1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Никола Саркози во притвор

ЖА / агенции
20 март 2018

Францускиот поранешен претседател Никола Саркози денеска е притворен во врска со аферата со изборни донации.

https://p.dw.com/p/2uc7Y
Frankreich Präsidentschafts-Vorwahl Nicolas Sarkozy
Фотографија: Picture-Alliance/dpa/Epa/I. Langsdon

Според извори од Министерството за правда на Франција, полицијата го испрашува поранешниот претседател на државата во врска со наводни неправилности во финансирањето на неговата изборна кампања. Никола Саркози од таа причина е задржан во полициски притвор, изјави денеска претставник на правосудството. Агенцијата АФП јавува дека истрагата ја води службата за борба против корупција. Извештај на весникот „Ле Монд“ тврди дека станува збор за истрага поврзана со изборната кампања во 2007. година, кога таборот на Саркози примил пари од извори од Либија. Адвокатот на Саркози засега не е достапен за коментар, а нема информации ниту од обвинителството.

Обвинувањата за финансирање од либиски извори не се нови, тие датираат веќе со години. Во изминатата претседателска изборна кампања 2016/2017, Саркози категорично ги демантираше овие обвинувања. Саркози беше претседател на Франција од 2007. до 2012. година.

Еден бизнисмен во интервју за информативниот портал „Медиапарт“ изјави дека на крајот на 2006 или почетокот на 2007. година пренесол повеќе куфери со вкупно пет милиони евра, испратени од либискиот режим на Моамер ал-Гадафи, во француското Министерство за внатрешни работи. Саркози во тоа време беше министер за внатрешни работи. Париското обвинителство во април 2013. година поведе истражна постапка за случајот.