1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НВО - граѓански или политички сектор?

15 март 2010

Во Македонија има голем број регистрирани, но само мал број вистински активни граѓански здруженија, проценуваат аналитичарите. Според нив, политички партии и странски фондации битно влијаат врз невладиниот сектор.

https://p.dw.com/p/MPqc
СкопјеФотографија: DW

Центар за јавна партиципација, Институт „Прогрес“, Здружение на „Отпорот против БЦ“, Здружение „Јасна иднина“, невладини организации „Правда за праведните“ и „Плоштад-слобода“ … невладини организации со вакви и многу други разновидни имиња постојат, или постоеле досега во Скопје, Тетово и во останатите градови во Македонија. Барем на хартија, во Македонија постојат околу шест илјади здруженија на граѓани и други невладини организации. Преку своите функции да ги обединуваат и да ги мобилизираат граѓаните во јавната сфера на изразувањето на сопствените интереси и приоритети цивилното општество и неговите невладини организации претставуваат дополна и контрапол, кој го контролира дејствувањето на политичките партии и на власта и во опозицијата и на државните органи, принудувајќи ги да бидат поодговорни. Ваква е теоретската дефиниција во политичката наука, но како е во праксата?

„Регресивни невладини организации, кои се под контрола на партии и странски фондации“

Професорот по политички науки од ФОН универзитетот во Скопје Димитар Мирчев во врска со невладините организации во Македонија вели: „Од сите регистрирани граѓански здруженија и организации многу мал број се активни: се смета дека нешто поголема активност пројавуваат само околу 800 невладини организации. Но, мислам дека таа бројка е презголемена, бидејќи и овие не функционираат согласно со законските прописи: немаат инфраструктура, немаат собранија, извештаи, ниту завршни сметки. Според моја проценка, а имаше и неколку магистерски трудови во врска со невладиниот сектор, само 30 до 40 невладини организации, или само нешто малку повеќе од оваа бројка, се активни и функционираат во вистинската смисла на зборот.“

Исто така, Мирчев предупредува: „Сепак, дел од овие вистински активни невладини организации се под контрола и битно влијание на политичките партии, или на странски фондации, кои ги финансираат. Тука доаѓаме до оценката за регресивниот карактер на тие невладини организации, бидејќи не се израз на автентичните интереси на граѓаните, односно на широките делови на населението. Меѓутоа, ваквата оценка за постоење регресивни карактеристики може да се искаже и за еден значителен дел други невладини организации во Македонија, бидејќи тие изразуваат повеќе цели на политички структури, партии и слично, служејќи им ним како параван за влијаење врз граѓаните. Без тој граѓански сектор партиите се свесни дека се многу незначителни нивната сила, влијание и можност за мобилизација, да кажеме, пред изборите, или големи политички кампањи. Граѓанските организации им ја даваат на партиите можноста, која тие ја немаат.“

На наредната страница прочитајте зошто поголем дел од НВО се претвори во „политички мегафон“ на партиите и од власта и од опозицијата, како и на нивните лидери?

„Се губат раздвојувачките линии меѓу политичкото здружување и невладиното организирање ...“

Осман Кадриу, професор по уставен и политички систем на истиот универзитет, дополнува: „Невладините организации низ своите активности, всушност, пројавуваат одредени политички волји и одредени политички ставови, кои во својата суштина и содржина ја имаат чистата политика. Судејќи според конкретните активности и конкретното однесување на невладините организации во Македонија, како да се доближуваат линиите, кои би требало да ги раздвојуваат нив и политичките партии, линиите кои треба да постојат меѓу политичкото здружување и невладиното организирање. Ова го доведува во прашање демократскиот процес и самата демократија во земјата.“

Алберт Муслиу, раководител на невладината организација „Асоцијација за демократска иницијатива“ од Гостивар и политички аналитичар, коментира: „Токму поради својата подвижност и ’неприлепеност’ кон одредени политички сегменти, невладините организации се секогаш поагилни и понапредни во своите идеи. Тоа треба да биде и нивната улога. Но, кај нас тие не промовираат свои идеи, туку напаѓаат туѓи, што е во спротивност со концептот на невладиното организирање. Институциите во Македонија, власта и партиите, не пројавувале интерес да му помагаат на невладиниот сектор, ниту тој да се професионализира, туку имале отсекогаш стремеж да го контролираат.“

Секнуваат изворите за финансирање на НВО секторот

Муслиу дополнува: „Во последно време се чувствува еден тренд: политичките партии се конфронтираат меѓусебно преку одредени невладини организации, користејќи ги нив како свои ’продолжени раце’. Исто како и партиите, така се соочуваат меѓу себе и невладините организации, но за прашања од политичката сфера и од сферата на интересите на политичките партии. Партиите се „’раскусуруваат’ со своите политички противници преку невладините организации. Тие организации се користат како ’штит’ за напаѓање на политичките противници – другите партии. Сепак, ваквите појави и тенденции нема да можат да го сопрат развојот на невладиниот сектор и на ’отвореното општество’ во Македонија.“

Што се случува во невладиниот сектор, зошто поголем дел од него се претвори во „политички мегафон“ на партиите и од власта и од опозицијата, како и на нивните лидери?

Сретен Коцевски, раководител на невладиниот „Институт за развој на заедницата и за толеранција“ од Тетово, има цели 15 години стаж во овој сектор. Тој одговара вака на ова прашање: „Парите за здруженијата на граѓани се намалени за 20 – 30 отсто, но, мислам дека тоа оди и до 50 проценти, реално. Точно е тоа дека тие здруженија и тие луѓе, кои биле вклучени таму, или имале вработување, сега стануваат повеќе зависни од изворите на финансиската моќ, од оние кои им се на располагање. Во овој период државата се појавува како еден од најголемите даватели во Македонија и мислам дека се издвојуваат околу 20 милиони евра годишно за функционирање на здруженијата на граѓани.“

Конечно, и уште едно прашање: како натаму? Зашто, земја без самостојно, развиено и критички настроено граѓанско општество, која очекува да влезе во Европската унија, може да и се случи да остане подолго време во чекалницата на таа Унија.

Професорот Мирчев посочува: „Знам дека во Собранието сега е во процедура разгледувањето на новиот закон за здруженија и фондации. Тој дава извесни можности за осамостојување на здруженијата и фондациите, но, сепак, ќе бидат потребни многу напори, за да се стаса до самостојни граѓански организации, кои нема да бидат под влијание на партиите.“

Македонија е исправена пред императивот час поскоро да го изнајде вистинскиот одговор на споменатото прашање.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска