1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ненад Марковиќ: Наоѓање 2/3 мнозинство е побезболно решение

8 октомври 2018

За жал на македонската демократија, најдобро решение е кога би се пронашло 2/3 мнозинство за уставни измени. Поболното решение се избори, на кои веројатно ништо ново нема да дознаеме, вели политологот Ненад Марковиќ

https://p.dw.com/p/3691u
Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Три дена пред најавениот краен рок (10 октомври) до кој власта ќе се обидува да обезбеди опозициска поддршка за уставните измени предвидени со Договорот од Преспа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ понуди „излез од слепата улица во која државата е дотуркана од власта“. Христијан Мицкоски предлага премиерот Заев  веднаш да се откаже од Договорот со Грција и потоа да се организираат нови избори, под два услова: пржинска влада, содржински иста каква што имале СДСМ и Зоран Заев пред изборите во 2016 година, и нов јавен обвинител на предлог на опозицијата. Како што изјави Мицкоски, „тоа професионално, а не партизирано обвинителство, ќе работи на случаите отворени од СЈО, ќе има можност да ги доиспита незаконски прибавените снимани материјали, ќе ги испита сите афери и сомнежи за криминал поврзани со актуелната влада, нерегуларностите произлезени од референдумското изјаснување, но и дел од незаконски стекнатите прислушкувани материјали кои се однесуваат на Зоран Заев и СДСМ“.

За овие барања, за сензитивноста за политичкиот момент во кој се најде Македонија по рефрендумот, и за шансите за избегнување нова криза, разговаравме со политологот Ненад Марковиќ.

ДВ: Имајќи ги предвид условите на Мицкоски, дали ВМРО -ДПМНЕ отворено инвестира во криза со цел да изнуди ново „Пржино“, што ќе ја врати опозицијата на „нулта позиција“: СЈО би заминало во историјата заедно со „бомбите“, а ВМРО-ДПМНЕ би обезбедила неказнивост за нејзини претставници и нова, „вистинска правда“ преку нејзин обвинител?

Ненад Марковиќ: Многу ми е тешко да ги коментирам барањата на Мицкоски поради нивната конфузност. Искрено, мене не ми е потполно јасна позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во овој момент, но барањата врзани за судството и обвинителството ги подгреаја сомнежите дека во овие преговори се преговара за се, освен за потребните пратеници за пакетот уставни измени. Во таа смисла, барањето пржинска влада само по себе не е нелегитимно барање, но она што е различно од другите изборни циклуси е што сега Република Македонија нема време да спроведува и пржинска влада и уставни измени, поради политичкиот временски теснец во кој се најдовме. Барањето на секоја опозиција да го контролира судството преку барем еден инструмент - СЈО или некакво ново СЈО, не кажува ништо добро за нашето судство и во најмала рака фрла сомнеж на можноста судството во блиска иднина да може да се самоменаџира без политички притисок, без кој очигледно не е навикнато да работи. Судството во РМ не успеа три декади да застане на сопствени нозе, ниту влева каква било правна сигурност или перцепција на независност кај граѓаните. Оттука и барањето на секоја опозиција да контролира барем дел од истото (поточно обвинителството) е решение исклучиво на краток рок и не му помага на судството да се осамостои и да стане реална и независна власт во нашето општество. Во првиот момент кога ќе излеземе од посериозна криза - ако воопшто излеземе, мислам дека судството треба да се исфрли од изборната пазарна равенка, проследено со сериозни реформи - на менталитетот на судиите, пред се.

Mazedonien Nenad Markovic Politikwissenschaftler
Ненад МарковиќФотографија: Privat

Токму со обвинувања за политичко судење, Груевски имаше обраќање на Фејсбук. Како го коментирате фактот, што во обидот да ги поучи пратениците како да постапат во парламентот, во фокусот ја стави исклучиво сопствената амнестија?

Груевски во дадената ситуација прибегнува кон една тактика која досега се покажала како многу успешна во нашето општество, а тоа е виктимизацијата. Впрочем, прашање е дали воопшто постои алтернативна реторика која би можел да ја примени во ситуација каде е притиснат во агол. Со ваквото патронизирачко обраќање, всушност, се обидува преку сензитивната тема врзана за Преспанскиот Договор и референдумот, на мала врата да ја протне тематиката за сопствената невиност, врзувајќи ги двете теми кои инаку не би требало да бидат поврзани. Овој врзан пакет има за цел да ги искористи подигнатите емоции околу референдумот во функција на одбрана на Груевски како невина жртва на политички прогон, каде публиката која е против референдумот треба да стекне впечаток дека судењата се некаква одмазда заради референдумот и позицијата на Груевски во врска со истиот, притоа заборавајќи дека овие процеси започнаа многу пред воопшто да стане збор за некаков договор меѓу Заев и Ципрас.

Повеќе на темата:

-Како до уставни промени: Со избори се троши време, без избори уште повеќе

-Македонија пред нови избори: желба или нужност?

-ВМРО-ДПМНЕ во нова радикализација на штета на Македонија

Внимание привлекува и однесувањето на дел од партиите на Албанците во овој момент. За каква одговорност и зрелост говори фактот што дури и во оваа исклучително тешка фаза, на пример, „Беса“ на Касами се обидува процесот на уставни измени да го натовари и со етнички барања?

Ова беше и предвидлива, и по кој знае кој пат - разочарувачка постапка. Не можам да кажам дека беше неочекувана, бидејќи ДУИ со Тиранската платформа која им ја испорача на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ јасно направи матрица на однесување, која едноставно се сведува на тоа дека кога голем дел од процесите зависат од тебе - почни да се занимаваш со етничко претприемништво и мешетарење. Пласирањето етнички теми во вакви критични моменти говори за неможноста на албанските политички партии да се надминат во вечното етничко наддавање врзани за тоа кој ќе му обезбеди на просечниот албански гласач во Македонија повеќе права. Таа митоманија на етничките права веќе ја има изгубено секоја суштествена смисла и служи како мантра која овозможува албанскиот политички фактор никогаш да не излезе од комфорната зона на етничкиот натпревар за албанскиот глас. Истовремено, ова има две нус-појави. Едната е вечното држење на албанскиот гласач во позиција на жртва и во рамките на преџваканиот етнички дискурс (и инфантилизација на истиот тој гласач), бидејќи надвор од него албанските политички партии очигледно тешко се снаоѓаат. Второто е - рушење на перцепцијата дека кај албанскиот политички фактор НАТО и ЕУ се светост, бидејќи ако е тоа така, тие самите би станале свесни дека ова е најпогрешното време за испоставување на вакви барања базирани на краткорочен политички профит. Етничката агенда е очигледно über alles, дури и во времиња кои се крајно критични за државата.

Остануваат уште два дена во обидот на власта да обезбеди 2/3 мнозинство за уставни измени, или да се оди на нови избори. И двата процеса носат ризици и неизвесности. Што е подобра опција, во смисла на чисто, некомпромитирано решение, кое и на подолг рок би било попродуктивно?

Некомпромитирано решение не постои, нема потреба за какви било разубавувања на реалноста. Наоѓањето на пратеници кои би гласале веќе во овој состав за уставните измени подразбира крајно грд процес на нивно физичко обезбедување, веројатно и на цели семејства, и носење на гласање само по повод уставните измени. Ова, секако, доколку не се случи некоја поголема шизма во ВМРО-ДПМНЕ, за која има малку шанси. За заткулисните пазарења подобро и да не зборуваме. Сепак, а за жал на македонската демократија и правна држава, ова е побезболното решение. Поболното решените се избори на кои веројатно ништо ново нема да дознаеме. Шансите на нив ВМРО ДПМНЕ да изненади со освојување на најмалку 61 пратеник се подеднакво мали, колку и можноста СДСМ и коалицискии партнери да освојат 2/3 мнозинство. Не е многу важно дали ВМРО-ДПМНЕ ќе има 59 или 41 пратеник, секако, во перспектива на брзо решавање на кризата. Важно е само во однос на тежината на пазарењето отпосле, односно политичкиот лост кој би им бил на располагање. Она од што ВМРО-ДПМНЕ стравува, и со право, е дека во услови на избори бојкотот не помага, па ќе се види точно и прецизно колку луѓе, горе-долу, активно го поддржале бојкотот а колку само не се одважиле да гласаат. И тука почнува сосема друго толкување на референдумските резултати, каде политичкиот притисок комплетно се префрла на ВМРО-ДПМНЕ и експоненцијално се зголемува. СДСМ од друга страна, стравува дека може да се соочи со полош резултат од оној на претходните изборни циклуси. А по изјавите на албанските политички партии, кои очигледно не сакаат избори, треба да стравува и за градењето цврста и стабилна политичка коалиција фокусирана на членството во ЕУ и НАТО. Албанските политички партии очигледно повторно ќе испостават фактура за својата лојалност. Или барем така изгледа.

На крајот, откако сите оставија автентична „трага“ кон рефрендумот, што покажува вкупниот резултат? Дали граѓаните на оваа земја се свесни за значењето на интеграциите, дали нивото на политичка култура и визија рефлектира слика за зрело и свесно граѓанство?

Граѓаните на Република Македонија се уморни и резигнирани. На граѓаните им е евидентно смачено од референдуми и избори, и затоа сметам дека тоа делумно ги објаснува референдумските резултати, а постои и потенцијална опасност од ниска излезност на изборите од оваа причина, независно колку плебисцитарно тие би изгледале. Во таа смисла, мислам дека најдоброто решение е најбрзото, во кое веднаш би се пронашло 2/3 мнозинство потребно за уставни измени, со што би се прекинал константниот тренд на префрлање на одговорноста кон граѓаните, кои повеќе од се се уморни од чекање решенија и излез од егзистенцијалната криза, последица на незрелоста на политичките актери во државата.