1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Не се проблем патентите за корона-вакцините

Бернд Ригерт
10 мај 2021

Промената на ставот на САД во однос на заштита на патентите за корона-вакцините предизвика различни реакции во Европа. Но, оваа дебата нема да доведе до повеќе вакцини, туку води во заблуда, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3tBk0
Symbolbild | Erfindung | Erfinder | Idee
Фотографија: imago/Ikon Images/R. Scott

Да им се укинат патентите на производителите на ковид-вакцини! Светот побрзо да се вакцинира против Ковид 19! – ова се популарните барања што во Светската трговска организација, СТО, од октомври до сега ги доставија стотина земји. Не е баш јасно зошто американскиот претседател Џо Бајден сега го прифати овој премногу едноставен концепт. Тој не даде објаснување за промената на ставот, најмалку па официјално пред европските партнери од ЕУ. Можеби се работи само за популизам.

Проблемот со недостаток на вакцини за жал е многу покомплексен од тврдењата на многу влади и хуманитарни организации според кои на наводно алчната фармацевтска индустрија само треба да им биде одземено знаењето. Прво, не постои само еден патент за една вакцина. Компаниите во најдобар случај имаат заштитено постапки и техники на работа.

Повеќе:Се бара временски ограничено укинување на патентите за вакцините против Ковид

Производството на секоја од ковид-вакцините се заснова на повеќе патенти кои ги поседуваат или за кои аплицирале повеќе различни компании. Второ, не е клучна формулата, туку знаењето и техниката како конкретно да се произведе вакцината. За таа цел производителите на вакцини мора да издаваат лиценци, да ги опремуваат производствените капацитети и да обучуваат персонал. Се разбира, Светската трговска организација во Женева секако може да  дебатира за овие детали.

Нема едноставна формула

Лиценцирање и соработка меѓу научници кои развиваат вакцини и производители веќе постои. Според податоците на ЕУ, фармацевтски компании веќе имаат склучено над 200 договори во светот за трансфер на технологија. Значи не е проблем заштитата на интелектуалната сопственост, туку недостатокот на големи производствени капацитети кои во моментов се градат на многу локации.

Споделувањето на упатство за правење вакцина со генерички производител во Индија или Јужна Африка краткорочно нема да има никаква корист. во најмала рака нема ни да го ублажи акутниот проблем со недостаток на вакцини во Индија во моментов.

Повеќе:Германија не прифаќа укинување на патентите за вакцините

Вакцина која се базира на генетски инженеринг, како онаа на Бионтек/Фајзер има над 300 компоненти кои претходно се произведуваат во 20 различни земји. Оваа вакцина, како и векторските на АстраЗенека или Џонсон и Џонсон, се компликувани биолошки производи кои не може да се репродуцираат едноставно како генерички лек, за разлика од на пример таблети против болка составени од хемиски компоненти.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Европската комисија е подготвена да разговара за патентите и лиценците, но до сега нема никаков доказ дека заштитата на интелектуалната сопственост го забавува производството на вакцини – барем според наодите на СТО. И самите производители велат дека патентите не се проблем и дека нивното споделување нема да промени ништо во однос на производството на вакцини во моментов.

Оттука е сосем исправно тоа што германската влада што не се приклучи веднаш на површните и паушални барања од Вашингтон. Недостаток на заштита на интелектуалната сопственост може да доведе до тоа помалку компании да работат на развој на нови вакцини. А нам итно ни требаат Бионтек, Модерна, АстраЗенека и останатите за да работат на развој на нови засилени формули против мутациите кои веројатно ќе ни бидат потребни уште есеноска. 

Се зајакнуваат капацитетите

Патем, ЕУ во своите договори за финансирање на истражување на фармацевтските компании утврди дека знаењето стекнато преку јавно финансирање мора отворено да се објавува и да биде достапно за секого - што значи дека нема патент што треба да се укине.

Повеќе:Западните држави не ги даваат патентите за вакцините против Ковид

Изградбата на производствените капацитети е веќе во тек. Само годинава треба да се произведат околу девет милијарди вакцини. Побарувачката е околу 11,5 милијарди. ЕУ, САД, Индија и другите земји со големи фармацевтски компании треба да работат во насока на брзо проширување на капацитетите, да поттикнат инвестиции и да им помогнат на производителите, наместо да „купуваат“ политички поени.

Кој е подготвен да ги сподели вакцините?

Би било добро, доколку на пример, САД, Велика Британија и Индија, се воздржат од трупање залихи на прелиминарни компоненти за производство на вакцина, или наметнување забрани за извоз. Во моментов голем проблем се и синџирите за испорака низ континетите.

ЕУ се обидува да „изглуми невиност" и посочува на своите алтруистички постапки: од ЕУ досега се испратени 200 милиони вакцини во Азија и Африка. Доколку американскиот претседател Џо Бајден навистина сака веднаш да помогне, може конечно да даде зелено светло за извоз на корона-вакцините и од САД.

Ако сакаме посиромашните земји да добијат што повеќе вакцини и побрзо, тогаш едноставно мораме да ги споделиме вакцините кои во моментов ги имаме на располагање, и покрај тоа што ни се ограничени. Сепак, се сомневам дека владите во Германија, Европа или САД би презеле ваков политички потег пред сопственото население. Многу поедноставно е да се поддржат барања за споделување на формулите за вакцини, но за жал и без ефект. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија