1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта и опозицијата разединети и за независноста

ДТЗ
9 септември 2021

Празнувањето на Денот на независноста помина во духот на критики за пропуштените шанси и неисполнетите ветувања, но и со надеж за европска иднина.

https://p.dw.com/p/405wi
Северна Македонија Независност Скопје
И рударите дефилираа на прославата на 30 годишнината од независноста во СкопјеФотографија: Arbnora Memeti/DW

Ниту прославата за 30 години независност на Република Северна Македонија не успеа да ги обедини политичките партии. Власта и опозицијата и овојпат празнуваа одделно – додека во Скопје се одржа централната јубилејна прослава во чест на 30-годишнината од независноста, во Битола опозицијата организираше паралелна прослава.  

Државниот врв, претставници на институции, на граѓанското општество, верските заедници, амбасадори и други членови на дипломатскиот кор присуствуваа на дефилето коешто се одржа пред зградата на Собранието. За некого ретро „како од времето на Тито“, за други величествено – граѓаните на социјалните мрежи ги споделија своите различни впечатоци за прославата, којашто ја следеа од своите домови. 

Премиерот Зоран Заев, пак, вели дека било прекрасно да се видат најзаслужните граѓани рамо до рамо во здружени сили како гордо го претставуваат лицето на Северна Македонија. 
„Припадниците на Армијата, полициските службеници, нашите посветени здравствени работници, пожарникарите, земјоделците, рударите, нашите претставници од полето на спортот, културата и фолклорните традиции се верен приказ на нашето општество денес, кое е еднакво за сите граѓани и токму во нашата разноликост и капацитетот да се обединиме како едно - лежи нашата моќ како независна држава - членка на НАТО, со силни европски вредности“, порача премиерот. 

Nordmazedonien Feier der Unabhängigkeit in Skopje
Дефиле на полициските сили на прославата на 30 годишнината од независноста во СкопјеФотографија: Arbnora Memeti/DW

Неговите пораки не ги слушна опозицијата, којашто во исто време прославуваше на плоштадот во Битола. „Кога на власта ѝ е поудобно да гази по дебелите теписи во Собранието и да парадира низ Скопје, нам ни е чест да бидеме тука со народот“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објаснувајќи ја одлуката на опозицијата да не присуствува на централната свеченост во Скопје. 

Независноста не ни е подарена од никого 

Независноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава. Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. Ова се пораките од државниот врв упатени по повод Денот на независноста, чие празнување помина во духот на критики за пропуштените шанси и неисполнетите ветувања, но и со надеж за европска иднина.

Nordmazedonien Feier der Unabhängigkeit in Skopje
Пред присутните во Скопје се обратија претседателот на државата Стево Пендаровски, собранискиот спикер Талат Џафери и премиерот Зоран ЗаевФотографија: Arbnora Memeti/DW

„Кога еден народ создава своја држава, тогаш секој поединец доаѓа до сознанието дека неговата судбина и иднина, неговиот развој и напредок се нераскинливо поврзани со судбината и иднината на државата што ја создал. Како што државата е одговорна за своите граѓани, така и секој еден од нас е одговорен за државата, затоа што од нас самите зависи нејзиниот опстанок и нејзините перспективи“, рече претседателот Стево Пендаровски

Според него, мали држави не можат да опстанат во денешниот глобален свет ако се сосема сами без сојузници и додаде дека иднината на државата зависи од целосната интеграција во важните меѓународни организации.

Пендаровски порача дека државата треба да се гради како држава во која владеењето на правото ќе биде без алтернатива. Да се вложува во квалитетно образование, што ќе ги подготви младите да се вклучат во глобалната дигитална револуција. Да се инвестира во здравствен систем што ќе се грижи за здравјето на граѓаните, вреднувајќи го трудот на здравствените работници. Да се негува културното и историско наследство и да се вложува во новата генерација артисти кои не се подолу од врвните во светот. 

Северна Македонија Независност
Од прославата на независноста во СкопјеФотографија: Arbnora Memeti/DW

Не сме дрво без корен 

„Не сме дрво без корен, и работата е што корењата се премногу длабоки, а сеќавањата не напуштаат лесно. Нашето дрво беше засадено со крвта и страдањата на многу генерации кои веруваа во слободата, но овие 30 години истото сериозно е навалено и натежнато. Затоа, можам со горко чувство и со тага во мене, да соопштам дека овие 30 години ги разочаравме основачите на независноста на државата. Не го исполнуваме како држава во целост нивниот завет. А зад ова што го говорам е чувството дека по малку, чекор по чекор се губи државата. А работите се вртат во еден ист круг“, порача лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски од прославата во Битола, по повод јубилејот од независноста.