1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема услови за избори на 24 април

Катерина Блажевска21 февруари 2016

Нема услови изборите да се одржат на предвидениот датум. Се очекува политичките лидери да работат за да обезбедат услови кои ќе овозможат кредибилни избори, порачаа ЕУ и САД.

https://p.dw.com/p/1HzZ5
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нема услови за организирање кредибилни избори на предвидениот датум 24-ти април, се вели во заедничка изјава на ЕУ и САД, која вечерва ја соопшти американскиот амбасадор, Џес Бејли.
„Нотираме дека резултатите од работата на ДИК во однос на проверката на избирачкиот список во оваа фаза не се доволни за да се одржат кредибилни избори на 24 април, иако одреден напредок е направен. Исто така се уште не е постигнат договор за медиумските реформи за да се осигура поле за еднаков пристап. Исто така сме загрижени од извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица“, рече Бејли. Тој ги повика на одговорност сите потписници на Договорот од Пржино да работат на негово спроведување.
„Силно ги охрабруваме сите политички лидери, и власта и опозицијата, и институциите да останат целосно посветени на имплементацијата на Договорот од јуни/јули како и на чекорите преземени досега. Ако изборите не можат да се одржат на предвидениот датум, се очекува политичките лидери да работат за да се обзбедат услови кои ќе овозможат кредибилни избори во најрано можниот датум, со целосно почитување на обврските и подготовки на ДИК за тоа. Партиските лидери го предложија 5 јуни како можна алтернатива. Сега се бараат сериозни напори од сите функционери кои се потребни за да се постигнат условите кои ќе овозможат кредибилни избори, во кои сите граѓани и партии слободно ќе учествуваат“, се вели во заедничката изјава.
Бејли изјави дека сега одлуката е во рацете на парламентот и потенцираше дека ЕУ и САД и понатаму одблиску ќе го набљудуваат прогресот и исполнувањето на обврските. На политичките лидери им беше упатена порака дека имаат обврска да ги преземат сите неопходни чекори што ќе ја вратат земјата на евроинтегративниот пат, со целосно спроведување на договорот од Пржино и итните реформски приоритети, во интерес на сите граѓани.

Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Фотографија: MIA

Груевски отсутен

Оваа оценка пртходно му беше соопштена на премиерот Емил Димитриев, како и на лидерите на партиите кои попладнето во Клубот на пратениците присуствуваа на заедничка средба со американскиот и со заменикот-амбасадор на ЕУ. На средбата не дојде единствено лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Причините за отсуството на Никола Груевски, од партијата ги објаснија како „негова проценка, околу која ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе се произнесе“.
По средбата, лидерот на ДУИ, Али Ахмети нагласи дека ДУИ е на иста линија со меѓународната заедница.
„ДУИ е на иста линија и комуникација со меѓународната заедница. Сметаме дека средбите треба да продолжат и да се постигне компромис и согласност меѓу сите страни за да не дозволиме Договорот да пропадне. Пропаѓањето на Договорот значи почеток и продлабочување на политичката криза во Македонија. Македонија нема потреба од политичка криза, туку завршување на актуелната криза, затоа апелираме до сите партии да најдеме заедничко решение“, рече Ахмети.

Kombibild Politiker Mazedonien

Прекината соработката со Ванхауте

Освен отсуството од лидерската средба, ВМРО-ДПМНЕ вечерва соопшти и дека донела одлука да престане да соработува со европскиот посредник во преговорите, Питер Ванхауте.

„Одлуката се базира на неговите навреди кон ВМРО-ДПМНЕ и претставниците на партијата кои учествуваа во преговорите, како и континуираните омаловажувања кон народот и Република Македонија. ВМРO-ДПМНЕ долго време го толерираше неговото несоодветно однесување, делумно и заради фактот што после секоја изречена навреда или омалуважување, Ванхауте се извинуваше како маче. За жал веднаш по барањето да му биде простено, следеа нови испади и нови навреди. Заради овие причини, ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да учествува на состаноци на кои што ќе присуствува и Питер Ванхауте. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, Питер Ванхауте од денеска е турист во земјава и може да му препорачаме да го посети Музејот на македонската револуционерна борба“, соопшти владејачката партија.

Се претпоставува дека повод за ваквата реакција се твитовите и фејсбук статусите на Ванхауте.

Mazedonien Peter Van Houte
Фотографија: MIA

„Во моментот има техничка влада со единствена агенда да организира избори. Импресивно. Не сум убеден дека за да се организираат се потребни толку законски измени“, напиша посредникот на Фејсбук, откако 74 законски измени се најдоа на дневниот ред на утрешната пленарна седница на Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ претпладнето ја повика Државната изборна комисија до крајот на денот, да одржи јавна седница или работен состанок на кој би присуствувале по најмалку два члена од четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, на која во живо, пред камери би дискутирале за сите ингеренции, законски обврски, потреби и можности кои ги има ДИК, за да нема дилеми околу изборите кои треба да се одржат на 24 април 2016 година.

„Според информациите кои до нас стигнаа од ДИК и странските експерти кои работат таму, вкрстувањето на податоците, во најлош случај, со мрзлива и неодговорна рбота може да се заврши за максимум 14 дена“, рече Илија Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Состанок на ДИК денеска не се одржа.