1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Немилосрдно против терористите

1 април 2010

Три дена по двојниот бомбашки напад во московското метро, претседателот Дмитри Медведев ненајавено допатува во руската република Дагестан. Таму тој се заложи за порешителен однос кон востаниците во Северен Кавказ.

https://p.dw.com/p/MkCg
Рускиот претседател Дмитри МедведевФотографија: AP

При ненајавената блиц-посета на конфликтното подрачје на Северен Кавказ, претседателот на Руската Федерација, Дмитри Медведев, повика на заострување на мерките против тероризмот и се заложи дури за превентивни удари против терористите. „Сите држави треба да размислат за проширување на лепезата мерки во борбата против тероризмот“, повика Медведев. „За спречување на грозоморен атентат не би смееле да бидат табу дури ни превентивни удари против терористите“, порача претседателот според јавувањето на новинската агенција Интерфакс.

Дмитри Медведев побара во Махачкала и поостар однос кон востаниците во регионот. „Мерките треба да бидат проширени и да станат поефикасни, поостри и погрозоморни“, изјави претседателот и борбено додаде: „Ќе ги пронајдеме сите терористи и ќе ги казниме!“ Обраќајќи им се директно на републичките власти на Дагестан, Медведев ги повика потесно да соработуваат со исламските свештени лица за да ги спречат атентатите на екстремистите. Освен тоа треба да се изготви и програма за излегување од сцената за оние екстремисти, кои сакаат да се повлечат од оружената борба. Од друга страна, пак сите проповедници кои заговараат насилство, треба да бидат општествено изолирани.

Russland Dagestan Anschlag in Kisljar
Токму во Кислјар вчера имаше нов бомбашки нападФотографија: AP

Во меѓувреме рускиот весник „Комерсант“ објави сторија, според која двете атентаторки од московското метро допатувале во главниот град со автобус што тргнал од дагестанскиот град Кислјар. Овој град се смета за идеално место за терористите, бидејќи е веднаш на границата со Чеченија и има добри сообраќајни врски со Москва. Весникот исто така пишува дека двете жени и’ припаѓале на група од вкупно 30 терористи, кои биле обучувани во Чеченија.

Автор: Г.Ч./ДПА/АФП

Редактор: Жана Ацеска