1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Најтешкиот меч на Рафаел Маркес

СН/ агенции
10 август 2017

Тој важи за еден од најдобрите фудбалери на Мексико. Сега, меѓутоа, Рафаел Маркес заедно со нарко-босови и терористи се најде на црната листа на министерството за финансии на САД.

https://p.dw.com/p/2hySS
Fussball Mexico Rafael Marquez
Фотографија: Reuters/H. Romero

„Кајзерот од Мичоакан“ е еден од најдобрите спортисти во неговата земја. Од вчера, меѓутоа, тој е обвинет дека му помагал на еден мексикански нарко-бос во перењето пари. Името на мексиканскиот фудбалер Рафаел Маркес се најде меѓу 22 лица кои Министерството за финансии на САД  ги санкционираше поради наводни врски со трговијата на дрога. Покрај Маркес, на листата меѓу останатите е и познатиот мексикански музичар Хулио Сезар Алварес, а овие 22 лица се означени како луѓе кои се во долгогодишни односи со Раул Флорес Ернандес, мексикански нарко-бос.

Маркес е ѕвезда во Мексико. Тој е долгогодишен капитен на фудбалската репрезентација,  некогашен фудбалер на Барселона, кој минатата година се врати во својата земја да игра за Атлас Гвадалахара. „Категорично отфрлам какви било врски со оваа организација“, изјави Маркес на прес-конференција во неговиот клуб во Гвадалахара. „Ова е најтешкиот натпревар на мојот живот, ама ќе успеам“, изјави тој. Американското министерство соопшти  оти санкциите се резултат на повеќегодишна истрага за трговија на дрога која ја води Флорес Ернандес, кој според наводите на американските институции работи самостојно, но е поврзан со два картела во Мексико.

World Cup 2014 - Rafael Marquez
Фотографија: Picture-alliance/dpa/epa/C. Moya

Под санкции се и 43 објекти во Мексико, меѓу кои се наоѓаат еден засега неименуван фудбалски клуб и едно казино.

Со санкциите се замрзнуваат целиот американски имот на овие луѓе и се забранува на државјаните на САД да соработуваат со нив. „Кајзерот од Мичоaкан“, како што е нарекуван во неговата земја со алузија на германскиот фудбалски „Кајзер“, Франц Беекенбаер, учествуваше на четири Светски првенства и со Барселона двапати ја освои Лигата на шампионите. Во мексиканската репрезентација 38-годишниот Маркес сѐ уште важи за лидер и за мотиватор. „Преку неговата игра, тој ги прави другите подобри“, изјави еднаш за него светската тренерска ѕвезда Пеп Гвардиола.