1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изгубената ковид-генерација дипломци во Европа

Мари Зина
3 април 2021

Наплив од апликации за распишани работни места и дипломци кои тонат во бранот на одбивања во време на корона-кризата. Со своето искуство надеж влева дипломец од периодот на економската криза во 2008/09.

https://p.dw.com/p/3rWwg
Großbritannien London Esther Jardim
Фотографија: Nareas Sae-Khow/Norwegian broadcasting corporation (NRK)

Кога Хорди Батло (24) се потсетува на стотиците апликации што ги испратил изминатите месеци, во неговиот глас има доза на резерва, како брана за напливот на емоции. „Веќе не ги ни бројам," вели момчето родум од Барселона.

Одбивањето веќе е станато непријатна рутина за дипломецот на отсек бизнис и инженерство. „Тоа што компаниите не возвраќаат ми прави да се чувствувам како сето што сум го направил до сега да нема никакво значење," вели Батло. 

Откако ги завршил студиите на Бизнис школата во Мадрид во јули 2020, единствената опција што ја имал е кратко волонтирање. Сега е невработен. 

Батло е дел од милиони млади дипломци низ Европа кои се борат во пренатрупаниот пазар со човечка работна сила. Невработеноста кај младите според податоците од Евростат моментално изнесува 17 проценти во ЕУ, односно двојно повеќе од општата стапка на невработеност. Во октомври 2020 Организацијата за економска соработка и развој предупреди дека цела генерација млади луѓе во Европа е под ризик да не фати чекор, бидејќи работодавачите ги стопирале плановите за вработувања за време на пандемијата. Суспензијата на позиции за лица без претходно искуство и зголемениот број отпуштања од работа во текот на 2020 резултираше во цунами од апликации за распишаните работни места. Носејќи го бремето на одбивањата, анксиозноста и депресијата, младите лица се една од најтешко погодените групи од секундарните ефекти на ситуацијата со Ковид-19. Организации за заштита на млади критикуваат дека нивниот глас воопшто не се слуша во целата гужва околу пандемијата. 

Младите од Западен Балкан: Се чувствуваме ли како Европејци?

Огромната конкуренција ги убива надежите 

Стотици километри далеку од Барселона, Џорџија Брнс, има 23 години, седи во креветот од своето детство во Даблин. Откако дипломирала и магистрирала менаџмент на Универзитетскиот колеџ во Лондон во септември 2020, ја мачат истите грижи како и Батло: „Кога започнав со магистерските студии си мислев ќе најдам работа кога ќе завршам. Потоа се случи пандемијата и сега единствено што имам е пракса со скратено работно време и минимум плата. Не е тоа што си го замислував." 

Бројот на лица на возраст од 15-24 во ЕУ кои бараат работа или се невработени е зголемен за 5 проценти минатата година, според податоците на Евростат. Шпанија и Италија се најтешко погодени, каде повеќе од половината млади лица во оваа возрасна група не можат да најдат работа. 

Батло вели дека работни места за штотуку дипломирани се станати недостижни: „За секое место има двојно повеќе апликации отколку вообичаено. Дури и за работни места на најниското хиерархиско ниво аплицираат лица со две или тригодишно работно искуство."

Повеќе на темата:

Германија сака подобра перспектива за младите на Западниот Балкан

Кај мама и тато до 26 години: прашање на комодитет или на пари

На младите во југоисточна Европа им треба работа

Како да се вработат младите во Европа?

И работодавачите го препознаваат таквиот тренд. „Масовно е зголемен бројот на апликации," вели за ДВ Оливер Цишек, шеф на одделот за човечки ресурси при Дилоит Германија. Есента 2020 компанијата за професионални услуги добила 42 проценти повеќе апликации во споредба со истиот период претходната година. Според Цишек, и претставништвата на Дилоит во други европски градови се соочуваат со сличен наплив на апликации.

Влошување на менталното здравје 

Со секое ново продолжување на локдаунот е се потешко да се биде позитивен, смета Брнс. Прошетка со пријатели кои исто така бараат работа стана главна емотивна потпора за неа.  

Најдобро е кај мама и тато?

„Навистина помага да имаш некој кој разбира како ти е,“ вели таа. Околу 50% од младите луѓе глобално покажуваат знаци на анксиозност и депресија, покажува анкетата на Меѓународната организација за работа и Европскиот младински форум. 

„Ризикот од изгубена генерација не е привремен

„Пораката која ја добиваме е дека треба да издржиме и се ќе се врати во нормала. Но, ризикот од изгубена генерација не е привремен,“ вели за ДВ Силја Маркула, претседателка на Европскиот младински форум, невладина организација со седиште во Брисел. 

Маркула вели дека младите се чувствуват заборавени од креаторите на европските политики. Мерките за социјална заштита не ги опфаќаат видовите на работа на кои се приморани младите Европејци, како договори за краткорочни ангажмани и неплатени пракси. Брисел не обрна доволно внимание ниту на прашањата поврзани со менталното здравје на младите, вели таа. 

Долгорочните ефекти од невработеност кај младите варираат од ниски плати до опаднат оптимизам за иднината. И покрај сериозните импликации, претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен пропушти да ја спомене невработеноста кај младите како клучен проблем на агендата во нејзиниот говор за актуелната состојба во септември 2020 година. 

Во потрага по работа со рекламна табла околу врат 

Естер Жардим од Лондон, која дипломираше во 2009 година во екот на глобалната финансиска криза, сочувствува со дипломците во пандемијава. Присетувајќи се на својата приказна, таа смета дека дипломирање во време на економска криза носи и позитивни страни. Кога како последица на глобалната финансиска криза Естер на Божиќ во 2010 година беше одбиена за работно место, таа се реши на радикален чекор. Си направила рекламна табла на која пишува дека бара работа, си ја закачила околу врат и почнала да оди угоре-удолу низ лондонскиот бизнис кварт, Хај Холборн. На таблата пишуваше: „Дипломец на Универзитетот Ворвик со просек 2.1, 4 А нивоа, 3 практикуми, премногу месеци без работа и барам само една.“ 

Овој трик и овозможи 30 интервјуа за работа и и ја донесе работата од соништата во ПР агенција во Велика Британија. Таа има разбирање за загриженоста на дипломците во пандемија, но во исто време смета дека има уникатни можности за денешните баратели на работа.

„Дипломираните студенти сега многу полесно имаат можност за контакт и промоција, особено преку социјалните мрежи кои навистина ги урнаа бариерите. Дури можете да им испратите порака и на хиерархиски високите структури во компанијата и тие ќе ви одговорат,“ вели таа за ДВ. 

Гледајќи наназад кон нејзините работни почетоци полни со предизвик, Жардим е благодарна за она низ што поминала пред десет години. „Тоа ме натера уште на почетокот од кариерата да развијам отпорност. Научив да се кренам од дното и да се издигнам од пепелта,“ вели таа.