1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е проблем изборот на Џафери, туку на Владата

21 август 2020

Двајца пратеници на ДУИ, наводно, најавиле дека нема да гласаат за избор на Владата, ако oд листата на ДУИ не биде симнат еден кандидат за министер.

https://p.dw.com/p/3hHg5
Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Незадоволните пратенице од ДУИ наводно не се противат на изборот на Талат ЏафериФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Ако не се случи нешто непредвидено, денеска во 12 часот би требало да продолжи конститутивната седница на која ќе биде избран претседател на Собранието. Иако изборот беше најавуван од партиски лидери и за вчера, седницата не беше закажана. Образложение немаше, а како причина за тоа медиуми на албански јазик го посочија незадоволството на партиските ограноци во Чаир и Сарај затоа што не биле консултирани за кадровските предлози на ДУИ за новата влада. Поради тоа нивни претставници на присуствувале на Централниот совет на партијата, а двајца пратеници од ДУИ во знак на револт најавиле дека нема да гласаат за (ре)избор на Талат Џафери.

Немаат ништо против Џафери

Според партиски извори, тие ќе гласаат за избор на Талат Џафери, бидејќи немале ништо против тој да биде повторно избран на таа позиција. Нивната реакција наводно била „рано предупредување“ дека ако не се симне едно име од министерската листа на ДУИ, тогаш нема да гласаат за избор на новата влада. Иако според изјавите во медиумите несогласувањата се однесувале на кандидирањето на Артан Груби за прв вицепремиер, кој ќе го води и министерството за политички систем, и за Бујар Османи, кој е предложен за министер за надворешни работи, според партиски извори, сепак, најголемиот отпор бил насочен кон Османи.

Во однос на Груби наводно немало толкав отпор, со оглед дека за првпат ќе влезе во извршната власт, за разлика од неговиот партиски колега Османи кој досега министерувал во повеќе ресори. Според партиски извори, двајца пратеници се залагале тој да биде симнат од кадровската листа на ДУИ. Од друга страна, незадоволство имало и во ограноците во Струга и Липково кои наводно побарале министерски места, заради што и не била донесена одлука кој ќе биде предложен за министер за информатичко општество и администрација.

Повеќе: 

Нова влада со нерасчистени сметки и стари проблеми

ФАЦ: Експеримент на Заев и Ахмети со новата влада

Премиерот ќе раководи или „кораководи“?

СДСМ и ДУИ ги распределија кадрите во новата влада

Кој кого ќе разубеди?

За сето ова вчера имало разговори и консултации, а епилогот до овој момент е непознат. Останува неизвесно дали партиското раководство ќе ги (раз)убеди нездоволните ограноци или обратно. Некои портали на албански јазик, повикувајќи се на сигурни извори од ДУИ, шпекулираат дека еден министер „ќе отпадне од игра“. Со оглед дека незадоволните пратениците од ДУИ не се противат на изборот на Џафери, очекувано е неговиот избор да не ги рефлектира последните несогласувања во ДУИ. Според Деловникот на Собранието, кандидат за претседател на законодавниот дом предлага или Комисијата за прашања на изборите и именувањата, или од најмалку 20 пратеници. Во текот на вчерашниот ден беа собрани потписи за кандидирање на Џафери.

Мнозинството има 62 пратеника, а за избор на претседателот на Собранието се потребни 61. Со исто толкаво мнозинство треба да се избере и новата влада, заради што расте интересот дали и како ќе се надминат разликите во ДУИ во однос на некои кадри од министерската листа. По седницата на Централниот совет одржана пред два дена, Али Ахмети тврдеше дека кадровската листа е поддржана од мнозинството. Запрашан за несогласувањата од некои партиски ограноци, тој рече дека имало дебата и дека сите одлуки се донесени со договор.

„Мнозинството од Централниот совет ги прифати кандидатите што беа предложени. Сите од ограноците се овде. Нема партија во којашто нема дебата за овие прашања. ДУИ е транспарентна и на крај сите ја поддржаа одлуката  која е добиена со мнозинство. Нема вознемирувања, природно е за овие прашања да има дебата до последен момент“, изјави Ахмети.