1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пад во најбезбедната фаза од летот

Д. Брајтенбах/З.Јордановски25 март 2015

Авионот на Џерманвингс беше стар 24 години. За авион тоа воопшто не е проблем - добро одржувани авиони можат да се користат уште долго време, вели Хајнрих Гросбонгарт, експерт за воздухопловство.

https://p.dw.com/p/1ExK0
Фотографија: picture-alliance/dpa/Photopqr/La Provence/S. Duclet

ДВ: Црн ден за Луфтханза - така ја означи несреќата Карстен Шпор, шеф на компанијата. Луфтханза и нејзината фирма-ќерка Џерман вингс ги бие глас како многу сигурни авиопревозници. Како Вие ја проценувате ситуацијата?

Хајнрих Гросбонгарт: Луфтханза во меѓународна споредба навистина е сигурна воздухопловна компанија, а тоа се однесува и на нејзините фирми-ќерки. Вчерашниот пад е невообичаен оти временските услови беа извонредни и се случи кога авионот достигна патна височина и брзина. Тоа е далеку најбезбедната фаза на летот. Несреќи вообичаено се случуваат во фаза на слетување, при самото приземјување или кратко по полетувањето. Во тие критични фази се случуваат 80 проценти од сите падови. За време на фактичкиот лет тоа многу, многу ретко се случува.

ДВ: Дали во меѓувреме се знае нешто во однос на причините за несреќата?

ХГ: Се’ уште ништо не е познато. Во моментотв нема ни појдовна точка за шпекулации. Мора да се сочека. Сега е битно да се извлечат телата на жртвите, да се најде црната кутија со снимените разговори за време на летот и од анализата на тие податоци да се добијат индиции за она што се случило.

ДВ: Ербасот А 320 бил стар 24 години - дали е тоа вообичаена старост за авион?

ХГ: За авион тоа е апсолутно нормално. Авиони кои се добро одржувани можат уште многу подолго да летаат. Во крајна линија, секогаш е деловна одлука кога некој авион се повлекува од употреба. Во добар систем за одржување, каков што има Луфтханза и каков што е стандарден за некоја голема меѓународна воздухопловна компанија, тие авиони редовно се сервисираат и обновуваат. Воопшто е незамисливо дека имало било какви скриени знаци на старост.

ДВ: Игра ли воопшто некаква улога дека Џерманвингс е нискобуџетната компанија на Луфтханза?

Heinrich Großbongardt Experte
Хајнрих ГросбонгартФотографија: Expairtise

ХГ: Не, евтино летање сосем сигурно не значи и небезбедно. Евтино посебно не значи штедење кај одржувањето. За нискобуџетните превозници - „Лоу кост кериер“ - е битно нивните авиони да имаат висок степен на подготвеност за летање. Откажување на летови и задоцнувања чинат многу пари, па поевтино е да се инвестира во одржување и авионите да бидат врвно одржувани. „Лоу кост“ не значи штедење кај одржувањето, побргу е спротивното.

ДВ: Кој е наредниот чекор за Луфтханза?

ХГ: Сега се разбира најбитно е извлекување на телата на жртвите, а компанијата ги згрижува и нивните роднини. Воздухопловните компании и аеродромите за тоа имаат соодветни механизми зи тој многу тежок дел од нивното работење. Ова се тешки моменти и за Луфтханза и колегите, ова ќе бидат тешки недели. Но, авиопревозници како Луфтханза, како сите големи меѓународни авиопревозници, се добро подготвени за тие ретки случаи.

Хајнрих Гросбонгарт е експерт за воздухопловство и раководител на агенцијата за комуникации Експертајз комјуникејшнс. Маѓу нејзините клиенти, според сопствени наводи, спаѓале или спаѓаат и фирмите Ербас и Луфтханза.