1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Нацистички злосторници воделе детски одморалишта

Бенџамин Најт
15 август 2020

Милиони деца од Западна Германија биле испраќани во брутални „одморалишта“ меѓу 1950 и 1980 година каде што биле малтретирани и трауматизирани. Дел од домовите ги воделе поранешни нацисти.

https://p.dw.com/p/3gnVh
Kinderkurheim Mövennest auf Borkum
Фотографија: Quelle: Heimatverein Borkum

На нацистички воени злосторници им било дозволено да раководат со детски одморалишта во повоена Германија. Децата во нив биле малтретирани и  драконски казнувани, открива истражување на германскиот јавен сервис АРД.
Меѓудругото, истражувањето открива дека поранешниот СС офицер Вернер Шој, осуден за убиството на 220 литвански Евреи во 1941 година, управувал со детското одморалиште „Галебово гнездо“ (насловна фотографија) на островот Боркум во Северното море, откако ја отслужил казната.
Директор на друго детско одморалиште бил Алберт Фитен, лекар и член на неколку нацистички организации кој бил обвинител за еутанизирање на 20 деца за време на нацистичкиот режим. Според АРД, тој бил обвинет за соучесништво во убиство во 1963 година, но бил ослободен поради недостаток на докази. Фитен раководел со детско одморалиште во Баварија, каде бројни деца се жалеле на злоупотреби.

Нова светлина врз темната пракса

Откритијата им даваат нова димензија на искуствата на деца кои биле испраќани во специјални домови за едукација кои постоеле во Западна Германија меѓу 1950 и 1980-те години.
Новоформираната иницијатива на децата кои го преживеале ужасот и групите за самопош, проценуваат дека во тој период во одморалиштата и домовите биле испратени меѓу 8 и 12 милиони деца, честопати по препорака на лекари, училишта или здравствени институции, а престојот бил плаќан од здравственото осигурување.
Приказните за злоупотребите почнаа да се појавуваат во медиумите во последните неколку години, делумно затоа што локалните власти досега ги отфрлаа тврдењата на преживеаните како неосновани, како што и било кажано и на новинарката Лена Гилхаус, која пишувала за искуствата на нејзиниот татко за Дојчландфунк. 


Најголемиот дел од доказите од новото истражување се базираат на истрагата на Ања Рол, и самата дете кое престојувало во одморалиште во Хамбург, која собрала 250 сведочења од прва рака во последните 10 години, откако објави текст за сопствените страдања во 2009 година. Нејзината организација, која беше формирана пред две години, сега има над 3,000 членови.
„Имав пет години кога ме испратија“, раскажува таа за ДВ. „Првиот ден сите деца беа врзани за нивните кревети, и тоа беше голем шок за мене. Бевме казнувани и доколку зборуваме“.
Рол вели дека сведочењата кои ги собрала биле поддржани и од документи кои ги открила- особено жалби од родители и здруженија на млади.
„Децата се враќале уште поболни одошто кога заминале, биле неухранети и морале да бидат хоспитализирани. Во некои случаи, биле толку вознемирени што не ги препознавале своите родители“, вели Рол.
Нивните писма честопати биле игнорирани од директорите на домовите, кои веројатно биле заштитени од политички интереси, се сомнева Рол. А повеќето деца, вели таа, премногу се срамеле или биле премногу трауматизирани за да зборуваат за своите искуства.
Во еден случај, детето почнало да го јаде ракавот од пижамата и му било премногу срам да и каже на мајката што се случило. Во други случаи, родителите едноставно не им верувале на тврдењата на децата.

Deutschland Anja Röhl
Ања РолФотографија: picture-alliance/dpa/K. Rose

Нацистичка врска

Рол верува дека врската меѓу овие одморалишта и стариот нацистички режим била многу силна, делумно затоа што системот на детски одморалишта бил изграден во 1930-те години.
„Веруваме дека женскиот персонал од концентрационите логори се сокрил во детските одморалишта и таму добивале работа. Но тоа не е докажано“, вели таа.
„Нацистичкиот концепт за луѓето играл голема улога“, вели Рол, делумно и затоа што вработените во одморалиштата биле израснати во времето на нацизмот.
Стотиците приказни кои ги собрала Рол имаат многу заеднички нешта: Децата биле ставани во режим на екстремна дисциплина, драстично казнувани, одделувани од браќата или сестрите, ставани во изолација...
Ужасната храна била стандард- преживеаните раскажуваат дека биле присилно хранети на тој начин што нивната коса била врзувана за масите.
Рол раскажува какви трауми преживувале децата откако се враќале дома: слушнала приказни за обиди за самоубиство, деца кои страдале од депресија, станувале агресивни, или не зборувале и цела година по враќањето.
„Се враќавме различни. Се враќавме повредени и ранети, во нашите души и физички“.
Иницијативата на Рол сега бара од покраинските влади да ги отворат архивите за домовите, и да овозможат телефонски линии на кои преживеаните ќе ги раскажат своите приказни.

Мојот татко нацист

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи