1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема живот без љубов

Јулија Вергин
11 јануари 2019

Во текот на еволуцијата човекот се стекнал со способноста да сака. Има и зошто – без победата на љубовта над рациото животот би бил здодевен, но и поопасен.

https://p.dw.com/p/3BBp1
Symbolbild Liebe & Partnerschaft
Фотографија: picture-alliance/blickwinkel/M. Baumann

На колегиум решивме - да има нешто позитивно за почетокот на годината. Би можела да пишувам за љубовта, се слушам самата себеси и предлогот да раскажам што е љубов, како настанува, кога и зошто.

Супер, ми одговараат колегите, а јас се прашувам што ли ми требаше да предлагам таква тема. Кој пишува за љубовта мора да пишува и за тоа дека таа не секогаш успева. Мора да пишува за болката на невозвратената љубов. За крајот на љубовните врски. За скршени срца. И веќе е јасно зошто воопшто темава ми падна на ум.

Љубовта е насекаде. Таа е универзална. Нема култура која научниците ја истражувале, а да не знае за љубовта. Сепак, научниците феноменот го третираат дури од 1980-те години наваму. Оттогаш, психолози, невролози и социолози се обидуваат да ѝ влезат во трагата на љубовта и наоѓаат различни одговори на прашањето што всушност е љубов.

На почеток е хаосот со хормоните

Љубовта е резултат на прастар коктел од невропептиди и невротрансмитери, тотално неромантично пишува индискиот научник Кришна Сешадри во трудот „Невроендокринологијата на љубовта". Љубовта минува низ различни стадиуми, во кои се активни различни региони во мозокот кои предизвикуваат излачување на бројни хормони.

Се почнува со тоа дека некој човек одеднаш има посебно место во нашиот живот, тој е уникатен! Има прекрасна насмевка, начинот на кој го доживува светот е посебен. Таа има смисла за хумор и се разбира дека е убава. Ми годи кога разговараме. Перфектна е! Сето ова звучи познато, нели така? Точно, вљубени сме.

Во тој стадиум сме екстремно фиксирани на посакуваниот објект, на тоа што таа или тој прави и го следиме со најголема будност. Силните страни се нагласуваат, маните или комплетно им ги игнорираме, или ги сметаме за нерелевантни. За луѓето од нашата околина во таа фаза сме апсолутно напорни.

Да се виде вљубен: Чист стрес!

А, не можеме ништо против тоа: невробиолошки погледнато сме во вонредна состојба. Може да се спореди со екстремна ситуација на стрес, но во позитивна смисла. Според Сешадри, покаченото ниво на кортизол во крвта на вљубените е важно за градење на поврзаноста која обајцата толку силно ја посакуваат.

Да се биде вљубен има нешто посебно. Интензитетот на чувствата може да се спореди со опиеноста од наркотици. Не е ни чудо, бидејќи во двата случаи се активира системот за наградување на мозокот. Не чувствуваме толку страв, расположението ни е на ниво, депресијата исчезнува. Но, нашиот капацитет за реална проценка во таа фаза може комотно да го сметаме за непостоечки. Емотивната опиеност најчесто оди рака под рака со екстремна потреба од секс. Дополнително, во организмот се зголемува и количеството на хормоните тестостерон и естроген и перманентно сме нокаутирани, во буквална смисла на зборот.

Окситоцин против опиеноста

Психолозите не се согласни околу прашањето - колку долго може да трае состојбата на вљубеност. Единствено се знае дека некогаш и тоа мора да заврши. За оние кои и натаму не се откажуваат од партнерот, нештата се развиваат малку помирно. И со повеќе љубов.

Хормонот окситоцин ја прекинува убавата, но стресна фаза на опиеност и носи смиреност. Врската помеѓу двајцата вљубени може да се продлабочи. Тој што има доволно храброст, сега може да се препушти на чувствата. Партнерите се поддржуваат и чуваат меѓусебно, и кога нештата не одат на арно.

Љубовта ја победува рационалноста

За психологот Давид Бус љубовта е клучна: таа поврзува двајца кои на посебен начин се решиле на заеднички живот, вклучително и заеднички обврски, деца и компромиси. Ако двајца се решат од рационални причини да бидат заедно, секогаш постои опасност во секое време да се појави некој трет, поубав, посилен, подобар. Љубовта е таа што нѐ штити нашиот партнер да не нѐ напушти во такви моменти. „Љубовта ја победува рационалноста", пишува Бус во „Еволуцијата на љубовта кај луѓето."

Безусловната љубов е нешто повеќе од романтична идеја. Таа е од витално значење за опстојување на семејството. Таа спречува двајцата партнери да бидат постојано на „штрек“ и загрижени дека следниот подобар ривал може да ви го растури целиот живот. Моногамијата на која се обврзуваат поголемиот дел двојки – барем теоретски – гарантира дополнителна стабилност во партнерството и семејството. Сите ресурси се инвестираат во едно семејство, за да се осигура сопствениот опстанок и животот на децата. И сексот со само еден партнер има своја функција во овој контекст, бидејќи при оргазмот се лачи окситоцин кој ја продлабочува врската меѓу двајцата партнери.

Нема живот без љубов

И покрај сето ова: врски се раскинуваат и завршуваат. Тоа може многу да ве погоди: „Загуба на љубов е една од најстрашните искуства кои еден човек може да ги доживее. Само смртен случај, односно загуба на дете, може да биде посилно од оваа психолошка болка," вели психологот Бус. Веројатно болката доаѓа од фактот дека и покрај тоа што е завршена врската, не значи дека и љубовта исчезнала.

Љубовта го победува рационалното: таа останува дури и кога веќе нема основа за љубов. За Бус љубовта е од витално значење, што можеби е причината зошто секогаш почнуваме одново и повторно да страдаме од болката која љубовта често ја носи со себе.