1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов „Сноуден“ уапсен во САД

НД /рј/дв
6 октомври 2016

По скандалот со Едвард Сноуден, разузнавачките служби на САД се соочуваат со нов случај на нелегално преземање и објавување на класифицирани податоци.

https://p.dw.com/p/2QwiF
Symbolbild Geheimdienst Akte Top Secret vertraulich
Фотографија: Fotolia/Brian Jackson

Американската сојузна полиција (ФБИ) соопшти дека во август годинава бил уапсен надворешен соработник на Националната агенција за безбедност (НСА) поради кражба на класифицирани тајни податоци. Исто така, се истражува и можната поврзаност на овој случај со неодамнешното протекување на информации во јавноста поврзани со тајни алатки за хакирање кои службите на САД ги користеле за влегување во лични компјутери и мрежи.

Официјални лица поврзани со истрагата изјавија дека во домот на 51-годишниот Херолд Томас Мартин, во Мериленд, минатиот месец била извршена рација од страна на агенти на ФБИ, наводно откако тој признал дека украл државни тајни.

„Мартин на почетокот негираше, но кога беше соочен со специфични документи, призна дека земал документи и дигитални податоци до кои имал пристап поради неговата работна задача и истите ги однел во својот дом и возило, цело време знаејќи дека тоа се класифицирани податоци“, обвинуваат од Министерството за правда на САД. „Мартин изјави дека е свесен за неговите дела и дека тие се погрешни, како и дека не требало да го направи истото, бидејќи не е овластен за тоа".

Во документите од истрагата не се содржани детали за класифицираните документи и датотеки, за кои ФБИ тврди дека ги запленила во рацијата но, според описот, тие кореспондираат со неодамнешното протекување на информации во јавноста од хакерската група која се нарекува „Шедоу брокерс“. Протечените информации се однесуваа на алатките за хакирање користени од страна НСА за заобиколување на електронскиот одбранбен систем на компјутерите и компјутерските мрежи.

Во документите од истражната процедура не е укажано на поврзаност на Мартин со претходно споменатата хакерска група, а неговиот адвокат изјави дека тој никогаш немал намера да ја предаде својата земја. Но, овој случај е најсериозното протекување на информации од НСА, по случајот на Едвард Сноуден во 2013 година.

Snowden Asyl in Russland
Едвард Сноуден доби азил во РусијаФотографија: picture-alliance/dpa

Членот на Генералниот совет на НСА, Глен Герстел, за новинската агенција Ројтерс изјави дека сѐ уште се проценува штетата предизвикана од кражбата на информациите, но сепак појасни дека „оваа ситуација не е како во случајот со Сноуден". По скандалот од 2013 година, на Сноуден му беше одобрен азил во Русија. Тој рече дека намерно ги открил информациите за набљудувањето на американските власти со цел да иницира промени.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, изјави дека претседателот Барак Обама ја сфаќа целата ситуација „доста сериозно“. „Впрочем, ова е добар потсетник за сите нас кои имаме дозвола за пристап до класифицирани податоци колку е важно да ги штитиме сензитивните информации за националната безбедност“, додаде тој.

Анонимни официјални лица од американските безбедносни служби за агенциите изјавија дека Мартин работел за консултанската компанија Буз Ален Хамилтон – истата компанија во која работеше и Сноуден кога ги објави тајните податоци за НСА во 2013 година.

Случајот на втор „свиркач“ кој издава врвни тајни на НСА повторно може да ја оддалечи администрацијата на Обама од целосно закрепнување на имиџот по скандалот со Сноуден и деталите кои протекоа за разузнавачките операции на американската влада.

Мартин, кој од 27 август се наоѓа во притвор, се соочува со можна казна до 10 години затвор доколку биде прогласен за виновен за делата кои му се товарат.