1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Најголемите германски сериски убијци

Даниел Хајнрих
31 октомври 2018

Поранешниот болничар Нилс Хегел призна одговорност за најголемата серија убиства во повоената историја на Германија. Но, цела низа други германски сериски убијци и во изминатите децении ја шокираше земјата.

https://p.dw.com/p/37QTI
Symbolbild Mord Ehrenmord Messer
Фотографија: bilderbox

Судењето на  бившиот болнички негувател Нилс Хегел  го привлекува вниманието на јавноста во Германија. Хегел призна одговорност за 100 убиства. Но, сериски убијци имаше и пред него. Ова се најсвирепите убијци од 1940. година до денес:

Рудолф Плајл: „Сејач на смрт“

Поранешниот готвач тврдеше дека е одговорен за 25 убиства, докажана беше неговата вина за десет убиства. Плајл од 1946. до 1947. година шверцувал првенствено жени од Источна (Германската Демократска Република) во Западна Германија. На тој начин начин доаѓал до своите жртви, кои најчесто ги силувал и убивал. На некои им ја отсекувал главата. Во 1950. година е осуден на доживотен затвор, а осум години подоцна се обесил во затворската келија.

BG Deutsche Serienmörder | Mordprozeß gegen Rudolf Pleil und Komplizen
Рудолф Плајл на обвинителна клупаФотографија: picture-alliance/dpa

Јирген Барч: „Дете убиец“

Барч во 1960-те години убил четири момчиња на возраст меѓу осум и тринаесет години. Жртвите ги водел во бункер во близина на Вупертал. Таму ги принудувал да ја соблечат облеката, сексуално ги злоупотребувал, а потоа ги убивал и касапел. Петтата жртва успеала да побегне, зашто момчето не било веднаш убиено. Барч беше фатен и во 1967. година осуден на доживотен затвор. Подоцна казната му е намалена на десет години и е префрлен во психијатриска клиника. Бидејќи и натаму имал убиствени фантазии, во 1976. година се согласил на кастрација. Но, поради погрешна анестезија во текот на операцијата, доживеал смртоносен циркулаторен колапс.

Serienmörder Jürgen Bartsch
Јирген Барч на 21-годишна возрастФотографија: picture-alliance/dpa

Јоахим Геро Крол: „Ханибал од Дуизбург“

Крол, кај кого по неговото апсење во 1976. година е утврден многу мал коефициент на интелигенција, убил 14 луѓе. Неговите жртви биле во прв ред млади жени и девојки, многу од нив ги силувал и изел. Злосторствата ги извршил меѓу 1955. и 1976. година. Полицијата во неговиот стан во замрзнувачот пронашла спакувани делови од човечки тела. Во моментот на апсењето, на шпоретот, во посолена вода, варел раце и нозе од четиригодишно девојче, кое го убил претходниот ден. Во 1982. година е осуден на доживотен затвор, а неполни десет години подоцна умрел од инфаркт. Поради судска грешка, претходно три години во затвор поминал невин човек.

BG Deutsche Serienmörder | Joachim Kroll
Јоахим Крол ги јадел жртвитеФотографија: picture-alliance/dpa

Фриц Хонка: „Женоубиецот од Санкт Паули“

Помеѓу 1970. и 1975. година тој во својот стан задавил најмалку четири проститутки. Неговите недела се откриени случајно во 1975. година. Во негово отсуство, во станот избувнал пожар. Бидејќи Хонка ги сечел телата на своите жртви, еден пожарникар за време на интервенцијата открил скриени делови од човечки тела. Полицискиот службеник кој бил повикан напомош во станот открил ѕидови обложени со порно-фотографии.

Во 1976. година Хонка е осуден поради четирикратно убиство на 15 години затвор, а подоцна преместен во психијатриска клиника. По пуштањето во 1993. година, живеел во старски дом во Хамбург под друго име, каде умрел во 1998. година. За време на животот бил срамежлив и никому не паѓал в очи.

BG Deutsche Serienmörder | Fritz  Honka
Фриц Хонка крајот на животот го поминал во старски домФотографија: picture-alliance/dpa

Вернер Пинцнер: „Убиецот од Санкт Паули“

Пинцнер бил професионален убиец, убил до десет луѓе. Бил активен првенствено во хамбуршкото „црвено“ милје, работел за макро со име „Винер-Петер“.

Во 1986. година стана меѓународно познат. За време на сослушувањето за серијата убиства кои ги извршил, во седиштето на полицијата во Хамбург го уби државниот обвинител кој ја водеше истрагата, потоа неговата жена која била во истата просторија, и на крајот и себеси. Двата негови пиштола подоцна се изложени во Полицискиот музеј.

BG Deutsche Serienmörder | Werner Pinzner
Вернер Пинцнер го уби и обвинителотФотографија: picture-alliance/dpa

Улрих Шмит: „Празничен убиец“

Во периодот меѓу 1987. и 1989. година Шмит убил пет жени, а четири тешко повредил. Со оглед на тоа што најголем дел од убиствата ги извршил во текот на празнични денови, го нарекоа „празничен убиец“. Бил невработен и од своите жртви барал пари. Убивал во градот Есен.

Кога во август 1989. година силувал една медицинска сестра, напомош притрчал еден човек и Шмит избегал. На местото на злосторството останал фото-апаратот со фотографии од претходните жртви, слика на автомобил марка Опел и фотографија на неговата жена. Кратко потоа полицијата го фатила и го ставила во затвор.

Frauenmörder Ulrich Schmidt
Скица на Улрих Шмит направена во судницата Фотографија: picture alliance/dpa

Маријане Неле: „Ангелот на смртта од Келн“

Негувателката на постари лица е единствена жена на оваа листа. Полицијата се сомнева дека во текот на работниот век, меѓу 1984. и 1992. година, убила седумнаесет луѓе, а најмалку осумнаесет се обидела да ги убие. Нејзините злосторства секогаш изгледале исто: на своите жртви им давала смртоносна доза од антисептичкиот лек Труксал (Truxal). Во 1993. година е осудена на доживотен затвор поради седум докажани убиства, а Неле до денес тврди дека е невина.

BG Deutsche Serienmörder | Marianne Noelle
Маријане Неле тврди дека е невинаФотографија: picture-alliance/dpa/H. Reeh

Фолкер Екерт: „Убиец на проститутки“

Возачот на камион е одговорен за најмалку десет убиства. Првото го извршил како момче, успеал убиството на 14-годишно девојче од своето училиште да го претстави како самоубиство. Дури неколку години подоцна е обвинет и осуден на затворска казна.

По излегувањето од затвор, Екерт работел како возач на камион и своите следни жртви ги барал во Франција, Шпанија и Италија. Таму меѓу 2001. и 2006. година убил најмалку седум проститутки. Жените ги давел, потоа сексуално се задоволувал врз нив, а како трофеј земал прамени коса и делови од облека, кои ги чувал во возачката кабина или во својот стан. Откриен е со помош на безбедносна камера. Пред да биде осуден, се обесил во затворската келија во 2007. година.

BG Deutsche Serienmörder | Stephan Letter
Серискиот убиец Штефан ЛетерФотографија: picture alliance/AP/U. Lein

Штефан Летер: „Ангелот на смртта од Зонтхофен“

Овој негувател е одговорен за една од најголемите серии убиства во историјата на Сојузна Република Германија. Во баварското гратче Зонтхофен, во клиника каде работел, убил најмалку 29 пациенти во периодот меѓу 2003. и 2004. година. Како смртоносно оружје користел отровни инјекции.

Прво бил уапсен под сомневање за крадење лекови, а во 2006. година е осуден на доживотен затвор. Неговата аргументација - своите тешко болни жртви ги убивал од сочувство, државното обвинителство не ја прифати. Неговата желба била „да биде господар над животот и смртта“, стои во судското образложение со кое му се припишува посебно тешка вина.