1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Кој ќе го плати цехот од штрајкот во образованието?

ДТЗ
18 април 2022

Скратена настава, заменски наставници или продолжена школска година се во игра ако продолжи штрајкот во училиштата и градинките

https://p.dw.com/p/4A3jQ
Symbolbild Schülerin & Hausaufgaben
Фотографија: Imago/PhotoAlto

Ученичките клупи веќе втора недела се празни поради штрајкот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК)  за поголеми плати на наставниот кадар. Додека траат преговорите, кои засега се чини се во ќорсокак, откако СОНК го одби предлогот на Владата за 10 проценти покачување на платите, најголемата штета од прекинатиот образовен процес ја трпат учениците. На само месец и половина пред крајот на учебната година, и само неколку недели пред полагањето на стручните испити и државната матура, родителите и учениците се во грч и неизвесност како ќе се надополнат изгубените часови и како тоа ќе се одрази на нивните планови за запишување во средните училишта, или пак за продолжување на школувањето на високообразовните институции. 

Надлежните министри апелираат за разумност и ги повикуваат наставниците да го прекинат штрајкот, додека дел од родителите бараат професорите да штрајкуваат по работното време, без да го нарушуваат образовниот процес на штета на децата. „Нашите деца за неполн месец ги чека полагање матура и уписи на факултет. Имаа продолжен распуст поради пандемијата, сега уште овој прекин им фалеше. Кој ќе биде виновен за евентуалните лоши резултати?“, реагираат родителите чии деца се наоѓаат пред важни одлуки за продолжување на понатамошното образование. 

Скратена наставна програма - дали тоа е решение?

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, смета дека сѐ ќе се надокнади со скратена наставна програма. Пропуштениот материјал учениците би го надоместиле во позбиена форма и со поголема динамика.

„Нашето убедување како наставници е дека учениците нема да бидат ускратени од понудата и можноста да го надокнадат она што сега го имаат пропуштено. Имаме искуство, сме работеле и друг пат во такви услови, па и за време на пандемијата кога часовите траеја по 30 минути“, изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на прес-конференцијата во неделата (17.04). 

Изминативе две години образовниот процес доживеа бројни турбуленции поради пандемијата, а штрајкот на наставниот кадар е последната капка во морето проблеми со кои се сооочија училиштата и градинките.  

Неделков е дециден дека наставниците имаат изгубено по еден, два, три или пет часа, во зависност од предметот кој го предаваат. „Секој од наставниците знае како да ги надополни изгубените наставни часови“, вели тој..

Заменски наставници како излезно решение

Неизвесноста од исходот на преговорите меѓу Влаата и СОНК, ја отвори и можноста за ангажирањето на заменски наставници во училиштата. Од СОНК сметаат дека тоа нема да има влијание врз актуелниот штрајк на вработените во образованието.

„Работодавачите нека си обезбедат заменски работници кои не штрајкуваат. Нека не бидат штрајкувачите виновни затоа што нема воспитно-образовен процес. Нека си обезбедат установите заменски наставници, заменски хаусмајстори, заменски градинари итн. Без разлика на кое работно место се наоѓаат вработените, директорите, министерствата имаат можност да менаџираат и да обезбедат. Иако не е тоа решението. Решението е друго“, вели Неделков.

Штрајкот започна на 11 април.  СОНК бара зголемување на платите за 18,4 отсто и нивно усогласување со минималната плата, која што беше зголемена. Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование кое што го понуди Владата, според СОНК не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата.

-повеќе на темата: Жолтата лента на штрајкувачка рака

За време на штрајк нема плата, само придонеси

Наставниците, негувателките и воспитувачките во градинките коишто штрајкуваат нема да земат плата, туку ќе им бидат платени само придонеси. Според сдк.мк оваа одредба е предвидена со Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование, и за вработените во градинките. 

Од Владата велат дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови на економска и здравствена криза. Оценија дека одбиената понуда за 2.500 денари покачување на платата значи дека СОНК ги става личните интереси пред оние на децата.

„Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите“, порача премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук. Тој вели дека Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за граѓаните, пред сѐ за најранливите.

„И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните. И покрај сѐ, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став, туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата“, објави Ковачевски.