1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Невен Суботиќ: Не го вртам погледот настрана

Среќко Матиќ
27 октомври 2016

Ѕвездата на Бундеслигата Невен Суботиќ во Германија стигнал како бегалец. Денес тој со своја фондација се ангажира за децата во Африка. Неговата мотивација за помош се темели на личното искуство.

https://p.dw.com/p/2RjDX
Neven Subotic Stiftung
Фотографија: Neven Subotic Stiftung/Patrick Temme

Дојче веле: Господине Суботиќ, од основањето на Вашата фондација во 2013. година се ангажирате во Африка, за што конкретно?

Невен Суботиќ: Присутни сме во најсиромашните региони во светот, обезбедувајќи основни животни услови, првенствено за децата. Преку пристапот кон вода се грижиме за детското здравје, а од другастрана им подаруваме време кое може да го инвестираат во иднината, односно во образованието.

Фондацијата Невен Суботиќ се занимава со градење бунари и санитарни објекти. Зошто?

Во многу зафрлени региони на Африка бунарите за вода се екстремно оддалечени од населените места, во просек 6 километри. Така, секој ден се потребни четири или пет часа пешачење само за снабдување со вода. Овие четири пет часа, кои првенствено мора да ги пешачат жените и децата, можат многу подобро да бидат инвестирани во посетување училишна настава. Се обидуваме драстично да го скратиме патот до следниот извор на вода, на максимално 15 минути. Заштеденото време може да се инвестира во образование. Најчесто бунарите ги градиме блиску до училиштата.

Има ли веќе напредоци?

Постојат училишта каде пред почетокот на проектот имало 300, а една година по завршувањето на проектот - 420 ученици. Ова претставува пораст од 40 проценти и е само една од бројките кои ни потврдуваат дека сме на вистински пат и го покажуваат потенцијалот. Првенствено профитираат девојчињата, кај кои преку санитарните објекти се заштитува приватната сфера.

Neven Subotic
Невен Суботиќ во фудбалскиот дресФотографија: Getty Images/AFP/P. Stollarz

Речиси незамисливо што во денешниот свет уште постои такво нешто...

И јас понекогаш се чувствувам како во друг свет. Овде ние имаме сѐ, неколку часа оддалеченост со авион, на луѓето им недостига најнужното за преживување, што не смее да биде така.

Сиромаштија и страдања постојат насекаде, па и во Вашата татковина БиХ. Но, Вие се ангажирате за Африка. Зошто?

Не се одлучив за Африка како континент, исто така не се одлучивме за Етиопија, туку за најсиромашните региони во светот. Убеден сум дека живееме во многу неправеден свет. Колкави шанси има човек воопшто во животот, зависи во најголема мерка од тоа каде е роден, какви родители има. Тоа е сѐ само не праведно, затоа сакаме да проденесеме за малку поголема правичност.

Имате 27 години, играте во еден од најдобрите европски фудбалски тимови. Младите луѓе на Ваша возраст повеќе се возбудуваат околу експлодирачките мобилни телефони, а Вие се грижите за санитарни објекти во Африка. Како се случи тоа?

Едноставно, ја имав можноста да бидам таму на терен, имам огромно почитување за луѓето на кои им е најтешко. Тие стојат пред гигантски предизвици. Живееме во заеднички свет, момчето што живее во Африка не е многу поразлично од било кое момче овде во Дортмунд. Ако тоа се разбере, не  е тешко да се има респект кон другите, да се сакаат и да им се помага на другите.

Дали ваквиот став има врска со Вашата лична судбина? Вие сте роден во Босна и Херцеговина, Вашето семејство побегнало од војната на Балкан, во тоа време Вие сте имале само еднаипол година.

Да, тоа беше во 1990. година, тогаш ни беше потребна помош и ја добивме. Живеевме во близина на Пфорцхајм. Таму имаше една симпатична баба, госпоѓа Штумф, која ни го стави на располагање нејзиниот стан. Со постојано живеалиште можевме да поднесеме барање за азил. Имавме голема среќа. Кога имав 17 години и играв во Мајнц, и самиот бев во ситуација нешто да помогнам, се ангажирав во едно сиротилиште. Така почнав со хуманитарен ангажман.

Што беше решавачко за тоа?

Верувам дека не е одлучувачко од каде човек доаѓа или што доживеал во младите години. Најважно е да не се бориш само за себе во животот, туку и за социјалната заедница. Не го вртам погледот настрана, иако тоа е најлесно. Сакам да видам точно каде можам да помогнам, тоа ме исполнува, ми прави задововолство.

Што велат Вашите соиграчи во Борусија Дортмунд? Разговарате ли со нив околу тоа?

Во екипата има играчи кои се информирале за она што го правам. Но, тоа не е задолжителна тема во соблекувалната на еден тим во Бундеслигата. Не само во фудбалот, туку оваа тема не  се наоѓа во фокусот и генерално во светот. Но, убаво е да се види што неколкумина играчи се зафаќаат со неа.

А симпатизерите?

Имавме и неколку акции во стадионот. Секој имаше можност самиот еднаш да молкне 20 литри вода, што е просек од количината која ја пренесуваат жените и децата во Етиопија секојдневно од бунарот со вода до куќата, за да види колку им е тешко на луѓето во Африка. Следниот пат, кога ќе види таква слика на телевизија, човек веќе има лична поврзница со неа, а преку неа се сензибилизира и за темата. 

Како реагираат децата во Етиопија? Знаат ли воопшто дека Невен Суботиќ е германска фудбалска ѕвезда?

Не. Таму нема електрична струја, нема телевизори, ниту вести. Не знаат дека сум фудбалер, дека заработувам со спорт. За нив веројатно би била смешна таква помисла. Но, не станува збор за мене или за нас. Ние сме присутни таму за да слушнеме што имаат да кажат, а тоа се најубавите моменти од денот. Едноставно да ги сослушаш, така човек брзо станува приземјен.

Невен Суботиќ е фудбалски професионален играч во Борусија Дортмунд. Роден е во БиХ, од каде неговото семејство избегало поради војната, прво во Германија,  а потоа во САД. Во 2013 година ја формирал Фондацијата Суботиќ, преку која се градат извори за вода во Етиопија и пристап кон санитарни објекти. Околу 50 проценти од жителите на Етиопија немаат пристап до чиста вода.