Нереди во Киев по апсењето на Михаил Сакашвили
5 декември 2017Драматични сцени во украинскиот главен град Киев, каде полицијата попладнево најпрво го уапси поранешниот грузиски претседател Сакашвили, а потоа под притисок од неколку илјади негови поддржувачи тој сепак успеа да излезе од полициско возило.
Маскирани полицајци ги одвлечкаа Сакашвили од кровот на зградата во која живее, откако тој оттаму се обиде да им се обрати на поддржувачите. Но, откако беше сместен во полициско возило, стотици луѓе со барикади го блокираа неговото движење, а на крајот успеаја и да го ослободат.
„Ве повикувам да почнете мирни протести за смена на Порошенко (Петро, украински претседател, н.з.). Не плашете се“, повика Сакашвили преку мегафон.
Апсењето на Сакашвили е нов пресврт во неговиот однос со властите во Украина, од кои беше поканет да дојде во земјата и дури беше поставен и за регионален гувернер на Одеса.
Украинските власти го сомничат Сакашвили дека добил средства од криминална група поврзана со поранешниот украински претседател Виктор Јанукович со намера да ја урне владата.
Сакашвили се соочува со затворска казна од пет години доколку биде прогласен за виновен по обвинувањата. По него трагаат и властите во Грузија, каде е обвинет за корупција.
Откако влезе во конфликт со украинскиот претседател Петро Порошенко, Сакашвили започна политичка кампања за негова смена, обвинувајќи го за корупција. Иако првично доби и украинско државјанство, во меѓувреме тоа му беше одземено.