1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Нема преживеани во несреќата на индонезискиот авион

ЕМФ /агенции
29 октомври 2018

Авионот на евтиниот летач „Лајон Ер“ исчезнал од радарите неколку минути по полетувањето и се урнал во морето на околу 70 километри оддалеченост од Џакарта.

https://p.dw.com/p/37I8g
Indonesien Flugzeugabsturz Lion Air
Спасувачките екипи пребаруваат по остатоците од авионот извадени од моретоФотографија: picture-alliance/dpa/BNPB

Боингот 737 МАX превезувал 189 патници и членови на екипажот. Според индонезиските власти, тој се урнал во морето 13 минути откако полетал од меѓународниот аеродром во Џакарта. Портпаролот на Националната спасувачка служба, Јусуф Латиф, соопшти дека леталото последно било локализирано кај Караванг, во провинцијата Западна Јава. Таму е прекината и радио врската со авионот.

Спасувачите во меѓувреме лоцираа остатоци од авионот на околу 70 километри оддалеченост од Џакарта и од морето извадија дел од телата на загинатите.

Авионот летал на домашна релација, во насока на Пангкал Пинанг, на островот Бангка. Надлежните тврдат дека леталото било старо само два месеца и дека зад себе имало околу 800 часови летање.

Indonesien Flugzeugabsturz Lion Air
Роднини на патниците во очекување на вести за авионотФотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Sutrisno

Се претпоставува дека причина за уривањето на авионот се технички проблеми. Првиот човек на авиокомпанијата „Лајон Ер“, Едвард Сираит, изјави дека пилотот непосредно по полетувањето побарал дозвола да се врати назад, на аеродромот во Џакарта. Сираит потврди дека авионот претходно веќе имал тенички проблеми кои наводно биле остранети пред кобниот лет.

„Лајон Ер“ е индинезиска авиокомпанија која реализира евтини летови, а основана е во 1999 година. Компанијата која експандираше брзо користи модерни летала од Боинг и Ербас и покрива линии главно во Индонезија. Во моментов компанијата има околу сто свои авиони.