1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловата награда за мир за колумбискиот претседател

ЕМФ/ дпа/ртр/афп/кна
7 октомври 2016

Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос е добитник на овогодинешната Нобелова награда за мир

https://p.dw.com/p/2Qzpy
Kolumbien Juan Manuel Santos Präsident Friedensnobelpreisträger 2016
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Vergara

Хуан Мануел Сантос ја добива наградата за своите напори за ставање крај на војната во Колумбија, соопшти претседателот на Нобеловиот комитет, Каси Кулман Фиве. Со наградата му се оддава и признание на колумбискиот народ, затоа што не кренал раце од надежта и мирот.

Владата на Колумбија и бунтовниците на Фарк за мировен договор преговараа цели четири години. Тој беше потпишан на 26 септември, но потоа на референдум населението со тесно мнозинство го отфрли договорот. Досега и Сантос и шефот на Фарк, Родриго Лондоњо, се држат до прекинот на огнот. Во моментов  се водат преговори со противниците на договорот за мир околу евентуални подобрувања на документот. Војната меѓу колумбиската држава и Фарк почна пред 52 години и е најдолгата војна во Латинска Америка.

Годинава, инаку, имаше рекорден број номинации за Нобеловата награда за мир - 376. Според Нобеловиот комитет, номинирани беа 228 лица и 148 организации.

Нобеловата награда за мир е една од најреноминарите одликувања во светот. Од основањето, во 1901 година, досега е доделена 97 пати, а носители беа 109 лица и 25 организации. Првата Нобелова награда за мир во 1901 година ја добија Швајцарецот Анри Дунан и францускиот пацифист Фредерик Паси. Дунан е основач на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Нобеловата награда за мир, според последната желба на Алфред Нобел, треба да се доделува на лица кои покажале најдобри резултати во напорите за поголемо братство меѓу нациите, на оние кои укинале армии или организираат мировни конгреси. Првата Нобелова награда за мир била дотирана со 150.800 шведски круни, а во меѓувреме наградата е дотирана со осум милиони круни или околу 830.000 евра. Познати добитници на Нобеловата награда за мир, меѓу другите, се и Нелсон Мендела (1993), Барак Обама (2009) и Мајка Тереза (1979).

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема