1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова надеж за Сирија на разговорите во Астана

НД /рј/дв
23 јануари 2017

Завојуваните страни од Сирија започнаа разговори во Астана во обид да стават крај на конфликтот. Нејасно е дали делегациите ќе одржат директни средби бидејќи во Казахстан се дојдени со спротиставени цели.

https://p.dw.com/p/2WEvO
Kasachstan Syrien Friedensgespräche in Astana
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Grits

Претставници на владата на сирискиот претседател Башар ал Асад и на опозицијата денеска се собраа во главниот град на Казахстан, Астана на први мировни разговори по едногодишниот прекин на преговорите.

Иако ова е прва состанок на кој учествуваат двете страни по суспендирањето на преговорите под покровителство на ООН во Женева во минатата година, останува да се види дали делегациите ќе одржат директни средби.

Неколку часови пред почетокот на разговорите, заменик министерот за надворешни работи на Казахстан Роман Василенко изјави дека двете страни сѐ уште не се согласиле да одржат директни средби.

Доколку се согласат, тоа ќе бидат првите директни преговори водени помеѓу групата која е целосно составена од бунтовници и владата од почетокот на војната во 2011 година.

Покровители на разговорите се Русија, Турција и Иран. Тие се одржуваат еден месец откако режимот на Асад зазеде неколку населби во Алепо кои беа под контрола на бунтовниците, што претставува најголема воена победа од започнувањето на конфликтот.

Организаторите ги намалија очекувањата за можен напредок во разговорите објаснувајќи дека во двете делегации нема ниту еден член од повисокото раководство на двете страни. Министерот за надворешни работи изјави дека очекува разговорите да завршат до вторник напладне.

Конфликтни цели

Се чини дека делегациите на владата и опозицијата имаат конфликтни цели во разговорите, бунтовниците планираат да се фокусираат на хуманитарните прашања и одржување на кревкиот прекин на огнот.

Syrien Aleppo Zerstörung
Фотографија: picture alliance/AA/I. Ebu Leys

„Нема да се впуштаме во какви било политички дискусии, сѐ се врти околу прекинот на огнот и хуманитарната димензија за намалување на страдањето на Сиријците кои се наоѓаат под опсада, ослободувањето на притворениците и достава на помош“, изјви Јахја ал Ариди, портпарол на опозициската делегација за Ројтерс.

Асад, од другата страна, инсистира на тоа опозицијата да го положи оружјето во замена за договор за амнестија. Тој исто така побара „севкупно“ политичко решение за конфилктот.

Дипломати од Русија, Турција и Иран, во неделата во хотел во Астана одржаа одвоена средба на која се дискутирало за претстојните преговори. Москва и Анкара поддржуваат спротивставени страни во конфликтот, Турција овозможува помош на бунтовниците против режимот на Асад, а Русија обезбедува воена помош во корист на Асад.

Постои надеж дека разговорите во Астана може да помогнат да се рестартираат мировните разговори во Женева под покровителство на Обединетите нации. Специјалниот претставник за Сирија, Стафан де Мистура ќе присуствува на разговорите.

Разговорите го исклучуваат Западот, иако Москва, во последен момент, испрати покана до администрацијата на Доналд Трамп.

Шестгодишниот конфликт во Сирија досега однесе 310.000 жртви и предизвика раселување на повеќе од половина од популацијата на Сирија.