1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недостаток на гориво е причината за авионската несреќа

БГ
1 декември 2016

Истрагата за авионската несреќа во Меделин потврди дека леталото останало без гориво во пресрет на слетувањето. Аудио снимките од разговорот на пилотот со контролата откриваат драматични моменти

https://p.dw.com/p/2TYnF
Kolumbien Absturzstelle des LaMia Flugzeugs
Фотографија: Reuters/J. Saldarriaga

Пилотот на чартер авионот кој го превезуваше бразилскиот фудбалски тим трескавично јавувал дека останал без гориво неколку минути пред да удри во рид во близина на Меделин, покажуваат аудио снимките од несреќата. Тоа се први официјални детали за несреќата во која загинаа 71 патник, а шестмина се борат за живот. Во центарот на вниманието на јавноста се најде трагичната приказна на бразилскиот фудбалски клуб Шапекоенсе, чии играчи патуваа на натпревар во Меделин.

Аудио снимката покажува дека пилотот барал да добие итна дозвола за слетување поради недостаток на гориво. Операторот го прифатил неговото барање но му рекол на пилотот дека ќе мора да причека седум минути за да слета.

„Пред вас имам авион кој слетува. Колку време можете да останете во воздух?“, прашува операторката.

„Имаме проблем со горивото госпоѓо, затоа барам веднаш да слетам“, одговара пилотот.

Неколку секунди подоцна: „Барам итно слетување“.

Иако времето не е целосно познато, кусо потоа пилотот јавува: „Госпоѓо, авионот целосно откажува, целосно откажа електрониката, немаме гориво“.

Операторот одговара: „Пистата е слободна и очекуваме дожд. Пожарникарите се алармирани“.

Пилотот потоа прашува: „Векторите, госпоѓо, векторите до пистата“. Вектор е термин за навигација кој авионите го добиваат од контролата кула. Потоа се слуша како операторот му дава насоки и прашува за неговата висина.
„Девет илјади стапки, госпоѓо. Вектори! Вектори!“

Тоа се последните зборови на пилотот Мигел Квирога. 

Kolumbien Tribut an die Chapecoense Fussballmanschaft
Фудбалерите на Атлетико Насионал им оддаваат почит на загинатите играчи на ШапекоенсеФотографија: picture alliance/dpa/M. D. Castaneda

Полни стадиони во знак на почит

Колумбиската агенција за цивилно воздухопловство вели дека временските секвенци на снимката се „непрецизни“, и одби да ја коментира содржината. Шефот на агенцијата за воздушна безбедност, Фреди Бонила потврди дека во моментот на падот авионот немал гориво. Тој вели дека според меѓународните правила, авионите мора да чуваат гориво во резерва, а урнатиот авион не го сторил тоа.

Според планот на летање, авионот требало да дополни гориво во Богота, но не го сторил тоа и продолжил директно за Меделин.

„Таквата одлука ја донел пилотот“, изјави Густаво Варгас од боливиската компанија Ламиа. „Тој се надевал дека горивото ќе издржи“. 

Kolumbien Tribut an die Chapecoense Fussballmanschaft
Навивачите го наполнија стадионот во МеделинФотографија: picture alliance/dpa/M. D. Castaneda

Несреќата особено го погоди јужниот бразилски град Шапеко каде беше седиштето на клубот Шапекоенсе. Навивачите се собраа во средата на стадионот во исто време кога требаше да се одигра мечот против колумбискиот Атлетико Насионал. И во Меделин, навивачите го наполнија стадионот во знак на почит.

Навивачите, облечени во бело, држеа свеќи во рацете, а неколкумината играчи кои не отпатуваа на мечот излегоа во солзи на теренот.

Шест луѓе чудесно ја преживеаја несреќата. Тројца од нив беа фудбалери, но на голманот Џексон Фолман мораше да му биде ампутирана ногата. Четири лица го пропуштиле летот.