1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Не“ за турски гимназии во Германија

28 март 2010

Во понеделник германската канцеларка Меркел патува во посета на Турција. Таа заминува од Берлин среде жестоката дискусија што ја предизвика турскиот премиер Ердоган кој побара основање на турски гимназии во Германија.

https://p.dw.com/p/Mfhg
Фотографија: AP

Статистиката вели дека секој трет странец во Германија е по потекло од Турција. Па зошто тогаш кога во германските метрополи веќе постојат европски, француски, британски и грчки училишта или гимназии, не би можело да се отворат и гимназии на турски јазик, се прашува раководството во Анкара.

Германската канцеларка Меркел е против такво нешто и смета дека од темелно значење е децата и младите од турско потекло во Германија да посетуваат германски училишта. На предлогот на турскиот премиер Ердоган се спротиставува и Емине Демирбикен Вегнер, пратеничка на германската Христијанско- Демократска унија во берлинскиот покраински парламент со потекло од Турција: „Мислам дека не ни требаат турски гимназии во Германија. Потребни ни се училишта во кои турските деца од мали нозе можат да учат и да се образуваат исклучиво на германски јазик“

Лов на изборни гласови од турските иселеници

Unterricht türkische Schülerinnen mit Kopftuch im Schulzentrum in Bremen
Настава за турски ученички во БременФотографија: AP

Во Германија веќе постојат неколку приватни турско-германски гимназии, во кои учениците учат подетално за турската историја, јазик и култура. Меѓутоа наставата главно се одвива на германски јазик. Турскиот премиер Ердоган уште во 2008 година за време на посетата на Кел порача дека интеграцијата е „злосторство против човештвото“, изјава која во Германија предизвика бран негодувања. И најновото барање на Ердоган има само една цел- придобивање на гласовите на турските мигранти во Германија, вели Кенан Колат, претседател на Турската заедница во Германија: „Две третини од Турците во Германија имаат турско државјанство. Само една третина има земено германски пасош. Нормално секоја земја се обидува да врши влијание врз своите граѓани“, објаснува Колат.

Далеку од пријателски начин на комуникација

Берлинскиот кварт „Ној Келн“ е место во кое има најголема стапка на странци, главно доселеници од Турција. Иако претседателот на оваа општина Хајнц Бушковски важи за либерално ориентирана и омилена личност меѓу странските сограѓани, идејата за отворање турски гимназии не го воодушеви премногу: „Ердоган конечно мора да донесе одлука за тоа дали сака во Европа или сака во светот да создаде ’турска суперсила’. Ова не е многу пријателски начин на комуникација“, вели Бушковски.

Tayyip Erdogan
Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: AP

А колку воопшто се пријателски односите меѓу Турција и Германија ќе стане појасно од понеделник кога германската канцеларка Меркел со висока економска делегација ќе допатува во посета на Анкара.

Автор: Селма Филиповиќ/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска