1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недовршена сложувалка стара 100 години

Сузане Шпрејер / Елизабета М. Фиданоска26 април 2014

Во сложениот систем на причини и последици од Првата светска војна, националните историски перспективи се‘ уште се многу различни. Задача на историчарите е да ги комбинираат како сложувалка за да се добие целосна слика.

https://p.dw.com/p/1BaAN
Фотографија: picture-alliance/ZB

„Еве што мене ме поврзува...“ - на интернет порталот на лондонскиот Империјалниот воен музеј Британците пишуваат за тоа што ги поврзува со Првата светска војна. Некој пишува за својот дедо, кој првиот ден од војувањето морал од фронтот да пренесува трупови до гробниците и да ги закопува. Некој пишува за прадедото воен лекар кого го убиле снајперисти. Некој пак за својата мајка, чиј свршеник загинал во војната. Роднините на борците од Првата светска војна ги опишуваат ужасите од случувањата кои длабоко се втиснале во семејната историја. На Германците не им е лесно да го опишуваат тоа, зашто во Германија во прв план е едно друго прашање - дали дедото бил нацист?

Извршители, жртви, соучесници...

Колку бабата или дедото, мајката или таткото биле вмешани во националсоцијализмот, дали биле извршители, жртви или соучесници - тоа се прашањата на кои многу деца и внуци во Германија бараат одговор. Тоа дел од луѓето може да ги исфрли од колосекот на нормалниот живот. Џенифер Тиџ, ќерка на Германка и Нигериец, случајно дознала дека нејзиниот дедо бил Амон Гет, садистички командант на концентрационен логор (познат од филмот „Шиндлеровата листа“). Приказната на оваа жена нема многу врска со Првата светска војна. Таа само покажува зошто таа војна во Германија се најде во втор план на колективното сеќавање. Сеќавањето на него е во сенка на уште поголемите ужаси кои ги донесоа националсоцијализмот, Втората светска војна, холокаустот или Студената војна - сите дело на Германците.

Историја полна со ломови

Зашто, за разлика од Англија или Франција, чии политички системи во 20. век беа прилично стабилни, германската историја е полна со ломови. Од 1914 година имаше пет различни системи: царство, Вајмарска република, националсоцијалистичка диктатура и потоа СРГ и ГДР - две германски држави кои се наоѓаа во непријателски блокови. Повторно обединетата Германија постои само 25 години. Тоа е релативно млада демократија.

Reichstag in Berlin 1930
Зградата на Рајхстагот во Берлин пред 85 годиниФотографија: picture-alliance/Mary Evans/Robert Hunt Collectio

Така крупни промени не доживеала ниту една друга западноевропска држава, но имаат доживеано источните соседи на Германија, како што се Полска или Русија, како и земјите на Балканот. Политикологот Херфрид Минклер затоа во разговор за Дојче Веле зборува за „западно-источно опаѓање на културата на сеќавање“ во Европа. За разлика од Белгијците или Французите, Германците не ја доживеаја Првата светска војна толку непосредно, во сопствената земја. До многу луѓе во царството војната допираше само во форма на штури известувања за загинатите или цензурирани вести од боиштето. Ужасот на бомбардирањето и евакуациите во Втората светска војна го потиснаа сеќавањето на рововите и воените полиња на Првата светска војна.

„Фишеровата контроверза“ не е актуелна

И покрај тоа, во Германија има многу споменици или здруженија на ветерани кои ги негуваат сеќавањата на жртвите од првата голема војна. Повеќе од 50 години германските научници интензивно се занимаваат со проучување на таа војна. Хамбуршкиот историчар Фриц Фишер во 1960-тите изнесе теза, според која Германија била главен виновник за избивање на Првата светска војна и со тоа покрена многу дискусии. На почетокот на комеморативната 2014 година од печат излегоа и голем број нови публикации. Прашањето на вината за војната притоа стана споредно. На него, меѓу другото, не може да се одговори недвосмислено и поради мноштвото извори и перспективи.

Deutschland Kultur Presseschau Erster Weltkrieg 1914 Titelseiten
Новите книги и публикации ја менуваат перспективатаФотографија: DW/P. Henriksen

Наместо тоа, во прв план изби истражувањето на причините за војната. На пример, така е во делото „Месечари“ на австралискиот историчар Кристофер Кларкс, кој војната ја смета за „резултат на многу збиена низа на настани и одлуки кој можел да се избегне“. И книгата „Големата војна“ на Херфрид Минклер детално ја опишува временската панорама на воените години и укажува на работи од кои политичарите денес би требало да извлечат поуки, како на пример - на регионалните судири и напори кои треба да се вложат за тиа да не се прошират.

Младите сакаат да знаат повеќе

Со приближувањето на 2014 година растеше и интересот на јавноста за Првата светска војна. Една актуелна анкета покажа дека младите луѓе во Германија сакаат да дознаат повеќе за Првата светска војна од она што го учеле на училиште. На многубројните манифестации војната се осветлува од мноштво агли. Таква, на пример, е изложбата во Сојузната хала за уметност „Авангардите во војна“. Весниците, списанијата и интернет порталите презентираат извори и судбини. Најинтересните иницијативи ги надминуваат националните рамки: europeana 1914-1918 е интернет платформа на 11 јазици, на којашто се собрани приватните сеќавања од цела Европа. Постои и Европски филмски портал на кој можат да се видат историски филмски материјали од Првата светска војна.

Europeana 1914-1918 (Portal)
Порталот „Europeana 1914-1918“

Меѓутоа, јасно се забележува дека Германија, кога станува збор за националните комеморативни свечености по повод избивањето на војната пред 100 години, е воздржана. Во оваа земја Првата светска војна не е погодна за создавање национални митови, а уште помалку е погодна како повод за славје.

Многуте побликации и проекти ќе придонесат од парченцата на сложувалката коишто ги нудат одделните нации да се состави меѓународна панорама на Првата светска војна. Историчарите постапуваат токму како астронаутите, кои Земјата можат да ја видат како целина дури од одредено растојание. Дури од одредена оддалеченост може појасно да се препознаат причинско-последичните врски на војната која изби пред 100 години.