1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов импулс за турската опозиција

Улрих Шверин
12 јули 2017

Со својот „Марш за правдата“ турската опозиција доживеа неочекуван триумф. Но, сега нејзиниот лидер Кемал Киличдароглу мора да покаже умешност како да го искористи овој поволен момент.

https://p.dw.com/p/2gOXP
Türkei Marsch der Gerechtigkeit
Фотографија: Imago/Depo Photos

Со неговиот „Марш за правда", Кемал Киличдароглу ја вознемири турската влада и ги наелектризира своите поддржувачи. Турската опозиција успеа да извлече десетици илјади луѓе на улиците на патот кон Истанбул. На завршниот митинг во истамбулската населба Малтепе во неделата дојдоа стотици илјади луѓе – многу повеќе од било кој организиран протест изминативе години против претседателот Реџеп Таип Ердоган. „Ќе ги урнеме ѕидовите на стравот. Последниов ден на нашите маршеви е еден нов почеток", изјави пред насобраната маса претседателот на Републиканската народна партија. Но, се уште останува отворено прашањето што ќе произлезе од маршот.

Јасно е дека Киличдароглу со маршот ќе ја зголеми самодовербата кај неговата партија, ќе ја обедини опозицијата и ќе ја зацврсти сопствената позиција. „Расположението во партијата е многу позитивно", вели Феликс Шмит, раководител на бирото на Фондацијата Фридрих Еберт во Истамбул. Киличдароглу, кој беше контроверна личност во неговата партија, сега се стекна со поинаков имиџ и покажа дека со нов пристап може да се постигне успех. Со маршот успеа да привлече и нови поддржувачи надвор од партијата и да добие широко општестевно признание.

Неочекуван успех на опозицијата

Кога на 15 јуни во Анкара, овој 68-годишен човек најави дека во знак на протест против затворањето на неговиот сопартиец Енис Бербероглу ќе маршира до затворот во Истамбул, речиси никој не го сфати сериозно. Требаше да помине повеќе од 420 километри до градот на Босфорот, згора на сѐ, на високи летни температури. Владата со постмев прокоментира дека е подобро Киличдароглу да се качи на експресен воз, но тој не отстапи. Напротив, се чинеше дека лидерот на ЦХП, често критикуван дека нема доволно храброст и одлучност, со секој поминат ден е сѐ порешен да го направи тоа. Како што сѐ повеќе луѓе му се приклучуваа во маршот, владата стануваше сѐ понервозна. Ердоган гневно коментираше дека маршот на Киличдароглу е за поддршка на „терористи" и дека нема голема разлика меѓу него и оние кои го заговараа државниот удар во јули минатата година. Други политичари во партијата на Ердоган, Правда и развој, АКП, изјавија дека владата не ги изградила патиштата меѓу поголемите градови низ Турција за „терористи", додека провладин весник напиша дека ова е „марш на предавници." Но, обвинувањата не беа многу убедливи.

Нов почеток за Киличдароглу

„Тешко им одеше на АКП да го дискредитираат маршот", вели Кристијан Бракел од германската фондација „Хајнрих Бол" во Истамбул. Обвинувањата на сметка на шефот на ЦХП за тероризам завршија во празно. Поистоветувањето на маршот со обидот за пуч „немаше голем одек" во јавноста, напиша колумнистот Мурат Јеткин во „Хуриет дејли њуз". И анкетите покажаа дека многу поддржувачи на АКП се незадоволни од судството.

Покрај барањата за враќање на независноста на судството, Киличдароглу на завршниот митинг исто така побара и ослободување на затворените претставници на парламентот и новинари, укинување на вонредната состојба, враќање на претседателскиот систем и да му се стави крај на „еден човек – режимот".

„9 јули не е крај на маршот, туку почеток на слободата", порача шефот на ЦХП, ветувајќи дека нема да се откаже сѐ додека не се исполнат сите барања.

Türkei Proteste Demonstration gegen Erdogan
Илјадници луѓе протестираа во Истанбул против Ердоган во неделата, 9. јулиФотографија: picture-alliance/Photoshot


Гласачкото тело на ЦХП е ограничено

„Сигурно ќе биде тешко да се задржи моментумот", смета Феликс Шмит од фондацијата Фридрих Еберт. Раководството на ЦХП е свесно дека мора да следат идни чекори и дека митингот во Малтепе треба да биде само почеток. „ЦХП сѐ уште нема цврст концепт за следните активности, иако разговарав со нивни претставници, кои се полни со надеж дека е возможно оваа динамика да се задржи", вели Шмит, кој имам добри контакти со луѓе внатре во партијата.

Но, ЦХП знае дека може да стане реална алтернатива за АКП само ако ја прошири гласачката база. „Проблемот е тоа што во Турција, врз однесувањето на гласачите сѐ уште големо влијание има културниот идентитет", нагласува Бракел. Мнозинството од електоратот во Турција традиционално гласа за десницата или центарот. За левичарите, националистие и секуларната ЦХП е тешко да ја надминат својата сегашна базата на поддржувачи од 25%

Нема промена на курсот на владата на повидок

Маршот секако ја подигна нервозата кај владејачката АКП. Портпаролот на партијата Махир Унал, ден по настанот, го предупреди Киличдаролу дека игра „опасна игра" и дека сака да предизвика „анархија во општеството". „Кога човек повикува луѓе на улица, тоа е фашизам", изјави портпаролот на партијата, која редовно ги повикува своите поддржувачи на улични протести. Лидерот на ЦХП треба да се врати во парламентот и да престане да ја бара правдата на улица.

„Маршот ја уплаши АКП, инаку немаше да има ваква нервозна реакција. Сега веројатно ќе се обиде да го пригуши маршот", смета Бракел. Во понеделник, провладините медиуми го заташкаа настанот и не објавија информација за завршниот митинг, а други пак, како дневниот весник „Сабах“ го минимизираа успехот на митингот пласирајќи интервју на политолог кој објаснува зошто маршот ќе биде заборавен за неколку недели.

„Владата сега сигурно ќе се обиде да ја покаже својата сила на годишнината од обидот за државен удар на 15 јули," смета политичкиот експерт Шмит. Тој не верува дека е можна промена на курсот. Всушност навистина изгледа дека владата нема намера да попушти: во понеделникот судот во Истанбул издаде наредба за апсење на 42 вработени на Универзитетот, меѓу кои и познат професор на политички науки. Налози за апсење се издадени за уште 30 академици.