1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ни Владата исполнува, ниту опозицијата буди надеж

26 декември 2019

Анкетата на МЦМС ги стави во дефанзива и власта и опозицијата. Премиерот Заев се надева дека стравот од ВМРО-ДПМНЕ ќе му ги врати разочараните гласачи, додека опозиционерот Мицковски се сомнева во бројките.

https://p.dw.com/p/3VMDB
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија објавена вчера донесе препирки меѓу власта и опозицијата, но поважно- ги соочи и едните и другите со незадоволството на граѓаните од сработеното на првите и понудата на вторите. Доколку рејтинзите на партиите и разликата во довербата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е минорна и се сведува на статистичка грешка, тоа не е случај и со огромната недоверба кон нив од страна на анкетираните граѓани.
Секој втор испитаник смета дека владејачката СДСМ не заслужува уште еден мандат, а речиси 59,7 проценти велат дека тоа не го заслужува ниту опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку на овие ставови се додаде и податокот дека речиси половината од анкетираните граѓани немаат доверба во ниту еден политичар во земјава, се доаѓа до заклучок дека комплетниот политички естаблишмент во земјата ја загубил битката за својата веродостојност и углед кај граѓаните, доколку се исклучат нивните партиски бази.
Оттука не треба да изненадува што високи 50 и повеќе проценти од граѓаните се подготвени да гласаат за трета опција, а во ист обем испитаниците велат дека е потребна нова политичка партија во земјата.
На нешто повеќе од четири месеци пред вонредните парламентарни избори, анкетните резултати сепак не предизвикаа поголема загриженост ни кај власта, ниту кај опозицијата. Премиерот Зоран Заев денеска од собраниската говорница лежерно коментираше дека стравот од враќањето на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати незадоволните во владејачкиот кампус.
„Како што одминува времето, оние што се разочарани од владејачките партии ќе се вратат и ќе гласаат затоа што се ежат кога ќе помислат на враќање на ВМРО-ДПМНЕ", рече Заев.

Дали тие процеси ќе се одвиваат онака како што ги замислил Заев ќе мора да почекаме до 12 април, но дотогаш, бројките велат дека големо мнозинство од испитаниците, речиси 65 проценти, рекле дека владата не ги исполнила нивните очекувања.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Се оттргна ли Мицковски од „груевизмот“?Фотографија: Petr Stojanovski

Она што може да се забележи од кампањата која ја водат владата и владејачката СДСМ е дека „ежењето од ВМРО-ДПМНЕ", покрај агресивните социјални мерки, ќе биде носечкиот столб на обидот да се обезбеди уште еден мандат.
Но, за разлика од владата која има на располагање механизми да влијае врз неопределеното и разочарано гласачко тело, најголемата опозициска партија треба да биде загрижена што граѓаните и натаму не ја перципираат како сериозна политичка опција. Исфрлањето на сликите на екслидерот Никола Груевски од партиското седиште очигледно не го брише и споменот на него кај мнозинството. Доколку и постоел обид партијата да се оттргне од „груевизмот“, тој очигледно не бил успешен. 
Во прилог на тоа и реакцијата на лидерот Христијан Мицковски на анкетата повеќе звучи како ехо на некои минати времиња, одошто како свеж ветер од опозицијата.
„Читам некои анкети кои се во функција да го мотивираат членството на СДСМ и Заев. Тогаш, доколку е таква работата, еве и јас кој непоколебливо верувам во народот, ги охрабрувам да излезат на избори и народот да одлучи“, порача Мицковски преку својот Фејсбук профил.
Од реакциите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ на анкетата се чита неуспехот и на едните и на другите да се прикажат како реорганизирани и нови опции. Јавноста тоа очигледно не го гледа.

Интервју со Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ