пред покраинските избори во Баварија сака да се профилира на десниот раб на политичкиот спектар. „Сојузната политика на големата владина коалиција не смее да биде жртвувана на олтарот на баварските покраински избори“, изјави експертот за внатрешна политика на Зелените, Константин фон Ноц за ДВ. Но тоа веројатно нема да го задржи Зехофер да продолжи да провоцира.