1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Неказнивоста во Македонија ги мотивира лепливите прсти

12 април 2017

Во културата на неказнивност, социолози ја гледаат причината за мотивацијата на брз и незаконски начин да се стигне до големо богатство. Расте загриженоста што успешните крадци стануваат посакуван модел на однесување.

https://p.dw.com/p/2b5yA
Symbolbild Transparency International Korruption
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen

Неказнивноста, идеалот за стигнување до „лесни пари“, изградениот модел дека се успешни оние што брзо ќе збогатат без оглед на методите, а дека се губитници оние кои се залагаат за чесно работење и морал, создаде искривоклочени морални и работни стандарди во Македонија. Низ сетот на ваквите „вредности“ социолози се обидуваат да ги прочитаат мотивите што стојат зад најголемата кражба во историјата на Македонија. Пријавена е завчера, со сомнеж дека 40-годишен вработен во „НЛБ“, семеен човек и татко на две деца, од сефот на банката украл речиси 3 милиони евра (2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра). Од банката преку писмено соопштение смируват дека парите на сите клиенти се безбедни, бидејќи „НЛБ“ ги има преземено сите мерки за осигурување на редовните активности. Во вообичаена атмосфера вчера течеше работниот ден во банката, а граѓаните кои чекаа пред шалтерите имаат различни оценки за чинот.

„Срамно е што крадел, а посебно што крадел од куќата во која го заработувал лебот“, луто реагира пензионерка од Скопје.

Чинот го осудува и 23-годишен студент, но потенцира дека во македонското општество и осудата и одговорноста изгубиле секаква смисла.

„Не знам дали е ова најголемата кражба досега, како што велат. Кога слушаме податоци колку пари биле изнесени од Македонија во изминатиот период, а досега не сме слушнале дека некој одговарал за тоа, можам да кажам дека во редот пред овој сторител, веројатно има многу поголеми 'шампиони'“, вели тој.

Mazedonien Bankautomat Geld abheben
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нема осуда

Токму во аспекот на неказнивноста, многумина ја гледаат причината за мотивацијата на брз и незаконски начин да се стигне до големо богатство.

„Во нашата општествена меморија остана запамтено дека може да се збогатите на незаконски начин без никакви последици, без да се понесе одговорност за тоа“, вели социологот Илија Ацески.

„Почна со приватизацијата која се одвиваше во сите земји во транзиција, некаде побрзо, некаде побавно, која ние веќе ја подзаборавивме, а беше наречена 'големиот грабеж'. Никој не понесе одговорност. Во изминативе години кражбите продолжија на друг начин. Украдени се стотици милиони евра 'законски покриени' со тендери, со анекс на договори, со анекс на анексот на анексот.., или преку дупки во законите кои не се случајни, туку свесно создадени услови за такви активности“, вели Ацески. 

Според него, изградената култура на неказнивост, придонела да не постои форма на осуда, а голем дел од младите да промовираат лабав однос кон моралното поведение.

Wirtschaftskriminalität Symbolbild Korruption
Фотографија: Fotolia/Elnur

„Многу од младите им се одушевуват на оние што брзо ќе се се 'снајдат'. Во тоа ја гледаат нивната 'успешност' и им стануваат модел на однесување, за разлика од другите кои ги сметаат за губитници бидејќи не се 'снашле' во бизнисoт. Кога би имало јасни правила на однесување кои мора да се почитуваат, не би ни морале да се повикуваме на моралот. Но кај нас не постојат правила на однесување, односно целата процедура е претворена во уметност како да се дојде до лесни пари. Ние не знаеме ни како се трошат буџетските пари, бидејќи нема никаква транспарентност“, потенцира Ацески.

Долг список на кражби

Надвор од сферата на злоупотреба на буџетски пари, чие санкционирање не бележи резултати, историјатот на поголемите индивидуални кражби на банки бележи почеток од 2002 година. Пред кражбата во „НЛБ“, најголемата украдена сума е онаа од вкупно 2,5 милиони евра, извршена во различни грабежи извршени во експозитури на АД „Македонска пошта“, најчесто на поштенски комбиња со кои се вршел трансфер на пари. Во таа сума спаѓаат и украдените 670.000 евра, кои се најголем поединечен плен во вооружен грабеж од возило на „Македонска пошта“, во 2005 година во Скопје. Во 2010 година на патот Прилеп-Битола под закана со оружје беа одземени 450.000 евра од возило на „Стопанска банка Битола“. Една година претходно, во најстрогиот центар на Скопје, среде бел ден разбојници со оружје упаднаа во „Прокредит банка“ и украдоа околу 50.000 евра. Во 2014 година тројца вработени во „Охридска банка“ добија кривични пријави бидејќи од парите со кои требало да се полнат банкоматите, украле вкупно 200.000 евра. На патот Прилеп-Битола во близина на Велес, лани беше пресретнато возило на фирма за обезбедување и под закана со оружје ѝ беа украдени околу 65.000 евра. Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, вели дека и актуелната состојба има влијание на ваквите појави.

„Не функционираат државните институции, МВР е комплетно парализирано, голем број граѓани не се чувствуваат безбедно, бидејќи и нивните домови и имоти се честа мета на кражби. Кога е разорен системот за безбедност, ваквите појави нема да се намалуваат, туку, за жал, ќе растат“, вели Трајанов.  

Полицијата вчера привела едно лице во станицата во Кисела Вода каде бил извршен распит, но не се откриваат детали дали кај него се најдени украдените пари, кои биле мотивите за кражбата, и дали приведеното лице соработувало со други лица.